19/08/2018

Intronaut – Habitual Levitations [CM, 2013]

Постирано на 01/07/2013 од во Албуми, Музика

Неверојатно е како прагот на трпението на човечкиот вид се намалува правопропорционално како што се зголемува бројот на олеснувања кои што технологијата им ги овозможува на луѓето. Забележливо насекаде, ова се манифестира во перцепцијата и очекувањето дека сè мора да се добие сега и тука – од 3G сигнал што нема да „сецка“ до ладно пиво во очигледно преполна кафана. Современите парајлии изградија мит дека сè – буквално – не само што ни е достапно, туку и сме предодредени истото да ни легне на дланка. Единствено што на нас останува е – да се родиме. Лесно голтајќи ја оваа илузија поголема од сите трикови на Хари Худини се претворивме во копии на Нео пред да излезе од Матриксот. Скокаме од радост на најави за пресни смартфони. Кенкаме до бесвест кога ќе зачкрипат и милисекунда додека користиме апликација. Културолошки, сето ова е издигнато на ниво на однесување за кое ниту се прашуваме зошто е општоприфатено. И каква врска има тоа со новиот албум на Intronaut?

Огромна. Самиот број на зборови употребени во неговиот наслов, Habitual Levitations (Instilling Words With Tones), е доволно безначајна сопка за многумина денес воопшто да го преслушаат. Откинувањето соодветно парче од сопственото време, кое што е безусловно нужно за да се искуси сета деталност на плочата, во актуелниот културен контекст е драстично понезамисливо, отколку веројатно. Тешко е да се процени дали е така бидејќи мозоците ни ги наштелуваа да се однесуваат како бебиња кои мора – сега и тука – да почнат со цицање или, пак, колективно избравме да бидеме индивидуално разгалени како рани тинејџери. Како резултат на тоа списокот со игнорирани изданија се издолжува нагласено побрзо одошто се проширува листата со дискови кои треба со декрет да се пренебрегнат. Судбината на необрнување внимание и од независниот, а камо ли од корпорацискиот меинстрим ќе ја снајде и четвртата студиска колекција на групата од Лос Анџелес. Таа, сепак, нема лесно да падне во заборав.

Деветте тазе песни што групата основана во 2004 година ги смести во времетраење од речиси цел час се во секој поглед натпросечни. Фактот оти се долги над шест минути често може да сигнализира претенциозност или слепило за предностите на авторската самоконтрола, но тука експанзивноста е пресликана во лепеза од текстури, амбиенти и во мајсторски изведени стилски прелевања. Фонијата нè внесува во Killing Birds With Stones, десетина секунди подоцна нискоскалест риф ја презема командата, ритамот се крши непарно за минута и кусур подоцна сè да се сталожи во атмосферични гитари и питом глас. Фретлес басот лизга непрекинато, но истрчува напред во финишот, каде што разменува интригантни трикови со тапаните. Шест дисторзирани жици квичат и се коцкаат на почетокот на The Welding по што бендот се стегнува во џиновска тупаница.

Хедбенгинот на ова парче отскокнува, а глава крева и фанкот. Полжавската бавност доминира со слаџерската Steps, а Sore Sight For Eyes е првокласна лајв-рокачина. Со широкоекранскиот рефрен и течните хармониски решенија оваа композиција се излева во умот на слушателот како што групата ги претопува жанровите. На Milk Leg се враќаме на прог-танцот во којшто членовите нескриено уживаат, а Harmonomicon е беседа од антички пропорции. Не зашто е старомодна, туку бидејќи ја поседува истата величина како приказните од пред десетици векови. Џезот, што темелот на збирката и онака го исполнува скоро подеднакво со металот, на оваа трака е брилијантен. Слики од војници во строј буди марширачкото интро на Eventual која во секунда се расцепува и се успорува за по неколку круга преку амбиентален прелом да финишира вртоглаво, меѓутоа, без трошка дисторзија.

Апчето за смирување доаѓа во форма на етеричната, безритмична, Blood From A Stone која, во суштина, е вовед во заклучната The Way Down. Стоунерот и пост-рокот во неа се менуваат и надополнуваат пред да се истопат во котел што врие од трештењето на длабокиот бас и на стартно-целната рамнина се претвора во бучава со индастриал-семплови. До таа точка четворката пристигнува свирејќи како господар на древни боречки вештини – искусно, вешто и бликајќи со елан. Сето ова гарантира оти Habitual Levitations (Instilling Words with Tones) нема да го исцрпи слушателот и ќе му укаже дека трпението се исплатело. На тој начин ќе се засади желбата за навраќање бидејќи наградата е лебдење поттикнато од албум што не е напишан од пуста навика, туку е сведоштво дека на Intronaut им пошло од рака тонот да го влеат во зборот.

Оцена: 90/100

Артист: Intronaut
Албум: Habitual Levitations (Instilling Words With Tones)
Датум на објава: 18 март 2013
Тон-мајстор: Џон Хадад и Дерек Донли
Издавач: Century Media

Листа на песни:
1. Killing Birds With Stones – 8:02
2. The Welding – 6:00
3. Steps – 5:43
4. Sore Sight For Eyes – 5:30
5. Milk Leg – 6:46
6. Harmonomicon – 6:31
7. Eventual – 6:44
8. Blood From A Stone – 3:04
9. The Way Down – 8:57

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>