22/01/2018

University of Gnawa и Ondatropica на OFF-Fest: Дупла лекција по жар за животот

Постирано на 06/06/2013 од во Концерт, Музика

Единаесетте претходни изданија на OFF-Fest на скопската публика ѝ отворија многу музички видици, ја приближија до голем број далечни култури и ја потсетија на некои непишани вистини за убавата песна. Една од тие, што се потврди и на синоќешното истерување внатрешни и надворешни демони преку танц во Салонот на Македонската опера и балет, е дека енергијата што го движи животот речиси секогаш е раскошно присутна таму каде што материјалното изобилство е недопирливо за мнозинството.

Колумбија со децении е заглавена во граѓанско-кокаинска војна. Мароко и Сенегал не се пример ниту за пристоен, а камо ли за висок просек на бруто домашен производ. На сцената тие беа претставени од музичари кои и покрај масивните проблеми во своите татковини, сепак, имаа мака како да ги канализираат сета среќа и инспиративност што ги носат во себе, наместо тага и потиштеност. Имајќи ја предвид приземноста која што зрачеше од настапите и комуникацијата на двете групи, искрено верувам оти со таков набој се исполнети и нивните сограѓани кои ја немаат среќата да патуваат по светот.

И нас, ако сме реални, Фортуна одбива често да нè наградува со екскурзии подалеку од Табановце, ама во одредени случаи и подобро е да си дома за да посведочиш дека и во македонската куќа на „високата“ култура може да има жур со „ниски“ потреби. Ако во вообичаена оперска или балетска вечер МОБ е како замрзната галерија на кичерајски тоалети и на разнобојни машни, вчеравечер наликуваше на рејв-хангар којшто ечи од плескање на рацете и се топи од триење на стопалата од подот. Желбата за танц, која што на овие простори непотребно се сопнува на минорен детаљ како столчиња, сепак, безмалку час и половина беше подјармена и покрај тоа што University of Gnawa, бендот на Азиз Самауи, го насмевнуваше и монолитниот бетон со кој е испреплетена салата.

Настапувајќи со вештина на првокласни џез-музичари и со пасија на народни, маалски, свирачи, гостите од Мароко и од Сенегал во полно светло го прикажаа електрицитетот на музичката традиција од овие две културолошки различни, ама не и неспоиви земји. Поврзувајќи ја опседнувачката моќ на арапско-берберското пеење со хипнотизмот на северно-африканските ритми, групата укажа дека иако доаѓаат од воглавно пустински региони нивниот звук е сè само не е пуст, празен и монотон до недоглед. Освен што пулсираше со животот скриен во калливите и сламени куќички, тој беше „надграден“ со земјотресно длабок бас под силно влијание на фанкот и со акустична гитара која поради употребените педали за миг се претвораше во високонапонски блуз и рок. Во целата оваа и онака нескротлива комбинација „раздивените“ перкусиите внесуваа дополнителна доза анимализам, а клавијатурите сето тоа го нагласуваа со мали, но битни делници.

Прибраната раздвиженост, широките насмевки и извиците подвлекуваа дека седењето е излишно на толку збиена изведба, меѓутоа, публиката стандарно се пресрами дури откако фронтменот на University of Gnawa ги повика да станат. Мнозинството не само што ги исправија нозете, туку и скокнаа и за време на бисот непрекинато танцуваа. По ова „релаксирање со дозвола од одговорниот“ Ondatrópica пред себе добија вистински денс-подиум. Тој имаше силен колумбиско тропски колорит, но беше болдиран од бас со рокерска основа, џез-саксофон и тапанар којшто лежерно би се вклопил во некој од френетичните прог-гиганти од 70-тите години. Задржувајќи го развеселениот, народен и уличен, дух на музиката во која што е вкоренет, составот од МОБ направи кварт во Богота, каде што можат да се сретнат луѓе со дијаметрално спротивни профили, но сите се обединети во идејата за комплетно, невоздржано, уживање во моментот. Со оглед на тоа што и првата формација што се качи на бината се водеше од иста мисла, заклучокот е дека Скопје на четвртата вечер од OFF-Fest 2013 доби дупла лекција по жар за животот. За разлика од тие по физика, хемија или по математика, верувам оти оваа повеќето со мерак ќе ја повторуваат, препрочитуваат и прераскажуваат.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>