20/06/2018

Thee Oh Sees – Floating Coffin [CF, 2013]

Постирано на 26/07/2013 од во Албуми, Музика

Бројките, оние суровите и непотврдените, станаа највредната валута во Македонија. Со нив се купува вештачки социјален мир и масовно се забавува народ. Како да станува збор за турска серија, а не за бесчувствителна статистика. Спротивно од тоа, возбуда во јавноста изминатава недела предизвикуваат следниве цифри: 200.000, 400.000 и четири милиони. Погодувате, за евра се работи. Првото е вложената сума, второто е наводниот број на посетители, а третото е кешот за којшто се тврди дека е собран на „Пиво-фест“ во Прилеп. Настрана што планетарно познат собир како EXIT објави оти годинава го проследила двојно помала публика од нашиот лесковачки митинг, ова пребројување ми беше занимливо од музички аспект. Доколку ги споредите „ѕвездите“ од засладената програма на извиканата манифестација со крајно опскурните Thee Oh Sees веројатно ќе излезе дека американските рокери кои утревечер ќе настапат во скопски МКЦ имаат повеќе изданија.

За разлика од вашарот од гучански пропорции (попрецизно е од панаѓур), кај бендот од Сан Франциско квантитетот значи квалитет. Не буквално во секое поглавје од неговата обемна дискографија – којзнае дали воопшто постои таков артист – меѓутоа во повеќето тие создаваат издржани дела наместо да (се) ре-креираат (со) што било само затоа што мора некако да се издржуваат. Последната плоча Floating Coffin нема да им ги наполни сметките до пензија, ама со неа дефинитивно си ги исполниле авторските потреби. Тие се недвосмислено шарени. Разнобојност е дури и претесен термин за да опише какви сè експерименти претходно правеше Thee Oh Sees и најконкретно Џон Дваер, лидерот на групата. Големата лепеза со жанровски и стилски екскурзии, сепак, е длабоко зариена во рокенролот којшто го презема бајракот на најтазе изданието. Неговата форма и сега е надградена, но во суштина, пулсира и топоти со крвта на дисторзијата.

Не сум експерт за претходните остварувања на составот, но од тоа што сум го слушал паушално, можам да заклучам дека Floating Coffin е чиста рокачина. Ова не е никаква навреда. Со неа, напротив, е опфатена вештината со која бендот собрал најголем дел од наталоженото досегашно искуство и го стегнал во болдирано концентриран гитарски звук. Дисторзијата, притоа, не е насилна, компресирана, туку дозволува рифовите да дишат. Како од винилка од доцните 60-ти, ама со агресивност од новиот милениум, I Come From the Mountain го отвора материјалот и на средина везе хамонд-клавијатура. Мелодијата, тука веднаш се расчистува, е кралица кај Thee Oh Sees. Таа плете и на Toe Cutter/Thumb Buster, каде што лулањето со успорено темпо фрла во транс. Насловната тема нагло потоа го воведува панкот и го нагласува ноизот кој е присутен од стартот и не се губи до финишот. Атмосферичноста на No Spell развозува и буди слики на океан, а Strawberries 1+2 шиба со стотка по кривулести патишта и низ долини и планини.

Разлетаниот бас ја разигрува подиумски раздивената Maze Fancier, сомнителните СФ-синтисајзери ја отвораат Night Crawler која прераснува во бавна мантра, а на Sweets Helicopter ехото и гитарскиот лид се врежуваат во умот. Соло-клавишите извадени од 70-тите царуваат на Tunnel Time, додека Minotaur, со пауза од две-три секунди и со оркестрации, со беседниот карактер на гласот, целината ја завршува на меланхолична, но во никој случај депримирачка нота. Сè што динамично и енергично се одвива до таа точка, сите хармониски решенија и звучни ситници осигуруваат дека колекцијата ќе се вкорени, можеби дури и на потсвесно ниво. Нема овде хитови. Плочата не врти некои изразено револуционерни идеи. Упростувањето, условно кажано, овде се манифестира како триумфална приземност. Стискајќи ја во цврста тупаница на Floating Coffin, Thee Oh Sees удира и го раздробува ковчегот во којшто плови најзастрашувачкиот крвник на рокерите. Тоа не се ниту пивото, скарата, заработката, ниту, пак, бројот на посетители, туку – заборавот.

Оцена: 83/100

Артист: Thee Oh Sees
Албум: Floating Coffin
Датум на објава: 16 април 2013
Тон-мајстор: Крис Вудхаус
Издавач: Castle Face

Листа на песни:
1. I Come From the Mountain – 4:30
2. Toe Cutter/Thumb Buster – 3:32
3. The Floating Coffin – 2:21
4. No Spell – 4:28
5. Strawberries 1+2 – 5:47
6. Maze Fancier – 3:16
7. Night Crawler – 4:12
8. Sweets Helicopter – 2:45
9. Tunnel Time – 4:09
10. Minotaur – 4:53

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>