21/08/2017

Република Турбо-фолкдонија

Постирано на 15/07/2013 од во Колумни

Актуелните водачи на нашата племенска судбина освен што сакаат да ги сечат едно по едно, сред бел ден и со ладнокрвност како божем пак растат за 24 часа, дрвата сериски ги користат за да ја сокријат општествената прашума во која што некое време живееме. Најтазе пример: воскликот дека Цеца и Аца Лукас се избркани од скопските дискотеки. Оваа индивидуална колекција од егзалтирачки термини беше катализатор на сеопшта онлајн-еуфорија поради бришењето на турбофолкот од „програмата“ на клубовите во главниот град. Напишано како да е во прашање приказна која што на мали деца им се раскажува пред спиење ова „откритие“ требаше да нè убеди дека српската наезда на музичко ѓубре што стабилно се таложи изминативе неколку години исчезнала за дел од секундата. Напросто – испарила! Ја одвеал виорот на напредните остварувања.

Ова не е даб, ова е џиновски баобаб којшто иако стои сам, високо исправен, без ништо околу себе, сепак, се обидува да ја скрие џунглата на непобитната вистина – културата во Македонија е турбоизирана до корен. Чекорите со коишто овој општествен сегмент се развива со државни пари, вредностите што се пропагираат со јавни средства и сите сигнали што институциите ги испраќаат, а потоа приватниците ги прифаќаат, сè тоа се придржува до простачките уверувања на вулгаризираниот фолк од Северот. Плоштадот можеби содржи антички, барокни, класични и којзнае какви други елементи, ама кога на сиот тој силувачки сељачизам ќе додадете и осветлување со јарки бои што трепкаат како клубот близу чешмата во Житораѓа тогаш едначењето не е по звучност, туку по сајзери и шабанајзери. Така, од центарот на Македонија, не свири музика од ваков вид, но архитектурата блеска со сиот кичест сјај на турбофолкот.

Не се компонирани буквално по нотите на овој правец, но и прилепскиот „Пивофест“, и „Струмица опен“, како и останатите масовно-популистички собири поддржани од општините низ земјава посветено ја одржуваат оваа култура во живот. Притоа, додека се сее магла за неговото протерување од Скопје, кралот Александар Вуксановиќ без мака доби концерт во Охрид. Таму барем се реални и наместо да „не му дозволуваат“ да настапува по дискотеки го охрабруваат да преполнува стадиони. Тврдењата дека гостувањето е мотивирано за да се задоволат бројните српски туристи се токму тоа – провидно несериозен обид да се наметне сфаќањето дека овие настани се исклучок, а не правило според коешто се пакува, дистрибуира и продава не само забава, туку и каква било друга форма на уметност во земјава. Тоа значи: колку е помал заедничкиот содржател, толку е поголема поткрепата од буџетските и од бизнис-круговите.

Доколку не ги голтате секојдневните медиумски пилули знаете дека по тоните бронза и гипс-картон, по бескрајните низи сводови и столбови, по панаѓурите и манифестациите што никогаш не запираат, по сето тоа ставено на куп најлогичен НЗС е – што поевтино, тоа поприфатливо. Во време кога мегафонски се воскреснува слоганот „образованието е сила, образованието е моќ“, се засилува отвореното (или премолчено) застанување на страната на многубројноста, а ослабнува поттикот на сè поизолираната прогресивност. Турските серии не се создадени кај северниот сосед, но стотиците илјади домашни гледачи не ги „учат“ на ништо поразлично од патетичните сплетки кои се во центарот на отпад-песните снимени во скапите белградски студија. Северина остава впечаток на глобална ѕвезда, концертите ѝ се скапи спектакли, меѓутоа, сиот тој гламур не може да го анулира очигледното: дека сега е турбофолк-ѕвезда упристоена од Горан Бреговиќ. Стиховите од нејзините нумери децата ги пеат по дворови на скопски градинки со амин и со придружба од тие што (треба да) ги воспитуваат. Во таква атмосфера и големиот Ниче на прва помисла асоцира на Димовски, отколку на Фридрих.

Кога на тоа ќе додадете дека најмладите си прераскажуваат епизоди од „авантурите на Хурем“, сонуваат да бидат „Малечката невеста“, ги идолизираат силиконските пејачки, а пејачите ги воздигнуваат како мачо-херои, се разоткрива какво ни е опкружувањето. Принципите според кои тоа сега функционира, исто така, се собрани од депонијата што во 90-тите години ги преплави српските улици кога Балканот клокотеше од крвавите националистички походи. Без разлика дали е физичко, економско, културолошко или сè тоа наеднаш, силеџиството тогаш беше врховна заповед. Така е и денес во нашава нерозова стварност полна со стероиди кои јаваат на илјадници автомото кубици и со миничи пократки од тетратката по математика кои лебдат на платформи. Елементиве може да ги сретнете како иконографија во спот на Светлана Ражнатовиќ и со нив да се разминете во центарот на метрополата. Турбофолкот нема секоја личност да ја направи таква, но во пакет со неговиот антицивилизациски лумперај доаѓа и широката лепеза од примитивни вредности. Сè додека тие владеат нема да се измени заклучокот дека Македонија е Република Турбо-фолкдонија – особено не дека со еден „благороден“, менаџерски, инстант-потег Скопје чудесно се ослободило од шабанаријата. Тоа не е само садење гигантско дрво за јавноста да не може да ја види (шунд) шумата, туку и проѕирно фрлање пилевина во очи.

Тагови: ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>