Pacific Rim: Бурна пресметка во Тихиот Океан

На која возраст престанавте да се радувате на забавни паркови? Се сеќавате ли во кој миг се одвикнавте да се релаксирате со друштвени или со видеоигри (не, тука не спаѓа FarmVille)? Ви текнува ли кога за последен пат верувавте дека постојат џиновски чудовишта кои се кријат на дното на морињата и на океаните? Во вртелешка од било каков вид не сум се качил откако се расипа панорамата во лунапарк, оптички нишан не сум користел штом ми се смачи од Ghost Recon, а не паметам дека некогаш сум бил убеден во вистиноста на монструмите иако отсекогаш ми биле фасцинантни. Токму тоа – чувството на вчудовиденост – ги поврзува споменативе и долга низа други искуства во поим најчесто нарекуван „детето во себе“. Повеќето од споменатите активности физички не ги правам, ама ги вложувам сите напори барем дел од мојата несозреана личност да одржам во живот.

Ова беше носечка причина што уживав во Pacific Rim, последниот наслов на Гиљермо дел Торо. Режисерот на жанровски различни остварувања како The Devil’s Backbone, Hellboy и Pan’s Labyrinth со последниот проект го забетонира добропознатиот статус на еден од најискрените фантазери меѓу циничните холивудски (и европски) филмаџии. Авторот во својата досегашна кариера мошне мудро ги избираше креациите на кои што ќе им стави свој потпис, а тоа го претстави како човек кој сака да нурне во длабоки и заплеткани метафори, но и да си игра со приказни и ликови кои не се многу повеќе од тоа што го гледате. И покрај тоа што содржи одредена доза важни пораки, „Битка за Пацификот“ скоро целосно влегува во втората категорија. Снимено со масивен буџет и со очигледна контрола од 48-годишниот Мексиканец изданието е летен блокбастер со извонреден сенс за забава и со џиновски димензии.

Последново е и буквално – филмот зборува за свет под наезда од гигантски монструми наречени Каиџу од кои човештвото се брани со исто толку крупни роботи именувани Јегери. Тука првпат се наметнува, условно кажано, посуштинскиот аспект од сторијата што се забележува и во уште неколку елементи без притоа проектот да се претвори во мрачна, тешка и премногу сериозна квазипсихоанализа на нашиот род и хероите кои подеднакво можат да го спасат и да го уништат. Планинските механички креатури се пилотирани не од една, туку од две високообучени личности со што се расчистува оти двојството исполнува значајна ролја во Pacific Rim. Покрај носечкиот столб во вакви наслови – великиот судир меѓу чистото зло (на вонземјаните) и компликуваното добро (на луѓето) – скоро сè во заплетот има двојадрена срцевина. Повеќе од овие нијанси се интересни, но највпечатлива е јуначката, што е поделена меѓу маж и жена.

Со овој момент, пак, изданието внесува и неколку решенија нетипични за Холивуд и особено за екстремно комерцијалниот летен жанр, каде што и Pacific Rim припаѓа. По клише-правило, а тоа најчесто се применува оти гарантира брдо профит, негативците мора да ги треби индивидуалец и бел мажјак од калибарот на Том Круз. Тој товар Дел Торо воглавно го префрлил на плеќите и на грбот на Ралеј и Мако иако остатокот од екипата е доминантно од „посилниот пол“. Други занимливи нестандардни чекори се интернационалното шаренило на одбрамбените глобални сили (наспроти нагласено американската боја и знаме), несилењето романса меѓу машкиот и женскиот херој и сместувањето на последниот бастион на хуманоидниот отпор во Хонг Конг, а не во Њујорк или во Лос Анџелес. Навидум недраматични, но компарирани со облакот на затемнета (наводна) промисленост што изминатива деценија виси над хитовите од планетарни размери, овие детали се болдирано освежувачки.

Капакот што го затвора овој весел кинолонец е фактот дека не станува збор ниту за римејк, ниту за стрип-екранизација, ниту, пак, за сиквел или приквел на хит одамна затурен во мансардата на колективните сеќавања. А токму оттаму, пак, од меморијата и од историјата на кинематографијата и на популарната култура режисерот со лопата ја црпе инспирацијата на своето сосема ново чедо. Најневоздржана посвета е упатена кон Годзила и кон комплетната mecha-форма, а потоа следуваат манга-стриповите, кунг-фу вештината, дистописката литература, акциските наслови од 80-тите години заедно со нивната комедија, како и митологијата на рокенролот и неизмерниот кул-статус на ѕвездите од овој музички правец. Носталгичноста во сето тоа се забележува, меѓутоа, таа е збришана од визуелниот спектакл што се искачува до оперски височини.

Ништо од ова не е до ср’ж ново, преовладувааат жанровските вредности, но Дел Торо им вбризгува впечатлива доза лично искуство, перцепција и интерпретација и на крај целиот тој пакет го врти во сопствена, а со тоа и во корист на филмот. По финалната пресметка, која, секако, е најнуклеарно разорната во споредба со сите претходни, се добива севкупен впечаток дека Pacific Rim е успешно замислена и реализирана бурна кинопресметка во Тихиот Океан. Благодарение на искрената занесеност и нескриената воодушевеност на авторот таа во себе ги вклопува адреналинот на забавните паркови, игривоста на модерните (и старите) конзоли и маѓепсаноста од земјотресниот балет на движења и битки меѓу колосални чудовишта и титански роботи. Наивноста можеби ми се извишува до хорхеовски врвови, но верувам оти сè ова е споено во забавна целина што подмачкано функционира бидејќи и самиот ко-сценарист, продуцент и режисер е џин со детско срце.

Оцена: 82/100

Наслов: Pacific Rim [„Битка за Пацификот“, официјален превод]
Премиера: 4 јули 2013 (Лондон) / 11 јули 2013 (Скопје)
Режија: Гиљермо дел Торо
Улоги: Чарли Ханам, Идриз Елба, Ринко Кикучи
Продуценти: Томас Тал, Џон Џашни, Гиљермо дел Торо, Мери Перент
Приказна: Тревис Бичам
Сценарио: Тревис Бичам и Гиљермо дел Торо
Музика: Рамин Џавади
Студио: Legendary
Дистрибуција: Warner Bros.

Галерија со алтернативни постери:

Ben Mcleod

Erin Gallagher

Johnny Dombrowski 

Matt Needle

Ben Whitesell

Richard Davies

Berkay Daglar

NE

Doaly

Fernando Reza

Luke Butland 

Marie Bergeron

Patrick Connan

Samuel Ho

Mat Weller

Rodolfo Reyes 

Sharm Murugiah

Matt Ferguson

Tim Anderson

Слични написи

Остави коментар