Солидарност за бадијала

Претенциозно е да кажам отсекогаш, но одамна верувам дека одењето на концерти или најконкретно, купувањето билети за нив, е влог. Пред сè, личен, а потоа и општествен. Особено во мали, затворени, средини како нашава, каде што спрегата на заостанатоста е најкорисен алат за злоупотреба и манипулација од моќниците, посетувањето свирки е инвестиција во градење и зачувување на сопствената индивидуалност. Таков придонес доаѓа и од литература, стрипови, филмови, уметност и сè над, под, помеѓу и околу тоа, ама лајв-изведбите на популарна музика во себе носат за нијанса поголема посебност. Рокенролот, без разлика дали е класичен, инди, панк или метал, на овој план предничи. Признавам, можеби се работи само за моето наивно, идеализирано, гледиште, но кога има собири од ваков тип убеден сум оти – барем додека траат – се создава сплотеност значително повпечатлива од вообичаеното. Или да преформулирам: кога на бината се рока, на подиумот заедништвото се подобрува додека секој засебно доживува.

Многумина ќе речат (и веројатно ќе бидат во право) дека премногу филозофирам за потење предизвикано од пеење, викање, тегнење жици и удирање по овчи кожи. Тие, сепак, изгледа никогаш не си дозволиле да се препуштат на енергијата на моментот, каква што по правило кружи на феноменални свирки, како таа завчеравечер на Thee Oh Sees на платото пред Младинскиот културен центар. Лепенката „Скопје се сеќава“, со која беше одбележана 50-годишнината од катастрофалниот земојтрес на главниот град на Македонија, на концертот му даде поинаква, уште поспецијална, димензија. Таа ме поттикна да размислувам за непобитниот факт што изминативе години и последниве денови за време на меморијалните активности како да е забрането да се изусти – дека моето родно место е центар на светската солидарност. По кобниот 26 јули 1963 година љубовта несомнено продолжи, но тоа не го направи сама, туку на крилјата, со рацете и преку делата на глобална армија луѓе кои сочувствуваа со најзагрозените.

Злобниците попрво би сакале од тоа да се згрозуваме отколку да го издвојуваме, ама недоброените добри дела за Скопје со диктат не се бришат од меморијата. Исто како што додека бендот од Сан Франциско растураше на платото покрај кејот на Вардар на мене од глава не ми излегуваше заклучокот: „Гага е, па има 500 души. Ако карта беше 150 денари, ќе имаше одвај 50 луѓе, а американскиот состав, патем, како и групите кои обезбедија локална поддршка – „Скопски метеж“, Culture Development и The John – ќе пржеа со непроменета жестина, посветеност и динамизам“. Немам намера да осудувам кој зошто и како ја троши сопствената заработка, меѓутоа, најдобронамерно ќе укажам оти интелигентната класа скопјани минимално вложува и недоволно се солидаризира со скриениот пулс и осамениот потенцијален спас на градот под опсада – независната култура. Бројност постои. Турканици и разиграна атмосфера на настап на формација што е релативно опскурна и во матичната земја можат да се протолкуваат единствено како доказ дека има публика со антикич и контратурбофолк потреби.

Kлучно е, и тоа одамна, да се сфати оти не е доволно тие нужности да се пополнуваат само со присуство на настани сервирани на тацна. Принудно не мора сè да се посетува – слободата на избор останува неприкосновена. Редовната практика, пак, од четири-пет дузини продадени влезници и дестпати повеќе присутни исклучиво на Facebook евенти тешко оти ќе ја одржи, а камо ли да ја подобри можноста за воопшто да имаме што да селектираме. Таков луксуз – да пребираме – никогаш не ни бил, а веќе одредено време е нагласено неостварлив. Убедливо најгабаритна одговорност за сегашната турбоизирана реалност разбирливо дека сносат креаторите на државно-општествените политики, но не е за занемарување и товарот што секој од нас може, ама одбива да го преземе на свој грб. Интернетот нè разгали дека минималната веб-претплата осигурува чувство оти сè ни е на дланка, сè сме искусиле и сè, напросто, ни следува, односно сме предодредени да го добиеме со неколку клика.

Реалноста, особено таа во средини каде што културното стагнирање или назадување е валута за контрола, се храни од отсуството и од виртуелното присуство на тие што не сакаат нивната земја, град и маало да станат бездна на шундот. Индивдуалниот влог во сè што се издигнува високо над оваа бесконечна дупка сам по себе не е спас, меѓутоа, дефинитивно е недвосмислена изјава оти предавањето не е опција и искажува намера за лично идентификување со вредности посуштински од потпросечните. Колку и да е холивудски лековерно, секој купен билет за свирка на независна група, набавено цеде од несубвенциониран албум или снабдување со маичка од вредни домашни музичари е инвестиција во сопствениот развој и во зајакнувањето на опкружувањето во кое што таа еволуција може најшироко да се профилира. Како што пред пет децении покажаа илјадниците луѓе и стотиците држави и организации иста потпора при кревањето од пепелта има и солидарноста. Ако неа почесто – практично – ја искажуваме кон нашата „сцена“, а не само кога тоа е беспари, можеби, само можеби, сè што грчевито се прави за Скопје да опстане и да стане поубаво место за живеење нема да е бадијала. Инаку, џабе трупање толку гигабајти емпетројки доколку ниту фрагмент од нив не чуеме и не видиме на локална бина, непосредно пред нас.

Слични написи

Остави коментар