22/10/2017

Esbjörn Svensson Trio – Seven Days оf Falling [ACT, 2003]

Постирано на 31/07/2013 од во Репост

Кога Seven Days Of Falling се појави во 2003, Esbjörn Svensson Trio беше во елемент. Творечки и свирачки. Бендот собираше награди, полнеше сали. Strange Place for Snow, објавен 12 месеци претходно, подобро го запозна светот со шведската тројка и заедно со Viaticum, публикуван во 2005, овие три изданија го формираат триумвиратот на креативноста со најголема тежина во нивната кариера. Заводлив, нежен, слушлив, Seven Days Of Falling е средното поглавје во оваа клучна фаза на групата. Поп-нагоните тука се најочигледни, факт што на албумот му обезбеди место не само на џез-топ-листите, туку и на тие за комерцијално прифатлива музика. Не дека радијата потоа се прекршија пуштајќи песни од дискот, ама неговата добра продажба ги изненади и најголемите оптимисти.

А има и зошто. Иако почнува со чувствителната Ballad For The Unborn, што романтично го вовлекува слушателот, материјалот е динамичен на начин навестен во претходникот, Strange Place for Snow и во крајна мера искористен на следбеникот, Viaticum. Сè во овие час и некоја минута е подредено на популарното сфаќање на звукот. Џезерите исклучително ретко се оптоваруваат со структура на песни, но тука E.S.T. покажува оти кобејновиот принцип на строфа-рефрен-строфа, само без текст, може и тоа како добро да се вклопи во изразот на едно пијано-трио. Солирање има прилично, но откако и Свенсон и басистот Дан Берглунд ќе си кажат што имаат на своите инструменти, приказната пак се навраќа на делче кое тешко ќе го заборави и најсклеротичното суштество на планетава.

Да пуштаа комерцијалниве радија инструментална музика, ќе имаа мака да одберат која од нумерите на Seven Days Of Falling да ја презентираат во програма. Слатко меланхоличната насловна композиција, Mingle In The Mincing-Machine, со бавниот старт и подоцнешната експлозија од мелодии и ритми, Did They Ever Tell Cousteau?, со баражот од разиграни пијано и бас-звуци, втората балада, Believe, Beleft, Below, но и полетната Elevation Of Love, сите овие теми имаат топ-листа-потенцијал. Нормално, доколку живеевме во свет помалку опседнат со заслепувачката страна на инстант-славата, трговските центри и светкавите пакувања, а повеќе заинтересиран за делата што вистински вредат и се паметат. А токму бидејќи Seven Days Of Falling воопшто не се замара со надворешните очекувања и денес ја има истата свежина и тежина како и кога беше издаден. Тешко дека таа ќе избледи и во иднина.

Оцена: 100/100

Артист: Esbjörn Svensson Trio
Албум: Seven Days Of Falling
Датум на објава: 22 септември 2003
Продуцент: E.S.T.
Издавач: The ACT Company

Листа на песни:
1. Ballad For The Unborn – 5:31
2. Seven Days Of Falling – 6:26
3. Mingle In The Mincing-Machine – 6:52
4. Evening In Atlantis – 0:50
5. Did They Ever Tell Cousteau? – 6:05
6. Believe, Beleft, Below – 4:51
7. Elevation Of Love – 6:42
8. In My Garage – 4:18
9. Why She Couldn’t Come – 6:30
10. O.D.R.I.P – 14:25

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 15.09.2009]

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>