28/06/2017

Џејмс Марфи: Панкот ми го спаси животот*

Постирано на 02/07/2013 од во Репост

Панкот и фанкот можеби делуваат дека немаат ништо заедничко. Првите се нихилисти, додека вторите “денс-ориентирани”. Животот во Америка, медиокритетноста во која западна тамошна панк-сцена, има потенцијал да те натера да ги споиш овие две нешта. Тоа му појде од рака на Џејмс Марфи, главната фаца на “хип” составот LCD Soundsystem кој пред една година дебитира на сцената со својот истоимен студиски проект.
Роден во 1970 година, Џејмс Марфи детството го минал во Принстон Џанкшн, Њу Џерси. Во една прилика изјави дека местото му создало “силен комплекс на инфериорност”. Влијанието на овој процес врз неговата креативност како музичар и одлуката да има ваква кариера било огромно, силно, а понекогаш и неподносливо. Марфи вели:
– Сето тоа може да те натера да полудиш. Кога конечно ќе сфатиш дека светот е преполн или раководен од страна на полуписмени безрбетни морони (кои можеш да ги препознаеш бидејќи те потсетуваат на себе во најлошите моменти) и се чудиш зошто поседуваат толку работи, се сеќаваш на стравот што те спречувал да веруваш дека вредиш нешто… И од сето тоа, на крајот излегуваш жив и здрав.

ПЕТ ЕНЕРГИЧНИ ДИСКО-СУШТЕСТВА
Тоа е одамна променето. Марфи сега е активен музичар со успешна кариера. Неодамна се врати од кратка турнеја во Англија.
– Добро беше. Во Глазгов, Шкотска имавме неверојатен концерт – тоа е моето омилено место за настап во светот. Ама морам да признаам дека и во Манчестер беше брилијантно.
Бидејќи досега не настапиле во Македонија, одлично би било ако слушателите на добриот звук овде, можат да добијат барем мала претстава за тоа како изгледа лајв-шоуто на LCD Soundsystem.
– Не би знаел да опишам какво е чувството кога имаме концерт од едноставна причина што сум постојано на сцената. Претпоставувам дека е прилично добро зашто вложуваме сè од себе кога настапуваме. Во основа, се работи за пет енергични човечки суштества кои свират диско најпосветено што можат.
Откако го издаде истоименуваниот деби-албум, Марфи имаше напорен период на концертни турнеи додека критичарите не престануваа да го фалат изданието. Од денешна перспектива, за достигнувањата на кои најмногу и најмалку се гордее, во оваа, ако можеме да ја наречеме, клучна година во неговата кариера, Џејмс вели:
– Тоа е навистина премногу тешко да се каже. Претпоставувам дека убедливо најмногу се гордеам со можноста и самата соработка со луѓето со кои моментно (и во изминатиов период) работам. Не можам да кажам дека повеќе се гордеам со турнеите отколку со успехот на критичко поле или обратно. Мислам дека сум горд и на издавачката куќа во чија работа сум вклучен – DFA. Со неа, како и со продукциската активност што ја имавме досега.
Овој период на годината е резервиран за “избори” на најдобрите изданија од страна на критичарите кои работат за највлијателните светски музички магазини. Лидерот на Ел-Си-Ди е скромен.
– Мислам дека албумот е премногу стар за да добие таква “награда”. Се појави во музичките продавници на почетокот на оваа година. И онака, претпоставувам дека повеќето луѓе би сакале да им ја доделат таа ласкава титула на Arcade Fire.
Можеби не сака непотребно да се “чатали”, но албумот на Марфи се најде меѓу првите десет во неколку американски високотиражни списанија и редовно посетени вебстраници. Сосем заслужено.

ЧОВЕКОТ – НАЈГОЛЕМА ИНСПИРАЦИЈА
Фузијата меѓу “електронското и аналогното” е прилично забележлива на првото студиско остварување. Однадвор, LCD Soundsystem делува како електронски артист, но ако ги земеме предвид лајв-настапите, тие се “жив и здрав” бенд.
– Сето тоа за мене е толку природно. Секако, снимањето и свирењето во живо не претставуваат истото искуство, што и не е нешто претерано ново. Тие не биле исти и за The Beatles или, пак, за The Beach Boys. Во живо, мислам дека најпаметниот избор е да се стремиш кон тоа што го постигнале другите големи лајв-состави во музичката историја. Свири енергично, бори се со себе најмногу што можеш, обидувај се да ја надминеш апсурдноста и несекојдневноста на свирењето на сцена и – звучи добро. Во студио, пак, мораш да најдеш одговор на прашањето “зошто снимам албум” и да појдеш оттаму.
Џејмс е дел од продукцискиот тим на Ди-Еф-Еј Рекордс. Издавачката куќа промовира материјали од артисти кои се музички различни, но имаат заеднички идеи. Овој интересен детаљ, како и фактот дека работи на њујоршката сцена силно влијаел врз плочата.
– Во суштина, тоа е поентата на албумот. Тука лежи инспирацијата за сè. Луѓето на кои најмногу им се восхитуваме се тие со кои работиме. Не можам да замислам како ја правам музиката што досега сум ја промовирал, ако не сум опкружен со луѓето кои се моментно околу мене – без разлика дали се на DFA или не.
Првото остварување на LCD Soundsystem е одличен, како што многумина велат, “денс-рок парти албум”, но тоа содржи и интригантни текстови во кои се обработува “реалниот живот”. Изгледа дека луѓето денес се навистина интересни и привлечни за истражување.
– Ако не е така, тогаш што друго би можел да истражувам? Бубачките? Тоа и не е баш за мене. Луѓето никогаш не се менуваат. Истите работи кои биле релевантни во митологијата важат и за денешните семејства и големи бизниси. Разликата е во тоа што во нашево време нештата се далеку попрости. Тоа ме скокотка постојано. Самобендисаност – одлична инспирација за вториот албум.

ОСНОВАЧ НА ЕДНА ЦЕЛА СЦЕНА
Ако веќе ги споменуваме текстовите, мора да се потенцира дека голем број “аналитичари” ги дефинираа како иронични. Од друга страна, Марфи се дистанцира од зборот бидејќи, според него, тој “денес значи да не знаеш ништо”.
– Иронијата порано значеше “да кажеш нешто спротивно од она што навистина го мислиш”. Тоа беше начин како да се усложнат идеите на двете страни. И што е најважно, функционираше. Користејќи ја иронијата, можеше во детали да го разоткриеш тоа што го мразиш. Денес, за многу луѓе, кои ја користат или треба да ја разберат, иронијата значи “да кажеш нешто глупаво без никакви последици додека единствено оправдување што го имаш на своја страна е фактот дека, не некакво ниво, знаеш дека се работи за глупост”. Ова е, во најмала рака, многу простачко размислување.
LCD Soundsystem е албум полн со изненадувања. Еден од неговите најпозитивни аспекти е панк “вајбот” што се јавува како контраст на “денс-факторот”. Пред да работи на овој проект, Џејмс беше дел од многу панк-состави. За тоа, што го привлекло кај овој стил на изразување и дали верува ли во тие идеи и денес, Марфи вели:
– Морам да признаам дека никогаш премногу не ме привлекле идеите. Едноставно ми се допаѓаше музиката. Панкот ми го спаси животот. Добриот панк-рок беше стварно комплициран. Тоа ми се допаѓаше. Од друга страна, пак, панкот беше прилично сиров, факт што го одвојуваше од останатите работи во кои децата околу мене се давеа. Се навлеков на него, бидејќи во еден момент почувствував дека пропаѓам во тешки глупости. Во тие моменти, панкот ме спаси. Тоа никогаш нема да се промени.
Зборувајќи за песната Movement, Џејмс рече дека се однесува на “новиот рок” или за “движењето кои не се ни обидува да има некакво значење”. Новинарите, пак, ставија дел од бендовите што издаваат за Ди-Еф-Еј, во слична категорија – новото панк-фанк движење.
– Искрено кажано, нумерата е напишана токму за тоа. Се изморив читајќи како новинарите ме ставаат во сцена, која, во основа, не постои. Тие се обидуваа да пронајдат една, не размислувајќи дали тоа за кое пишуваат навистина постои или не. И јас сакав сцена и затоа основав една. Се вика The DFA.

СЛАТКА ПРОДУКЦИСКА ИРОНИЈА
Најголемо влијание врз неговиот вокален стил на изразување има извршено Марк Е. Смит од The Fall, факт кој нималку не се обидува да го скрие.
– Тоа е најдобриот бенд на сите времиња, толку е едноставно. Навистина. Истовремено, се работи за нешто толку погрешно, толку паметно и толку неоптоварено со ништо што ги “води” останатите групи. Тоа е формулата за извонредна уметност – нешто што никогаш нема да го постигнам. Проклето е добро.
Во едно интервју изјави дека “Ел-Си-Ди е како лабораторија за експерименти за тоа како треба да изгледа еден бенд”. Марфи не ги сака “проблемите со его-триповите и презентацијата”, но ги обожава “моќта и потенцијалот” што со себе ги носи опстојувањето на еден состав. Од другите, Ел-Си-Ди се разликуваат во следново.
– Премногу сум стар и цел живот работите не ми оделе како што треба. Ако бев помлад и ја направев Losing My Edge (што немаше да се случи) и за кратко време станев кул, лесно ќе се претворев во неподнослив и целосно “неупотреблив” кретен. Вака, како што стојат работите, изгледа дека не сум баш за фрлање. Како бенд, добро се согласуваме – нема здодевни “гитарист против пејач” его-битки, ниту, пак, одвратни сцени кога настапуваме во живо. Ние сме неколку татковци и пријатели кои напорно се обидуваат да одржат чекор со времето.
Само што се “докопаа” до неговиот прв сингл, меинстрим-критичарите го дефинираа Џејмс Марфи како “Фарел Вилијамс на панк-фанкот”. Со еден од комерцијално најуспешните поп-продуценти денес, Марфи вели дека нема ништо заедничко и со слатка иронија додава:
– Погледнете само – тој за еден микс заработува повеќе пари отколку што јас би можел за пет години. Алал му вера. Вилијамс е извонредно харизматичен, мултиталентиран мултиплатинумски мултимилионер, а јас и тој имаме заеднички само еден факт – и двајцата, партнерски, работиме во музичката индустрија.

– – –

Јануари/февруари 2006
Можеби јануари е месец на празнувања и отрезнувања во Македонија, но еден “обичен” американец од Њу Џерси, овој месец ќе го памети долго поради една друга, далеку поважна работа. Лани, само што почна новата година, Џејмс Марфи, под името LCD Soundsystem (LCD Soundsystem) го издаде своето истоименувано албумско првенче. Добропознат на светската денс-сцена со андерграунд хит-синглот Losing My Edge, еден од основачите на малата, но култна издавачка куќа Ди-Еф-Еј (DFA) од Њујорк, успеа да се наметне во светот на музиката како “Фарел Вилијамс на панк-фанкот” – колку и да звучи несоодветна оваа дефиниција. Неговиот деби-проект, една година подоцна, се најде во врвот на листите на голем број музички магазини и влијателни интернет-портали кои го третираат урбаниот звук – “гужвата” на светските подиуми совршено си ја одигра улогата. Откако ја заврши кратката турнеја во Англија, Џејмс Марфи беше расположен за електронска комуникација со „Филтер“

Џејмс, Бритни и Џенет
Ел-Си-Ди Саундистем вистински дебитира со Losing My Edge, сингл кој стана едно од најозборуваните инди-изданија во 2002 година. Неколку магазини и дневни весници веднаш го прогласија Џејмс Марфи за еден од “најкул луѓето на планетата”. Ама не беше секогаш така. Пред да почне да свири во просечните Pony и нешто подобрите Speedking, Марфи одби да пишува сценарија за (сега) популарната комедија „Сајнфелд“. Работата на инди-сцената зема жртви, но Марфи успеа да изгради сопствено студио и да почне со продукција на други артисти. Додека работел на Bow Down to the Exit Sign на Дејвид Холмс, тој се сретнал со Тим Голдсворти, човекот кој стана негов креативен партнер. Прв сингл беше Losing My Edge, потоа следуваше Beat Connection и уште неколку други сè до излегувањето на албумот LCD Soundsystem во 2005. Кога се појави, издавачката куќа Ди-Еф-Еј беше мошне популарна – Марфи и Голдсворти правеа ремиски за Metro Area, N.E.R.D. и Junior Senior, како и неуспешни сесии со Бритни Спирс и одбивање на понудата за соработка со Џенет Џексон.

*Првично објавен во магазинот „Филтер“, јануари/февруари 2006 година

Дообјаснување (без носталгија): Препечатувањето е процес нужен за хит-романи од кои публиката не може да се засити. Знаејќи дека од бесконечниот спој на нули и единици не може ништо никогаш да се избрише, интернетот нема потреба од такво навраќање. Освен во случаите кога креацијата не ни стигнала до онлајн-автопатите или, пак, кога од одредени, секогаш засебни, причини потсетувањето не е на одмет затоа што по навика почнавме да развиваме сеќавање со краток рок на траење. Текстов припаѓа во една од овие две категории иако многу поверојатно е во првата, што значи претходно не го видел веб-светлото.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>