21/09/2018

Vampire Weekend – Modern Vampires of the City [XL, 2013]

Постирано на 12/07/2013 од во Албуми, Музика

Сите петки, факултет што носи пари, диплома која ги привлекува, кариера што ветува и кредит со хипотека кој до смрт исцрпува. За сето ова има една фраза: животен успех. Благодарение на родителите, со оваа парадигма сите сме детално запознаени и тоа по буквално ист хронолошки редослед. Добронамерноста на желбите на нашите „стари“ е неспорна, но со пусулчето на кое што е запишана долговажечката формула за сигурно и стабилно битисување денес можеме задник да бришеме. И притоа да се издраскаме од распаднатата боја со која биле испишани буквите од оваа мантра на опстојувањето во последниов половина век. Сега, сè е остварливо и ништо не е возможно, не само во исто време, туку во една секунда. Така крахира цел западен економски систем, така 20 илјади луѓе губат работа, така доктор на науки по историја е заменет од комерцијална мобилна апликација или од доброволен веб-сервис како „Википедија“.

Токму оваа насилна и нагла променливост, разголеност и подложност на врв и на дно на помладите генерации е тема-арматура околу која што е обвиена воодушевувачката структура на Modern Vampires of the City, третиот албум на Vampire Weekend. Не е во прашање колекција полна кукање и лелеци од група разгалени хипстери чиј најразорен стрес бил неколкудневното чекање што следува од моментот кога Apple ќе најави нов модел на iPhone до мигот кога DHL ќе го испорача на безгрешно искосениот тревник од нивната идилична куќа во предградието. Суштински, дискот не е ниту доминантно политички, ниту социоекономски агресивен. Приказните за љубовта, некако класично рокерски, командуваат со површината, но контекстот и опкружувањето во кои што тие се одвиваат мирисаат на еволуцијата на светогледот, како и на самиот свет. Бонусот е што сè ова е компресирано во куси, инспиративни и звучно весели поп-песни.

Музиката на милионите од проникливоста на The Beatles се сведе на провидноста на Rihanna, Psy или One Direction, но Vampire Weekend се свесни дека пишувањето топ-песна, што може да поврзе и да поттикне, не е залудна мисија. Трошка сомнеж нема оти ова е ризичен предизвик, често и сизифовски проколнат, ама од 12-те парчиња на Modern Vampires of the City се слуша исплатливоста. Таа е резултат на храброста и на посветеноста на бендот да напише збирка што ќе стигне до безброј уши кои притоа ќе бидат исполнети со интригантни метафори наместо со исушени зборовни нафори. Со бесперспективната судбина на човек без работа и со намера новото зајдисонце да му биде последно во Obvious Bicycle се забрзува ролеркостерот со угорнини и удолнини. Бурната вртелешка допира до неверниците, фаќа чекор со здомувањето, го разоткрива болното умирање млад, се движи од откровението до издигнувањето, се осврнува на господарите, ги открива обожувачите. До неразјарените лавови, пак, испраќа иронична порака оти има време да се прилагодат на драстично посуровиот  ред на еволуцијата.

Не станува збор за повик за револуција, но во сето ова има силна доза на судрување со преовладувачкото чувство на безизлезност, неиспирираност и мрзеливост. Составот до овие поенти пристигнува поприлично меѓу редови (всушност, можеби и воопшто не ги чепнува, но ако ги барате, ќе ги пронајдете). Тие користат исклучителна литературна и културна писменост без да остават впечаток на арогантни арт-пувежи кои со илјадници страници од лексикон ја кријат композиторската импотентност. Четворката од Њујорк нема таква слабост. Нивната музика е инди-рок во врвна форма која што претставува природна, разбирлива, (нај)логична прогресија од првите две студиски остварувања, а особено од натпросечниот претходник Contra. Афробит, клавијатури, електроника, сè што ја развртуваше плочата од 2010 година го ротира и тазе материјалот. Исчекорот е најочигледен во поп-занаетот, поле во кое што Vampire Weekend се издигнале на ниво на искусни мајстори со најреспектабилни достигнувања. Поради тоа Modern Vampires of the City – во исто време – е сликовит опис на модерната генерација градски вампири и албум што директно во аортата вбризгува осовременет рокенрол во ХД-резолуција.

Оцена: 93/100

Артист: Vampire Weekend
Албум: Modern Vampires of the City
Датум на објава: 14 мај 2013
Продуценти: Ростам Батманглиј, Ариел Решид
Издавач: XL

Листа на песни:
1. Obvious Bicycle – 4:11
2. Unbelievers – 3:22
3. Step – 4:11
4. Diane Young – 2:40
5. Don’t Lie – 3:33
6. Hannah Hunt – 3:57
7. Everlasting Arms – 3:03
8. Finger Back – 3:25
9. Worship You – 3:21
10. Ya Hey – 5:12
11. Hudson – 4:14
12. Young Lion – 1:45

Тагови: , , ,

2 Responses to “Vampire Weekend – Modern Vampires of the City [XL, 2013]”

  1. Ивана 12 јули 2013 at 16:06 #

    Настрана композиторската брилијантност и продукциската елаборативност на Ростам, многу малце си спомнал за тоа што (според мене) е главна одлика на албумов. Ако на претходните два Езра пишуваше за егзотични одмори, факултетското секојдневие и condescending girlfriends (или архитектура, интерпункција и пијачки како што ги навредуваа, небаре with great music comes great philosophical thought) сега е опседнат со краткотрајноста на животот, времето, смртноста, младоста и староста, верата, религијата, со carpe diam и yolo.
    И кога поп-конкуренцијата се натпреварува со we stay up all night to get lucky и спотови со цицки, овие враќаат со Wisdom’s a gift, but you’d trade it for youth. Age is an honor – it’s still not the truth и спотови со референци на библијата.
    Цела рецензија во коментар. sorry, not sorry =)

    • Александар Саздовски 12 јули 2013 at 16:11 #

      Па добро, не дека баш малку сум спомнал. Тоа што ти го нагласуваш е елемент во моето видување дека албумот е зрел поглед на млад човек кој сфаќа дека општеството е радикално променето. Се согласувам дека тоа што го издвојуваш го има, но е дел, а не е главна одлика на поголемата слика што ја опишувам. А за музиката имам одвоено одвај еден параграф, така што, пак фокусот ми е на пораките 🙂


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>