19/10/2017

Две децении подоцна: Carcass – Heartwork [Earache, 1993]

Постирано на 20/09/2013 од во Трезор

Музичките правци, стилови, поджанрови и разновидни варијации се менлива, флуидна, категорија. Невозможна мисија е одредувањето дали се појавуваат од чист воздух или се производ на трпелива, безмалку невидлива, еволуција. Ако двете дилеми, сепак, ги ставиме на суд ќе има докази што на обете ќе им одат во прилог. Панкот, на пример, пред да детонира во пошироката јавност со Sex Pistols прво се таложеше во изразот на предвесници како MC5, The Stooges и New York Dolls. Доколку, од друга страна, го секцираме грајндкорот можеме до бенд и до албум да ги лоцираме неговите никулци – Napalm Death и Scum – без разлика што и тој е засаден во почва претходно наѓубрена од групи како Discharge, Amebix и DRI. Дел од оваа „археологија на аудионасоки“ е објективна, потврдена е од извори побројни од еден, а дел е апла субјективна.

Историски гледано, разоткривањето на вистинската хронологија има огромна тежина, особено за идните генерации. Не за да станат заробеници на минатото, туку од него да преминат во следниот степен на личниот и колективен развиток. Затоа ни е битно и се гордееме неизмерно кога (сме убедени дека) знаеме од која точка нешто потекнува, а тоа ги вклучува и музичките правци. Вредноста на тврдењево тројно се зголемува ако жанрот е доминантен и сеприсутен, но малкумина се свесни каде му се корените. Во хеви-универзумот мелодизираниот дет-метал изминатава деценија и кусур се проби низ замисливи и непознати пори. Во сè од треш до хардкор. Генерациите навлечени и заслужни за популарноста на стилот, сепак, првите лекции ги учат од зеленковци како Asking Alexandria, наместо од мајстори како At the Gates, In Flames, Dark Tranquillity, Carcass и поконкретно, четвртиот албум на последниве – Heartwork.

Компонирање: Залудноста, но и занимливоста, на задачата за пронаоѓање каде, како и кога точно стартувал мелодетот не спречи многумина последниве 20 години да кажат оти Heartwork на Carcass е образецот за сите идни вакви изданија. Нечесно, додуша и неточно, е од оваа равенка да се исклучат плочите на споменатата гетеборшка тројка. Британскиот бенд, сепак, се истакна за нијанса повеќе од нив во важно, можеби дури и клучно, поле – компонирањето. Нахрането од грајндкорот, а со тоа неразделиво и од панкот, авторството на дискот од октомври 1993 ја издигна групата од Ливерпул на височини што претходно ниту ги достигнале, ниту, пак, воопшто постоеле. Бил Стир, кој на половина траки е копотписник со Мајкл Амот (сега од Arch Enemy и Spiritual Beggars), внел хармонија во хаосот, сталоженост во суровоста, боја во бруталноста.

Вака напишани и подредени, овие контрасти се помалку поетски. Некој би се охрабрил да ги нарече лигави или несоодветно нежни за крут жанр каков што е металот, меѓутоа, тие мора да се гледаат и слушаат во контекст на 90-тите, кога олкава мелодичност не е вбризгана во типично дисонантниот правец. Дотогаш, тој беше само неизмерно мачен и тежок како и влажноста на воздухот во мочуриштата на Флорида каде што е и роден. Carcass таа напрегнатост ја разигра со хармонии, лидови и двоен гитарски танц кои се суштински за новиот бран на британскиот хевиметал (NWOBHM). Тие ги накалемија епските air guitar моменти на Iron Maiden со дет-стилот од САД, но и со сопственото искуство во втемелувањето на грајндкорот. Притоа, Heartwork не е навреда за основите од кои е произлезен, туку е нивно кревање и сместување во дотогаш нечуен контекст.

Денешниве мелодет-состави или тие што применуваат фрагмент или некаква верзија на правецот често го товат сопствениот израз со идиотштини и го комплицираат до степен на самоубиствена здодевност. Четвртата студиска збирка на Carcass, сосема спротивно, е разбирлива, хеви-класичарска, дури и панкерска во директноста. Кога има риф од кој што Земја се тресе, нему му се отстапува простор токму тоа да го прави – земјотрес да предизвика, а не да мутира од нечија потреба за докажување комплексност. Ако лидот е тој што, нели, треба да води, сè во заднина нему му се поклонува. Доколку двојниот бас-тапан е на ред да гази, останатиот оркестар малку се повлекува и со свој придонес го надополнува неговото мелење. Сето ова гарантира дека Heartwork засекогаш ќе биде исполнет со јасни, гласни и силни песни, а не со компонирачки пувежи кои не водат ама баш никаде – освен можеби во чмарот на неталентираните чаталџии.

Продукција: Нема претерана разлика помеѓу звукот на Heartwork и тој на споменатите шведски коосновачи на мелодичниот дет-метал. Скандинавците, сепак, носат извесна нишка на индастриал во студискиот тон, додека Carcass на своето пресвртно издание е за нијанса пооргански настроен. Гледано низ актуелна призма, Slaughter of the Soul се наметна како темплејт кон којшто и денес се стремат најголем дел артисти од жанрот. Билдањето на саундот е глупава, а сепак, модерна потреба и гетеборшкиот принцип е за степен поподатлив за тоа отколку тој што британскиот бенд ги применил на дискот од 1993 година. Тоа, сепак, не му ја намалува, дури можеби и му ја зголемува цената на акциите. Продукцијата, просто, тука е мрсна без вештачко дополнување. Таа осигурува дека сè ќе се слуша иако гитарите имаат носечка ролја. Најбитно, пак, е што сè заедно е собрано во микс што и денес сече грклани подеднакво крваво како и во 1993 година.

Изведба: Знаејќи дека се воспитувани на јаки дози панк нелогично е да се очекува од Бил Стир и бандата да бидат инструментално потковани како што Death или Cynic се навежбани во прог или џез-дисциплината. На Heartwork, сепак, Carcass демонстрира оти е солидно над свирачкиот метал-просек. Тоа што се формирале себеси слушајќи, пишувајќи и изведувајќи примитивен, но катарзично прочистен, жанр го свртиле во своја корист. Металците хранети исклучиво со металци на крајот често се претвораат во најригидни интерпретатори, а не и катализатори на сопствените идеи и емоции. Или кажано поедноставно – токму како резултат на панк и грајндкор заднината членовите на групата добиваат бонус-елемент во и бездруго импресивниот перформанс. Гитарите, очекувано, владеат, но и врисокот на Џеф Вокер е восхитувачки морничав, а тапаните на Кен Овен се истовремено прибрани и дивјачки.

Стихови: Како што Carcass се оддалечуваше од 1988, годината кога се појави дебито Reek of Putrefaction, така текстовите на Џеф Вокер стануваа сè помалку опседнати со деталниот опис на тела во распаѓање и нивно расчеречување, а сè повеќе приземјени и фокусирани на поширокиот, општествен, контекст. И Heartwork е живописен, авторот користи термини како колеж, мелење и измачување, меѓутоа, нагласено позначителна улога имаат фрази како ментални рани, запалени кралства и сетилна корупција. Тие се сместени во поширокото опкружување. Зборуваат за тоа како сме дехуманизирани и претворени во топовско месо, како служиме на круна на пиони или како ни се продава повеќезначност во висока резолуција. Стиховите не се напишани како космички врвна поезија, но се интелигентни и повеќеслојни. А со тоа како завршува албумот содржат и доза на визионерство: Machine coded, reduced to hard memory, in a data base. Digitalised, statistical obituary, your only legacy, your final resting place.

Севкупно: Навраќањето на прашањето за важноста на конкретно цеде во креирањето цел еден жанр сигурно делува отапувачко, но ако збирката и по музичка вечност од 20 години парталосува безмислосно, додевањето е заслужено. Не само што е оправдано, истакнувањето на вредноста на Heartwork е и посакувано зашто може да се вброи меѓу првите лекции во нечии часови по предметот „Вовед во мелодичниот дет-метал“. Во актуелнава ера на опстојување на жанрот има бендови кои технички се попотковани и чија продукција е понапредна. Тие, од друга страна, воопшто не се (или минимално се) издигнуваат над она што Carcass со поназадна технологија и помал буџет го постигна пред две декади. Албумот можеби нема најсовршена срцева работа, меѓутоа, има такт и течение кои и во наредниве децении ќе го чуваат од инфаркт, а со тоа и од сигурна смрт и бришење од колективната меморија.

Оцена: 96/100

Артист: Carcass
Албум: Heartwork
Датум на објава: 18 октомври 1993
Продуцент: Колин Ричардсон
Издавач: Earache

Листа на песни:
1. Buried Dreams – 3:58
2. Carnal Forge – 3:54
3. No Love Lost – 3:22
4. Heartwork – 4:33
5. Embodiment – 5:36
6. This Mortal Coil – 3:49
7. Arbeit Macht Fleisch – 4:21
8. Blind Bleeding the Blind – 4:57
9. Doctrinal Expletives – 3:39
10. Death Certificate – 3:38

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>