The Wolverine: Поема за самурајот со канџи

Суперхероите, со префиксот накалемен на и онака очигледната величина што ја носи јуначката улога, по дефиниција се врзани за грандиозност. Почнувајќи од коренот, чија што семка е вообичаено засадена во чудачката, изгнаничка, природа на носечкиот лик и завршувајќи со мотивите, целите и поттикот, овие планетарно популарни карактери се испреплетени со возвишеноста. Содржана вообичаено во сè – од безначајни потези како спасување маче заглавено на дрво до подвизи со космички пропорции од типот „користење лост за планетата да се помести од патот на незапирлива комета“ – ваквата благородност е неодвоива од стрип-жанрот, а со тоа и од неговите филмувани верзии. Нема дилема оти во таа точка се трупа предност ако се има предвид колку милуваме да се проектираме себеси во ролјата на овие современи витези.

Изминативе години, пак, овие остварувања токму тука, на полето на грандиозноста од банални размери, забрзано таложат слабост. Со Man of Steel се чини дека летово беше достигнат врвот на изнасилената апокалиптичност која и покрај тоа изгледа оти нема којзнае колку да се стиши барем во следните десетина и кусур месеци. Фина кривина од таквиот тренд меѓу блокбастерите фаќа The Wolverine. Спротивно од сите стрип-екранизации сезонава (не само во најжешкиот и најнатисканиот период со наслови) делото режирано од Џејмс Менголд се решава за странична патека. Таа не е целосно изолирана од општиот, поширок, свет во којшто опстојува, но избира да раскажува со јазик поблизок до самиот јунак и неговиот измислен универзум отколку до стварноста во која што ние вирееме.

Специфично, приказната го влечка херојот на своевиден аџилак во Јапонија. Лакомко (неповикан, но се обидувам да му дадам шеговито македонизирано име врз основа на непотврден превод на зборот Wolverine) арчи време лутајќи низ национални паркови и во лавиринтите на сопствената психа додека друштво му прават гризлија и несовесни ловџии кои нозете ги пуштаат подалеку од чергата. Логан (сериозно, така прописно се вика, не испробувам вицеви) е на беспаќе, живее со и бездруго, за визиите со Џин Греј, неговата нереализирана љубов. Шансата за фокусираност без навестување се појавува како Јукио, млада мутантка која го кани да оди на Далечниот Исток за да се раздолжи со човек чиј живот го спасил од нуклеарно стопување во Нагасаки. Тука, на потегот од смртноста до вечното битисување левитира доминантен дел од натамошниот заплет.

Бесконечна тема, ќе си речете (и ќе бидете во право), но во претходните остварувања за X-Men овој сегмент од карактерот на ликот одигран од Хју Џекмен не беше обработен. Во тајмлајнот на досегашните филмови за мутант-јунаците, случувањата во актуелниот проект се сместени по третото продолжение The Last Stand и по Origins од 2009 година. Служејќи само ориентациски, овој детаљ е минимално значаен за следење и разбирање на сторијата. Вешто искористувајќи ја предноста што ја носи необременоста со стари настани режисерот и сценаристот креирале простор во којшто публиката има можност подобро да се запознае со Логан Човекот и Вулверин Мутантот. Фрлајќи го во Јапонија тие отвораат низа прашања, како традицијата, честа, нужноста од пронаоѓање потреба за живот, вредноста или празнотијата на бескрајното срцебиење и секако – љубовта.

Јасно е дека и сите овие спаѓаат во групата на Велики дилеми, меѓутоа, за промена, тие се свртени навнатре, кон трагање спас на личното, наместо нанадвор, кон избавување од пропас  на човечкиот род, планетата, димензијата или на космосот. Супербрзото заздравување на Логан го инспирира да се сомнева дали соодветно го користи вечниот живот што му е доверен или оваа негова моќ е, всушност, бесполезна доколку се скита наоколу без да се исчепка некаква смисла. Истата карактерстика на Вулверин е повод да се истражи и нагонот за ревносно бркање на најголемата желба – бесконечното опстојување – што ги претвора луѓето во егоистични газачи на судбини. Анималноста, бесот и жестината кои се типични и за животинката според која херојот е именуван се судрува со почитта и со дисциплината коишто се темел на древните далекуисточни вештини. Над овие главни и неколку други споредни теми е поставена модернизирана, стриповска, интерпретација на класичната „спаси ја принцезата од замокот“ љубовна приказна.

На хартија – можеби во некоја похрабра варијанта на сценариото – сето ова собрано на куп навистина ветува. Преточено на лента, сепак, само пристојно забавува, меѓутоа, и разочарува поради очигледниот потенцијал што останал нереализиран. Технички, во поглед на специјалните ефекти, во изборот на локациите, во изгледот на околината и во кореографијата на физичките пресметки, ситуацијата е повеќе од солидна и покрај тоа што не постоела никаква потреба од 3Д-конверзија на материјалот. Потпаѓањето под влијанието на студиските директори и на пазарот (иако тој полека се заситува од овие парошмукачки стереоскопски измами) ја отсликува и нерешителноста на екипата до крај да нагази со доразвивањето на горенаведените интересни аспекти.

Отприлика до средината, додека сторијата се поставува и полека зема замав, се билда оптимизам оти ќе се оформи појасна, попрониклива и позанимлива слика за носечкиот јунак. Наместо тоа, заветот до финиш-линијата се извитоперува во безмалку индиго-ископирана скица на поголемиот број наслови од истиот жанр. Времето потрошено на гледање во неа не е бескорисно до неподносливост. Во текот на процесот ќе заклучите дека The Wolverine не е филмот што ќе го дефинира херојот на сребрениот екран (без разлика што она „the“ во насловот баш тоа го навестува), ама е за нијанса натпросечна поема за самурајот со канџи. Најсликовит доказ колку тие (не) се наострени, впрочем, е фактот дека епилогот скриен во одјавната шпица ја враќа тежината во „читањето“ што е на раб да биде десеткувана од минливите трет и четврт чин од севкупното течение.

Оцена: 70/100

Наслов: The Wolverine [„Вулверин“, официјален превод]
Премиера: 24 јули 2013 (Скопје) / 26 јули 2013 (САД)
Режија: Џејмс Менголд
Улоги: Хју Џекмен, Хиројуки Санада, Тао Окамото
Продуценти: Лорен Ш. Донер, Хју Џекмен, Хач Паркер, Џон Палермо
Сценарио: Марк Бомбек, Скот Френк
Базирано на: Wolverine од Крис Клермонт и Френк Милер
Музика: Марко Белтрами
Студио: Marvel и други
Дистрибуција: 20th Century Fox

Слични написи

Остави коментар