Breaking Bad: Его, дрога и рак-ен-рол

Целокупната еволуција, општествениот развој, технолошкиот напредок и домашното припитомување се бришат и човекот се претвора во непрокопсано животно во истиот миг кога ќе се соочи со еден, единствен, факт – смртта. Суровиот инстинкт тогаш е цар, а разумот е пион што лесно се командува и бесчувствително се продава. Конечноста се претвора во врвната валута со која во менувачницата на секојдневието по екстремно и хаотично променлив курс се купува колку што е можно повеќе од ситните часови на опстојувањето. Цврстите уверувања се топат како зденка во рерна. Моралот се користи како доказ дека теоријата на релативитетот има и филозофско значење. Судбините на другите се неважечки како потенцијално добитно ливче од спортска, но уништено од пораз во германската четврта лига-исток.

Буквално сè од ова може да се оствари кога пред индивидуата ќе се испречи финиш-линијата, особено доколку тоа е неочекувано и ненадејно. По споменатата радикална патека мнозинството, сепак, ниту помислува да згази, а камо ли цврсто да зачекори. Освен ако не се вика Волтер Вајт и не е главен лик во една од најдобрите телевизиски серии снимени последниве неколку децении – Breaking Bad. Во овој случај, што смее и што не е дозволено да се прави, како е прифатливо или несоодветно тоа да се изведе, дали правилата постојат за да се почитуваат или за да се игнорираат, одговорот на сите овие дилеми постои само во умот на централниот карактер без разлика што секоја од нив не е ниту дискутабилна, туку е општоприфатена норма. Не и за учителот по хемија кој по 50-тиот роденден ќе дознае оти има напредно развиен рак на бели дробови.

Без да навлегувам во детални описи и прераскажувања, двигателот на заплетот по оваа вест релативно брзо одлучува да го прифати духот на рак-ен-ролот (сè уште се мислам за соодветноста на терминот). Тоа значи да продолжи – или во неговата инстанца да почне – да постапува како полнокрвна рок-ѕвезда и покрај тоа што му откриле рак што на дофат му ја става смртта. Прескокнувајќи ги чекорите за кои во нормални услови се потребни повеќе години, питомиот наставник ќе се претвори во бесно суштество што живее до плафонот на можностите. За последиците, генерално не мисли, освен кога тие директно не го засегаат. Напросто, тој станува „Разлошен“ како и музичарите кои со реткиот талент си обезбедиле слава, но не добиле упатство за нејзина употреба поради што се редат низа подеми и падови, компликации поиспреплетени од фантазијата на Џ.Р.Р. Толкин и надоврзување на речиси секој еден чекор напред со два назад.

Приказната за нормален човек фрлен во живиот песок на штрекната ситуација не е ниту прва, ниту последна. Во Breaking Bad отскокнува оти функционира подеднакво подмачкано на две нивоа – како напната крими-трилер-акција и како потресна драма за луѓе од крв и месо. Жанровски и тоа многупати претходно е испробано, меѓутоа, во најголем број од обидите, само една од двете страни е успешна или, пак, меѓу обете има огромна разлика во квалитетот. Шоуто на Винс Гилиган нема такви слабости или ги сведува на најприфатливиот, тек-тук остварлив, минимум. Гледајќи ги сите досега емитувани 54 епизоди последователно, во рок од три-четири недели, лесно заклучив дека во ритамот, издржаноста и севкупниот квалитет на серијата нема тешки падови и пропусти. Делото на 46-годишниот сценарист со искуство и на The X-Files зграпчува, отпрвин трпеливо стегнува, за потоа да го стави гледачот во клинч во којшто е болно да се остане и од којшто своеволно не сакате да се ослободите.

Освен мајсторскиот развој на дејствието со безмалку совршена егзекуција на потезите за држење на публиката во постојана состојба на тензија, магнетизмот на Breaking Bad има срцевина исполнета со мал милион опипливи, веродостојни, пластични паралели со човечноста и многу од нејзините плусеви и минуси. Тоа што почнува како решение под принуда (на високообразован човек да „готви“ метамфетамин за да заработи пари и да ги остави на семејството) се преобразува во широк простор за ослободување од фрустрациите, остварување на соништата, спротивставување на нормите, полнење на егото, градење на империјата на самодовербата, манипулирање со темелите на личните вредности и на реализирање на чиста, невоздржана, анималистичка одмазда. Списокот не завршува тука, продолжува и во други предвидливи и сосема очекувани насоки, но воодушевува со тоа што ниту една од нив не мириса застојано и нема блуткав вкус.

Глумата на Брајан Кренстон нарочно, како и на Арон Пол, Ана Ган, Дин Норис и на останатите понебитни и епизодни лица, потоа продукцијата, изборот на локации и на музика, сиот визуелен идентитет на шоуто е беспрекорен, а за тоа, без ронка сомнеж, се најзаслужни водечкиот, но и останатите сценаристи. Текстот и со тоа движењето е глатко. Ритамот се менува по потреба – од полжавски бавен до ракетно брз. Тоа што во сите опкружувања останува исто е деталното запознавање, нуркањето сè подлабоко во умот и во карактерот на човек кој од повлечен – нереализиран – генијалец по хемија се издигнува во конспираторски – издефиниран – мастермајнд за криминал. Создавајќи мит за себе и нарекувајќи се Хајзенберг, тој е насилно нестабилен како и принципот на несигурност воспоставен од германскиот физичар чие име го користи за прекар. Наспроти комплетниот хаос што често се случува поради неговата суета, Волтер Вајт на моменти смислува и егзекутира перфектни планови кои наликуваат на поезија – можеби затоа што неговите иницијали се исти како тие на Волт Витман.

Науката, пак, таа благородна дисциплина што ја идеализираме и паметиме како само спасува, а забораваме дека и уништува животи, во серијата е алатка за покорување на наркопазарот и вентил за испуштање на гневот насобран од неостварените замисли за индивидуалниот успех. Колку што трупањето пари за лечење и за добростостојба на семејството е причина Волтер да готви „мет“, толку истото го прави и поради својата облакодерска гордост и внатрешната лутина дека и покрај иновативноста и знаењето не успеал да направи нешто специјално во животот. Спас од овој дебакл (барем во сопствените очи), Вајт наоѓа во производството на метамфетамин со чистота каква што не постои во подземјето. Решеноста да не прави компромиси го натерала да избега од компанија и од патенти кои подоцна достигнале вредност од милијарди долари.

Како резултат на таа тврдоглавост, која често се искачува до вртоглавите височини на македонскиот инает, тој конечно креира уникатен продукт што во целото течение на дејствието пред гледачот поставува две прашања – дали вреди цената што самиот лик и неговите најблиски ја плаќаат и дали и до која точка секој од нас би отишол доколку од немајкаде смртта му врзе врела шлаканица. Елементот што во компактно соединение ги врзува носачите на приказната – его, дрога и рак-ен-рол – ни е добропознат од лично искуство: контролата. Опседнати со неа уште од мали нозе („ја сакам играчката тука и сега!“), по правило, следејќи клише, се убедуваме себеси дека сме суверени владетели на сопствената судбина. Стегајќи ги уздите манијакално цврсто си правиме плускавци од нереални замисли, кариеристички фантазии и материјалистички привиденија. А сè, по децении минати во бркотница, буквално сè од тоа исчезнува за секунда. Волтер Вајт заклучи дека може да згрнува пари и да ја зграбува перфекцијата, но за да открие каде сето тоа ќе го одведе му останаа уште осум епизоди. Да се надеваме оти нам нè чекаат значително повеќе. Инаку, ако не сите, тогаш 99.1 отсто од нас ќе мора да се разлошат.

Галерија со алтернативни постери:

 Ken Taylor

Dave Perillo 

Orange Floor

Rhys Cooper

Jessica Deahl

Mike Mitchell

Lora Zombie

Tom Whalen

Naioo

David Vasquez

Lucas Cardozo

Glen Brogan

Rich Kelly

Lilio the One

Tom Doyle

Непознати автори

Untitled10

Untitled08

Untitled07

Untitled06

Untitled05

Untitled04

Untitled03

Untitled02

Untitled01

Слични написи

Остави коментар