20.000 евра под морето од субвенции

Македонската естрада е друштво што создава поп-музика која, не само поетски, туку и фактички е мртва уште пред да се роди. Членовите на оваа збирштина, без разлика што не можат и себеси да се залажат да веруваат во спротивното, се и здодевни плачковци. Читајќи чат-пат интервју или изјава за да уловам врвен метафизички бисер изминативе неколку години лесно ја забележав мантрата: спонзорите нè игнорираат, оставени сме на цедило кога ќе посакаме да снимаме албум, не постои начин да обезбедиме пари за да ни напишат сингл, а фотошопираните спотови останаа пусти соништа. Или кажано поинаку: пискотници се слушаат од синтисајзери до матрици за плејбек. Лигавењето, особено доколку нема никаква основа во реалноста, катадневно се покажува дека во Македонија дава извонредни резултати. Само треба да е доволно густо и константно. На нашите маалски забавувачи, кои замислуваат оти имаат капацитет како глобалните ѕвезди, течното, непрекинато, кукање им обезбеди предлог-закони за поттикнување на творештвото и за поддршка на музичката продукција.

Како божем рацете да им се стврднати од одгледување тутун, а не карактерот разгален од мигот кога службата ја почнале со четка пред огледало, фолк и поп-композиторите, заедно со интерпретаторите, на пат се да добијат дебели државни субвенции. Ако тие кои избрале музичка вокација досега самите со го плаќаа креирањето на триминутните парчиња радиска тортура, отсега целата јавност, со буџетски, со граѓански, пари ќе го спонзорира ова малтретирање. Во зависност дали се во прашање песни за клинци или, пак, дела од самодефиниран суперстар, тие ќе бидат наградени со суми од 400 до 4.500 евра. Да, добро прочитавте – четири илјади и петстотини од ЕУ-валутата или повеќе од 275.000 денари. Не за цел албум, туку за сингл-нумера. Помножете ги овие и другите слични цифри со 200 траки во различни категории и балонот достигнува ширина од неколку стотици илјади евра. Дотациите не се непозната и однапред лоша форма за поткрепа и зајакнување на сегменти од културата, но ако се користат како вештачко дишење за природно завршени кариери тие бездруго се пари фрлени во ветар.

Буквално, сепак, тие ќе завршат во џебовите на грст луѓе кои паднале на трите теста што се најбитни кога станува збор за музика и за каква било уметност – на времето во кое што творат, на критиката која ги оценува и на публиката што ги восприема. Ако без едно може пристојно, без две минимално, без овие три квалитети одеднаш не се ни помирисува мастило, а камо ли да се стави печат за релевантност на нечие творештво. Мнозинствто ликови запустени од желбата за шуплива слава исполнуваат критериуми за последната категорија и затоа најчесто се навикнати на ѕверење во празна сала. Да беа доблесни пред себе и свесни за ерата во која што опстојуваат одамна ќе сфатеа оти сега, повеќе од кога било претходно, работата, макотрпниот, запотен, напор, се тие што овозможуваат ем да креирате звук ем од него да плаќате сметки. Несомнено, ова се и години кога симболичната фраза за сечија шанса за 15 минути слава на Енди Ворхол се претвори во опипливо виреење под рефлекторите помалку од 300 секунди со помош на социјалните мрежи, селебрити блогерите и лажно реалната телевизија.

Тоа, сепак, е нагласено краторочно исто како што разделувањето финансиски средства за производство музика за широките народни маси е кусогледо. Додека македонските естрадни миленичиња цивкаат оти немаат опции како да го наплатат талентот (ѓоамити за тоа се добива тапија за вечен приход штом помислите на нота) претставниците на светската поп-култура грчевито се напрегаат за да ја придобијат секоја индивидуа. Тие знаат дека за убедливото мноштво кои се навлекле на креативниот аудиоповик трудот, она р’мбачко печалење, е најсигурна можност за физичко кеширање на умствено дело. Свесни оти од авторски права, тантиеми и лиценцирање живее малцинство кое секој ден станува сè помалубројно тие воглавно се потпираат на лајв-настапите, а влогот во нив им се студиските остварувања кои го оправдуваат одењето на турнеи. Ако тоа се дополни со широчината и варијантите што ги нуди веб-просторот се кристализира оти овдешните „познати“ музички фаци се мрзливци исплашени од лична незапознаеност со параметрите според кои функционира современиот свет.

Наместо целосно да се прилагодат, темелно да се образуваат и решително да се фатат во костец со актуелната теренска природа на нивната професија, тие (скоро сигурно) се изборија за продолжување на своите занимања по застарени правила. Потврда дека не е во игра инцидентно смислена легислатива туку комплетно промашена политика која на долг рок само ќе го засили неминовниот пад дојде од конкурсот на манифестација што сè уште се прпелка од чиста носталгија. Така откривме дека под морето од субвенции натрупани се и 20.000 евра за прва награда на фестивалот на забавни мелодии „Скопје 2013“. Преценувањето продолжува и со десетте илјади за второ место и со 5.000 евра за трета освоена позиција.

Сликовито, тоа е брдо пари или вкупно, 45.000 од насушната ЕУ-валута. Доколку членувавме во оваа заедница (не ја идеализирам) или, напросто, ако размислувавме слично – прагматично и визионерски – веднаш ќе ни текнеше дека со овој износ што манифестација ќе го додели во една година може од паркет до жици да се направи јавно студио кое ќе го користат генерации и генерации млади музичари. Или истите тие да снимат, испечатат, издадат и на турнеја да промовираат 45 албуми. Или да се инвестира во мал милион други алатки и идеи со кои милијардапати попрактично се поддржуваат и поттикнуваат домашното творештво и продукција. Придобивката е што овие групи или индивидуалци (најмалку тинејџери, најмногу 30-годишници) со силна посветеност живеат и потпишуваат дела во совремието. За разлика од естрадата, која одбива да создава додека некој не ѝ гарантира профит, независните аудиоуметници (тоа се, без разлика на жанрот) долго време креираат наполно свесни оти единствено им е осигурано збогатувањето на духот – својот и колективниот. Сè што одамна, а и сега им е потребно, е пристојно поттурнување. Ова е фактичка потреба на вистински вредни автори, а не на позери со шоубизнис-фиксација, ама и фантазија на која што и самиот Жил Верн би позавидел.

Илустрации: Лео и Дајен Дилон

Слични написи

Остави коментар