28/06/2017

Пет причини зошто Game of Thrones ќе остане на ТВ-тронот

Постирано на 14/06/2013 од во Телевизија

Сувопарно гледано, одредувањето на врвното место во телевизискиот медиум денес е исто како и пред пет децении. Статистиката владее, а под неа се подразбира бројот на гледачи. Најконкретно – во САД. Следејќи ја оваа логика изминатава есенско-зимска сезона шампион беше симпатичната ретро-детективска серија NCIS со 21.6 милионска публика. Просечно. По епизода. На пазарот, ова е нескршлива вистина. Во јавноста во Америка и особено надвор од нејзините граници, сепак, ТВ-наслов што најголем број луѓе го знаат, дури и да не го следат, е Game of Thrones. Десеттото продолжение од годинашното поглавје на проектот во живо го погледнале 4.2 милиони луѓе, ама ако на тоа се додаде дека истото е најпиратирано парче телевизиска програма, се расчистува темелот на ова мое тврдење. Подолу следуваат петте прични зошто екранизацијата на книгите на Џорџ Р.Р. Мартин уште некое време ќе командува од оваа топ-позиција.

5. Приказната е драма, а не мутава средновековна акција
Замоци, штитови, коњи, долги мечеви и уште подолги копја. Расипани заби, копани од пиле големи колку бут од свиња, коси мрсни како моторот на стар Харли Дејвидсон и пливање во алкохол како да е вода што лекува реума. Кал. Купишта и купишта кал во секоја боја и густина. Крв. Водопади и фонтани крв прскаат низ стаклото на рамниот ЛЦД-екран секогаш кога противници криво ќе се погледнат. Без разлика на сето ова, Game of Thrones не е адреналинска акција што освојува со масовни кланици како тие во Средниот век. Серијата е врвна човечка драма во брутално феудално опкружување.

Сите кои ова не го сфатија уште од пилот-епизодата во април 2011 година најгласно негодуваа за БББ-рејтингот на третата сезона – бавно (темпо), бескрајно (дробење) и бесмислено (сплеткарење). Анализирајќи зајадливо, ништо од ова не е кул како нож обвиен со р’ѓа што ја пробива вратната артерија или, пак, како сцени со илјадници воини кои си ги вадат душите. Коментирајќи од спротивен агол, како гледач кој што сака серијата да го замисли, наместо да ги блокира мислите со бесконечно насилство, меѓучовечките односи и развојот на карактерите или со еден збор – драмата – е клучна. Таа им дава смисла на сплетките, занимливо нè држи далеку од крајот на дробењето и не создава чувство дека темпото треба да се забрза. Секој од овие аспекти се зацврсти, се прошири и се надгради во третата сезона.
4. Деталите владеат, наместо задоволувањето инстант-потреби
Современата телевизиска продукција, особено американската и конкретно таа што оди на големите мрежи како NBC или CBS, оперира според формулата „40-минутен фикс“. Малиот екран, или идиотската кутија како што сленговски се нарекува во САД, одамна е асоцијација за дрога за масите меѓу интелектуалците. Последнава деценија, како што нагло скокна моќта на филмската технологија, така и ТВ-програмата се претвори во уште поефективен задоволувач на инстант-потребите. Креаторите можеле да решат и Game of Thrones да ја следи истата, полесна, насока, а сепак, ја избрале спротивната и потешка – таа што се потпира на деталите.

Ставањето на подробностите во фокус беше очигледно уште во првата, но во третата сезона пристапот широко отвораше очи со бројноста, сликовитоста и со сложеноста. Најспората низа од 10 епизоди досега истовремено беше и најдинамична во поглед на воведување нови и ничкосување стари ликови, запознавање со минатото на главните и споредните херои, како и околу претставувањето на визиите и надежите на големите и малите фамилии. Освен што е драма, Game of Thrones е и серија со политички призвук и аналогија за општествениот поредок. На овој план, детаљ што вреди да се нагласи е дека во третата сезона се појавува армија на народот, без крал и сина крв, наспроти сè што застапуваат помалку или повеќе богатите семејства. Листата со вакви „ситници“ е долга и го оправдува одењето на авторите спроти ветрот на кусогледата површност.

3. Сценариото е нагласено писмено, наместо глупаво со умисла
Заклучокот дека доминантен дел од современата телевизија е мешалка за бетонирање на умот со моронштини не е генијално откритие. Фрлањето еден поглед во канонадата од реални шоуа е доволен за да се сфати дека масите (оние милијардите, не дрвените) секојдневно се подложени на  агресивно заглупавување. Дали е тоа доброволно или е наметнато е прашање на кое истовремено можат да одговорат и јајцето и кокошката. Паралелно со сето ова, ТВ-меинстримот изминатава деценија минува низ ренесанса на креирање и исклучително интелигентни проекти, а меѓу нив, Game of Thrones осигура позиција на поставувач на стандарди и на кревач на очекувања.

Епизодите на серијата траат отприлика 60 минути, авторите можеле да изберат да ги задушат со клишиња и провидни фрази, но нивниот текст е еден од најпрочистените и можеби најстегнатите денес на телевизискиот медиум. Ако сте манијаци по зборови и по пишување и се восхитувате на вештината потребна за нивното распоредување, сценаријата на David Benioff и на D. B. Weiss нудат не само забава, туку и лекции по проникливост, но и по симболизам. На ова поле, третата сезона го презеде приматот од касапењето во втората. Не дека годинава не падна доволно крв од април до минатата недела, ама дијалозите убедливо водеа, што и се отслика во солидниот број искази на згрозеност од „тапанењето“. Тоа укажа и дека авторите не погрешиле што го засилиле фокусот на текстот, наместо да се потпираат на лабави досетки и шупливи пораки.
2. Сржта е епска, меѓутоа, нема класичен судир на добро и зло
Десетици илјади зборови, илјадници параграфи и стотици различни ликови се портрет за епската срцевина на Game of Thrones. Ова е карактеристика што не може да означи ништо друго освен велика, грандиозна, широкоекранска приказна. Во литературниот концепт, најчесто, тоа значи ротирање околу оската на битката меѓу класичното добро и зло. Вака замислен, овој свет на фантазија е лесен за разбирање, најконкретно кога е во прашање моралноста на ликовите. Универзумот на Џорџ Р.Р. Мартин не само што е далеку од пристапов, туку изгледа и како свесно да бега од неговата неинтригантна и навидум перфектна поставеност. Целосно свесни за ова се и авторите на серијата.

Пренесувајќи ја истата атмосфера на несигурност и на преиспитување од книгите во телевизорите (и во мониторите), сценаристите и продуценти не покажуваат знаци оти ќе се откажат од притискање на гледачите. Третата сезона беше најбрутална досега во поглед на испрашувањето на индивидуите во публиката како тие би се поставиле ако се најдат во небрано или во благосостојба како централните и споредните карактери во дејствието. На тест годинава беше сè од најосновно човечко преживување преку сон за покорување на цивилизацијата до жртвувањето – лично или на други – со цел истиот тој човечки род да опстои. Ништо ново, во основа, со таа разлика што ако другите шоуа ги инспирираат следбениците да стават прст на глава, Game of Thrones им става светкав нож на грло. Во такви услови, перспективата е изненадувачки поинаква.

1. Книгите се злато, но авторите не ги креваат на пиедестал
Кога одредена книга или поспецифично, низа од романи, згора на тоа и фантазија, ќе се филмува или ќе се оживее како ТВ-серија, најкрволочните форумски тепачки се водат околу веродостојноста. Реално, тоа и не се пресметки. Повеќе се бранови од безочно зборовно насилство упатено од масовната армија фанови до режисерот, сценаристот, продуцентот, студиото, Холивуд, генерално, до Силата што владее со космосот зашто дозволила такво сквернавење воопшто да се случи. Мнозинството обожаватели сака транфсерот од хартија на екран да биде што е можно побуквално, а тоа е и причината за разгорениот бес којшто ги придвижува овие реакции.

Слепото препишување од книжевни поглавја е последното нешто што би го гледал на платно или на телевизија (добро де, тоа е Jersey Shore). Затоа имам невиден мерак што Game of Thrones извонредно мудро балансира меѓу изворниот материјал и потребите на серијата како формат за раскажување. Лесното пронаоѓање оправдувања сè уште ме спречува да ја дочитам литературната верзија, но правејќи споредба меѓу тоа што сум го поминал на страница и тоа што сум го видел на правоаголна пластика рамнотежата е остварена мајсторски. Чувството, живописноста, мирисот дури, сето тоа е создадено во духот на делата на Џорџ Р.Р. Мартин. Не секогаш се поклопува со сликите што самиот сум ги креирал, меѓутоа, ако се држи до оваа авторски слободна и во исто време верна по суштина интерпретација, серијата и во следната година ќе остане на ТВ-тронот.

Текст објавен по премиерата во 2011:
Game of Thrones – Фантазија од крв и месо

Галерија со постери:

Jacob Bannon:

Vania Zouravliov:

JC Richard:

Ken Taylor:

Aaron Horkey:

Jock:

Richey Beckett:

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>