Furion – Thrashing Folks [Diehard, 2013]

Почетокот на 90-тите години, делумно поради сè посилното зграпчување од западната култура и воглавно како резултат на регионалните оргазми од распадот на Југославија, на површината исфрли реки со гомнарии. Најголем дел од нив, сосема предвидливо, сè уште ни течат по улиците, институциите, фирмите и ни се влеваат во домовите. Сето ова, несомнено, е штетно за земјата и за индивидуите, меѓутоа, е корисно за каква било форма на креативен израз, а особено ако е во прашање лут треш-метал. Прогонуван од конфликтот – во 80-тите тоа беше страв од нуклеарно истребување, следната деценија етничко-племенско-нафтените војни – овој правец отсекогаш служел како саундтрак на пропаста (замислената или неизбежната). Не оти го потресе светот или Балканот, но отелотворена во групи како „Санаториум“, „Орион“ и „Холокауст“ и низа гаражни и анонимни имиња, Македонија изминативе две и кусур декади има солидна треш-сцена, секако, со падови што се рамни на исчезнување и подеми што даваат ветување.

Таков освежувачки, издигнувачки, квалитет демонстрира релативно младиот состав Furion на деби-албумот Thrashing Folks. Возраста во години ја споменувам само за да послужи како контраст на впечатокот на искуство што е очигледен во авторството, во аранжирањето и во изведбата што квинтетот ги прикажува на своето првенче. Јасно е оти момците научиле пет (или десет) лекции од настапот на Wacken Open Air во 2009 година како победници на Metal Battle-натпреварот за екс-ју-просторите. Тие на цедево свират со кондиција. Не позираат како манекени за фенси-опрема за кардио-тренинг што никогаш нема да се реализира. Сериозно и професионално си ја сфатиле задачата што на хуманитарна основа (без очекувања за слава или хонорар) сами си ја доделиле, ама се забележува дека не се скаменети, мртви озбилни, кипови туку невоздржано се забавуваат и уживаат. Внесуваат и соодветна доза комедија, иронија и сарказам, кои колоритно се илустрирани во стриповската обвивка.

Внатре во неа, пак, нема само треш-метал. Естетиката на каверот, како и на звукот, е втемелена во брзиот и панк-инспириран правец, меѓутоа, Furion си вметнале нишки со кои го изместиле според сопствена корист и потреби. Веројатно затоа им биле доволни само осум песни и одвај 40 минути за во нив да збијат уверливост, ударност и убоитост препознатливи за платени американски прволигаши, а не за македонски доброволци во областа што на ова тло мачно преживува – создавање авторска музика без субвенции. А и што ќе им се. И онака ако ги добијат ќе мора посебно да наплаќаат за музика, текст и (вечно мистериозниот) аранжман украдени од режано индонезиско Princo цеде. Со тоа што си останале верни на личните вкусови и влијанија, членовите на скопската петорка потпишале збирка со мрсни песни кои црпат, но не се ограничени од жанрот што во 80-тите ја доби класичната форма, а денес е надграден и набилдан со разновидни стилови и кинеско-ѕидна продукција каква што не постоела пред три децении.

На првото остварување на групата основана во 2007 овој аспект не е беспрекорен како кај изданијата снимени во САД или во Скандинавија, но завидно го надминува (само) наметнатниот низок овдешен, локален, праг. Уште побитно, тоа овозможува да се чуе што сè квинтетот уфрлува во здравата и права, треш-основа. Македонскиот фоклор на овој план е најистурен. Најзабележителен е во хармониските и во соло-решенијата во мнозинството, но нагласено во траки како Human Disease и најконкретно во Queen of Thieves и малку прогерската The Raging Begins. Гетеборшката школа покажува заби на Realm of Furion, каде што врие и од јужњачки грув, а Rims and Bones има хардкор ген којшто целосно експлодира на ретро-шуткачката „Сина неправда“. Со Storm the Gates of Babylon составот гази на традиционална хеви-почва, а дет-вокалот укажува дека на дискот се присутни и мочуриштата на Флорида. Етното и тука го краде шоуто, а истото се случува и во крајниот гимнастичко гитарски сегмент на Baseball Bat Vendetta. На тој начин – фуриозно – се затвора компактниот круг на Thrashing Folks. Албумот можеби е доминантно жанровски, но со елементите што не се дел од воспоставената шема Furion си поставил челичен костур од којшто во иднина само повеќе може да се издигне над стереотипот дека се уште едни од многуте „типци кои трешаат“.

Оцена: 80/100

Артист: Furion
Албум: Thrashing Folks
Датум на објава: 22 февруари 2013
Снимено во: marryPHAT
Издавач: Diehard

Листа на песни:
1. Human Disease – 6:33
2. Queen of Thieves – 4:52
3. The Raging Begins – 4:09
4. Realm of Furion – 5:25
5. Rims and Bones – 3:35
6. Storm the Gates of Babylon – 3:21
7. Сина неправда – 4:30
8. Baseball Bat Vendetta – 6:20

Слични написи

Остави коментар