22/07/2018

Queens of the Stone Age – …Like Clockwork [Matador, 2013]

Постирано на 12/06/2013 од во Албуми, Музика

Суптилност и директност. Два термина, две авторски карактеристики, кои што според веќе воспоставените шеми не се очекува да опстојуваат истовремено во нечија музика. Разбирливо, со оглед на тоа што се спротивни како рационален атеист и антиквизиран демо(н)христијанин во модерно-феудална Македонија. Држејќи се до првиот пристап, потписниците на песните се изразуваат одоколу, меѓу редови, ненаметливо. Следејќи го вториот принцип тие се искажуваат со кроше, сокуто или кој било друг удар што ја симболизира непосредноста. Исклучоци кои извонредно се снаоѓаат со двете алатки, сепак, постојат, а за таков отсекогаш сум го сметал Џош Хом. Сликата што за него се гради преку рок-хитовите што ги создава е дека сака да освојува на прва топка, без да го отекува слушателот. Тоа е вистина, струи во рокачините од Feel Good Hit of the Summer до Sick, Sick, Sick, но во нив отсекогаш сум забележувал и завидна доза на суптилност воглавно сконцентрирана во мелодиите. На Like Clockwork, пак, новиот албум на Queens of the Stone Age, улогите се сменети и таа убедливо доминира.

Ова се регистрира во фактот што изданието не грабнува веднаш туку прираснува, се закатанчува постепено, односно комплетно влегува во grower категоријата. До Songs for the Deaf (2002) групата зачната во гратчето Палм Дезерт и сенките од кактусите во пустината Мохаве режеше со маглива стоунер-дисторзија, бучна панк-нервоза и со траги од метал-лутина без да се грижи за бројот на жртви. Во 2008 година составот со Lullabies to Paralyze фати кривина кон блуз-елегиите, соул-беседењето и потиштената атмосфера креирана од слајд гитарата. Престројувањето изгледаше нагло и остро, ама ако и со микро-концентрација се набљудува под површината целосно е јасно оти овие елементи се присутни и во раната дискографија. Таа замисленост, тоа преиспитување и сите оние илјадапати поставени и само во себе одговорени прашања за човечноста го основаат јадрото на …Like Clockwork. Трите точки на почетокот на насловот можеби делуваат како безначајна симболика, но во нив е содржана не само долгата временска пауза од претходниот диск, туку и длабокото земање здив од фронтменот и од бендот.

По шестгодишното полнење на белите дробови со кислород, Queens of the Stone Age сега поретко трча спринт. Најчесто трпеливо се тркала низ сложени мрежи од сокаци, булевари, автопати  и тунели. Пешачи долги растојанија низ паркови, кории, ридови и планини. Освојува врвови. Се тумба вртоглаво до дното на долини. Лебди. Спокојно, со самоувереност на зен-мајстор, стартува со бас тежок како танкер на Keep Your Eyes Peeled, што потоа контролирано детонира, се смалува, менува агрегатна состојба и се претвора во камион со долга приколка што плови по американските патишта на I Sat by the Ocean. Како и паралелите во претходнава реченица, така и материјалот е преполн со контрадикторности, а само една од нив е електро-сајзерот што еволуира во плачлив шестжичен монолог на The Vampyre of Time and Memory. Маршот покажува лице на If I Had a Tail, каде што се провлекува и ситна посвета (или досетка) за Lady Marmalade на Кристина Агилера. Хеви-влијанијата на грб ја носат My God Is the Sun, а Kalopsia ја спушта топката на успорен, морничав, терен.

Тензијата вешто и збиено се крева на Fairweather Friends пред да имплодира во риф што опседнува како првата сезона од House of Cards. Паркетот на подиумот се дроби од денс-ритамот и фанк-вокалот во Smooth Sailing, додека ветерот на пустината нежно мекнее со заразните ноти во I Appear Missing. Стуштеното, репетитивно и воопшто нездодевно пијано го расчистува чадот од бучавата по што бргу се разјаснува дека последната, темата што го затвора, е точката во која што сите идеи, дилеми, чувства и искуства се обединуваат и генијално ја затвораат колекцијата. Во композициите што водат до неа предводникот и групата се истураат и претураат низ себе, меѓутоа, во финалните шест минути невоздржано крварат. Тоа не го прават брутално директно како Џорџ Р.Р. Мартин во Game of Thrones, туку слоевито и суптилно како Метју Вајнер во Mad Men. А како и Дон Дрејпер, носечкиот лик во оваа серија, така и Џош Хом е прогонуван од студената конечност на смртта. Веројатно затоа ги подмачкал своите авторски запчаници, ги освежил тие на бендот и овозможил Queens of the Stone Age на …Like Clockwork да работи безмалку беспрекорно, како часовник.

Оцена: 93/100

Артист: Queens of the Stone Age
Албум: …Like Clockwork
Датум на објава: 3 јуни 2013
Продуцент: Џош Хом
Издавач: Matador

Листа на песни:
1. Keep Your Eyes Peeled – 5:04
2. I Sat by the Ocean – 3:55
3. The Vampyre of Time and Memory – 3:34
4. If I Had a Tail – 4:55
5. My God Is the Sun – 3:55
6. Kalopsia – 4:38
7. Fairweather Friends – 3:43
8. Smooth Sailing – 4:51
9. I Appear Missing – 6:01
10. …Like Clockwork – 5:24

Тагови: , , , , , , ,

One Response to “Queens of the Stone Age – …Like Clockwork [Matador, 2013]”

  1. Naum 13 јуни 2013 at 11:01 #

    Страшен албум! Одамна се чекаше ова од момциве, доста фаќаа кривини. 😀


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>