Звучни резови #7: Relapse vs Southern Lord

Сонце пече, мохитца се мешаат, мокри ноџиња се фоткаат, а пред нив тиркизно море се распослало до бескрај. Значи време е за галовни звуци, распекмезени стихови и весели рефрени. Не. Категорично – не. Секој, нели, како што милува, но ако мене ме прашате (пак ќе повторам, никој тоа не го прави) никаква заслепувачка изгор-светлина не може да се испречи на желбата за преслушување мрсни, масивни и морничави мракоини. А каде тие ќе ги најдеме ако не во списокот со бендови што се дел од издавачките куќи Relapse и Southern Lord. Работат, секако, и други со слична смртоносна понуда, ама со првата од двете од поодамна се дружиме, а на втората особено можам да се потпрам изминативе три-четири години. Освен што се повеќе ориентирани кон андерграундот и екстремното (знам, има побрутални) отколку кон бркањето освојувачи на топ-листи заедничка за двете етикети е квалитативната стабилност и носот за ископување бисери од подземјето. Огромен бонус: сите нивни артисти стварноста не ја гледаат со розови очила. Затоа, продолжете да читате и почнете да слушате исклучиво ако имате стомак за катарзична, ревносна и калорична музика.

ASG – Blood Drive [Relapse]
Оцена: 78/100
Датум на објава: 28 мај 2013

Претераното, бесрамно и невоздржано, кокетирање и применување поп-вредности во метал-светот секогаш било дочекувано со светкав, убиствен, сатар. Антирелигиски е слаб збор за одбивноста на жанрот кон организираната вера, но ако нешто би можело да се смета за грев, тоа бездруго е леснотијата, наспроти тежината. Имајќи го сето ова на ум и истовремено слушајќи го Blood Drive се разбиструва заклучокот оти авторите ASG воопшто не се обременети од ваквата канонска строгост. Тие самоуверено везат стоунер-замагленост, чии корени се во мачнината на Black Sabbath, при што истата ја трансформираат во разнобојна, распуштена и развеселена журка на гитарски рифови и вокални мелодии. Ништо на дисков не е комплицирано, освен сложениот амалагм од лични искуства и шарени вкусови што се претопува во прост и прегледен израз.

Едноставноста, сепак, тука не значи и тривијалност. Како и сите бендови или артисти кои не само што не се плашат и не се срамат, туку отворено ја прегрнуваат певливоста, така и четворката од Северна Каролина под површинската секојдневност наталожува слоеви од лукавство, техника и умешност. Останувајќи во дослух со традицијата, но и не затнувајќи ги ушите за совремието, составот креира комбинација од поп-химните на Torche и алтер-запаметливоста на последната фаза на Baroness. Слабоста е лоцирана во непостоењето првокласни, инстант препознатливи, парчиња какви што има групата на Џон Дајер Бејзли, но тоа не значи оти ASG се аматери кои залутале на непознат терен. Сосема спротивно, тие натпросечно си го познаваат занаетот. Косата на слушателот не се крева при вртењето, ама Blood Drive е потентна храна за стоунер-изгладнетите.

Locrian – Return to Annihilation [Relapse]
Оцена: 83/100
Датум на објава: 25 јуни 2013

Кошничката на Return to Annihilation, новото и којзнае кое по ред студиско издание на Locrian, ме потсетува на дилемата: што, всушност, човечката раса ќе остави зад себе по харикирито што 100 отсто ќе го изврши. Празна, оставена на пуст и замаглен паркинг, таа го подвлекува нашиот нагон за материјалистичко трупање, ама не со јасна намера и визија, туку со бесцелност што води до самозадушување. Количката за шопинг можеби не е генијална инженерска креација што предизвикува восхит, но е отелотворение на сè што (сакаме да) правиме – од купување предмети за кои сме свесни дека не ни требаат преку јако држење на рачката за туркање мислејќи оти на тој начин го контролираме сопствениот живот до чувството дека имаме речиси бесконечен избор со тоа што сме влегле во рај од перфектно наредени рафтови што се протегаат до недоглед.

Спојувајќи го ноизот, пост и краутрокот со дет-блек-металот и електрониката, групата од Чикаго и Балтимор со куси и неразбирливи стихови не кажува антикапиталистички или контраконзумеристички мисли. Како и звукот, така и зборовите им се исполнети со апстракција. Кога поимов е применет во музика таа често знае да биде одбивна, да се оддалечува од восприемачот, да ја слави студеноста. Колекцијава, што претежно е инструментална со врискачки гласовни инциденти, несомнено е смрзнувачка, но ниту бега, ниту се дистанцира од слушателот. Таа го повикува со нежност, го вовлекува со репетитивност, го транспортира со лебдење, го шокира со вриштење и го смирува со рафинирано прелевање на тоновите. Клучната поента е дека сè ова не е склопено како предвесник на апокалипса туку како (на)враќање откако уништувањето завршило.

Unkind – Pelon Juuret [Relapse]
Оцена: 82/100
Датум на објава: 9 јули 2013

Еден, два три, за позор, хорски повторувајте: Discharge, Amebix и Black Sabbath. Така до бескрај. Додека таа вечност се одвива, сепак, уфрлете и замрачена атмосферичност специфична за групи како Mogwai или Explosions in the Sky и оваа мешавина спојте ја со финскиот арктички студ. Резултатот е Unkind, петорка од Хелсинки што на најтазе албумот Pelon Juuret звучи како брза, д-бит, хардкор верзија на Godspeed You! Black Emperor. Денес активно творат и настапуваат уште поандерграунд бендови кои не би се придружиле ниту на брутално, но медиумски експонирано семејство како Relapse, но Скандинавциве и со тоа однадвор наметнато бреме се во секој поглед „подземни“. Од црно-белата, замаглена, а толку јасна обвивка, до придушената, а суперизразита дисторзија, плочата е отелотворение на сè што рие, врие и труе под површината.

Да, тоа укажува дека ова не е саундтрак за смирување нерви по емотивната вртелешка наречена „опсесивно гледање на сите возможни турски теленовели синхронизирани на изворен античко-македонски јазик“. Не, ова е валкан вокално-инструментален портрет на бербат-стварноста што изгледа розово само во гебелсовски фингирани прилози на телевизија и квазипросветлени текстови на популистички њуз-портали. Грубата слика составот ја изработува со основни бои од погореспоменатите панк и хеви-пионери, но веднаш врз нив нанесува концентрат од отров, киселина и хемикалии карактеристични за нашата актуелност. Или како што преводот на насловот Pelon Juuret истакнува, на последното цеде Unkind не се обидуваат да нè утешат, погалат или да нè прегрнат по сè што ќе видиме на вести, туку со заушка ни ги посочуваат корените на стравот. Дали ќе ги видиме е личен избор, но и по едно вртење на дисков, невозможно е да ги одминеме.

Nails – Abandon All Life [Southern Lord]
Оцена: 85/100
Датум на објава: 28 март 2013

Тежината, извлечена од хеви-префиксот, како и од масивноста проектирана од звукот, е засекогаш сврзана со металот. Консензус за овој заклучок ќе дадат сите – од лаички познавачи преку просечни слушатели до потковани обожаватели – но до единствена дефиниција за тоа што, всушност, е парадигма за „тешко“ речиси невозможно е да се дојде. Во купот од потенцијални објаснувања, можен одговор е довербата (во себеси и во пристапот) дека тоа што го создавате е доволно масивно да исполни помалку од 20 минути од плоча, а сепак да остава впечаток на колекција од скоро еден час. Вториот албум на Nails од Јужна Калифорнија, Abandon All Life, целосно влегува во оваа графа – трае 1.000 и ситно секунди, а дрмоли како илјада земјотреси што удираат во серија. Материјалот (не) изненадува со безочноста, но шокира со привлечноста.

Свирепоста на четворката доаѓа од агро-хардкор темелите врз кои што е полиен бетон од јаки метал-рифови, зовриен панк-гнев и склопчен шизофречничен грајнд. Буквално од секој атом на ова гласно звучно соединение испира прочистување низ кое минуваат членовите на бендот и во кое ги впуштаат тие од надворешната страна на звучниците. Доминантен дел од процесов делува крајно инстинктивно, животински и примално – како што и треба – меѓутоа, со внимателно и со повторено слушање станува очигледно дека станува збор и за занатски осмислено и реализирано аудиотечение. Тензијата не е новина во овие апла-агресивни стилови и наместо експоненцијално да ја крева Nails со неа креира екстремни подеми и нагласени падови. Додека тоа се случува комплетно се оправдува мислата впишана во насловот Abandon All Life – време е сегашниот (начин на) живот да го напуштиме. Или ние или природата тоа за нас ќе го направи.

Power Trip – Manifest Decimation [Southern Lord]
Оцена: 81/100
Датум на објава: 11 јуни 2013

Бендовите што цела кариера не можат да смислат еден, единствен, асолен риф не се добројуваат, а Power Trip на дебито Manifest Decimation ги испукува манијачки и без молекул грижа како во подземен сеф веќе да има складирано уште илјадници. Тие на албумов не припаѓаат само на низата основачки елементи, туку се јадрото околу кое што сè останато гравитира. А влечната сила што составот од Далас ја емитува преку гитарите е – богами – косокревачка и адреналинопумпачка. Свесен сум, кованициве се бестијално неправописни и засмејувачки невозможни. Потполно иста е и енергијата што петорката успева да ја збие во осумте песни од колекцијата со прецизност како славното стуткување автомобили во Breaking Bad. Како и во серијата, со машинска точност се стиска студен екстериер (возило) кој внатре има жива материја (човек).

Пулсирачката срцевина на збиркава е безмалку чистокрвен хардкор, додека неговата импресивна школка е дифтарски треш-метал. И двата правци групата ги обработува од аголот на 80-тите години, меѓутоа, со јароста, јачината и јадежот карактеристичен за 21 век и особено, за глобалното општество заглибено во банкарски поттикната криза чиј цех го плаќаат најневините. Контролата, визиите за деструкција и други пресликувања на реалноста верно ги исполнуваат запустените стихови, а нивната разурнувачка снага е за неколку степени зголемена со гневното инструментално лице на изданието. Тоа не е револуционерно, ама не е ниту носталгично. Со него не се поместуваат жанровските граници, но ниту се глуми ретро-комедија. Напросто, Power Trip пишуваат музика и ја свират ревносно како хардкорци, нервозно како панкери и вешто како металци, што на првенчето резултирало со восхитувачки агресивен манифест на десеткувањето.

Dead in the DirtThe Blind Hole [Southern Lord]
Оцена: 80/100
Датум на објава: 6 август 2013

Сите што нелогично долго и несфатливо прекумерно ги надградуваат своите музички видици доаѓаат до неминовен стадиум. Жанровите тогаш стануваат товар, а опитите се претвораат во врвно спасение. Многумина од овие љубопитници тука прават фатална грешка. По години и години хранење со звук занимливо голем број аудиописмени лица си замислуваат дека го достигнале зенитот на сопствената слушачка еволуција и од таа точка натаму вредни за нивното драгоцено внимание ќе бидат исклучиво артисти кои тешко се категоризираат. Остро и искрено кажано, ова е куп од арогантен, смртоносно смрдлив, човечки измет. Сложените експерименти носат напред, а традицијата варди етаблирани вредности за идните генерации, но ограничувачки е да се верува дека од директноста и разборитоста нема што да се извлече.

Дебито на Dead in the Dirt, соодветно насловеното The Blind Hole, не скршнува далеку хардкор-грајндкор-дет мешавината, но тоа не му е слабост. Фактот што не крева веѓи со нечуена оригиналност не му е предност, ама тоа е надоместено со немилосрдност што истовремено буди морници и раѓа фасцинација. И покрај тоа што не станува збор за типични песни, туку повеќе за експлозии на катарза, бендот стиснал 22 од нив во 24 минути и успеал да внесе цврста нишка на кохерентност во намерниот хаос. Ниту збор од стиховите нема да разберете зашто гласот е поблизок до вепар отколку до човек, а со музиката тешко да се воспостави стабилна врска бидејќи додека се закачите за еден риф се изнаредиле уште седум. На крајот, се чувствувате како низ уши да сте пуштиле цела планина гнев и сте осетиле каква е внатрешноста во безимена, црна, дупка.

Слични написи

Остави коментар