Vampire Weekend – Contra [XL, 2010]

Ако на Contra, вториот албум на Vampire Weekend, му пријдете со ум што не е фино изделкан од туѓи блог-коментари, веројатно ќе заклучите дека во њујоршкиот состав членуваат прилично талентирани поп-автори. Ако, пак, ве обезме нелогичната веб и медиумска опсесија со образованието на четворката (завршиле на Ајви Лиг универзитетот Колумбија), нема да биде изненадување доколку ги отфрлите како разгалени деришта што за рокенролот се решиле од едноставна причина – им се може. Дури и да го одбрале од чист каприц (а не е така), добро е што, сепак, се одлучиле да ги снимат своите музички идеи од друга, исто толку очигледна, но далеку побитна причина – ги бива. Доказот е Contra.

Пред 2008 година, кога Vampire Weekend го објави дебито именувано по бендот, беше бизарно да се помисли дека афро-попот и ска-звукот ќе си најдат место во првата лига на инди-жанрот. Групата не истури мешалка бетон од овие два правци врз својата музика, но нивните влијанија беа и тоа како забележителни. Надополнет со малку синтизајзерски рокенрол, стегнат во куси, две-три-минутни, поп-исечоци, како и стихови напишани од пејач што прочитал повеќе од една сликовница во животот, пристапот на Vampire Weekend им обезбеди мегафонско одобрување и пофалби од хипстерската заедница и солиден комерцијален успех за дебитанти. Не е оти не ми легнаа, но лично, на првиот диск забележав повеќе потенцијал и стопроцентно нерафинирана реализација. На овие две полиња, Contra повеќекратно го подобрува впечатокот.

Песните се подобро компонирани, а звукот поконцентриран, елемент што ја истакнува нивната паметна економичност. Огледало за неа е бројот на нумери (десет) и времетреањето на плочата (36 минути и 37 секунди). За бенд што не крие дека е литературно и престижно факултетски поткован, Vampire Weekend звучи солидно непретенциозно, по малку аскетски. Има тука доволно китење на композициите – семплови, клавијатури, удирачки инструменти увезени од егзотичната Африка – но, импресијата е дека тие се уфрлени со мала воздржаност, за песните да не почнат да изгледаат како елка декорирана со суетно натрупани тонови. Ова се поп-нумери, куси изблици на хитовско ориентирана креативност, спакувани со умна штедливост.

Стиховите, од друга страна, на помал број моменти си ја пикаат главата во задникот, авторот Езра Куниг се спрдачи со себеси и со публиката, но во поголемиот тек од албумот се мерак за читање и за интерпретирање. Тематски, се типично младешки, рокенролерски, одговараат на возраста на членовите (средината на дваесеттите), но изборот на зборови, како и вештината со која се наредени, контрира на империјалистичко моќната и наметлива мелодичност на музиката. Vampire Weekend на Contra трга во поход за планетарно поробување, но не носи панталони со воена шара, туку е облечен во каки-блузони и е вооружан со арсенал од класични и интелектуално поттикнувачки романи. Ако не им појде од рака со букви, баталјоните чудно заразни рефрени и вокални хармонии би требало да ја комплетираат мисијата за повампирување на публиката – состојба во која таа сигурно ќе се наоѓа подолго од еден викенд.

Оцена: 90/100

Артист: Vampire Weekend
Албум: Contra
Датум на објава: 11 јануари 2010
Продуцент: Ростам Батманглиј
Издавач: XL

Track listing:
1. Horchata – 3:26
2. White Sky – 2:58
3. Holiday – 2:18
4. California English – 2:30
5. Taxi Cab – 3:55
6. Run – 3:52
7. Cousins – 2:25
8. Giving Up the Gun – 4:46
9. Diplomat’s Son – 6:01
10. I Think Ur a Contra – 4:29

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 11.01.2010]

Слични написи

Остави коментар