22/10/2017

Man of Steel: Прероден Супермен од р’ѓосан челик

Постирано на 24/06/2013 од во Филм

Стриповите никогаш не биле меинстрим. Филмовите, пак, снимени врз основа на тие илустрирани приказни денес суверено владеат со главниот, глобален, културен тек. Заклучувајќи оти милијардa и кусур луѓе кои во животот не купиле исшарана книга, сепак, можат да се довлечкаат во кино и да гледаат екранизирани верзии на јунаците облечени во спандекс, Холивуд вложи доминантен дел од своите џиновски ресурси во оживувањето на деветтата уметност. За Французите таа има вистинска арт-тежина, кај Американците таа е поп-ориентирана, но и покрај овие различни гледишта, најголем дел од јавноста не е опседнат со нејзините цртани карактери и дијалози во балончиња. Специјализираноста на медиумот долги години ги мачеше продуцентите, режисерите и сценаристите од Лос Анџелес кои не можеа да го скршат кодот којшто кон театрите со сребрено платно ќе насочуваше непресушни реки публика.

Проблемот отсекогаш бил како, истовремено, да се задоволат гарантираните десетици милиони редовни читатели на стрипови и стотиците милиони кои, не само што не се опседнати, туку и со доза на потсмев гледаат на овој универзум. Во првиот модерен бран на реетаблирање на суперхеројските долгометражни наслови, поттикнат од X-Men (посериозна насока) и од Spider-Man (понаивна варијанта), наклонетоста повеќе беше кон гиковите и нердовите, а помалку кон обичниот плебс. Како што паричното тесто на бокс-офисот набабруваше достигнувајќи невидени пропорции, така балансот се изгуби и вниманието, безмалку комплетно, се впери кон најмасовната публика која воопшто не е или е минимално образована во комплексноста на comic book жанрот. Со Man of Steel, остварувањето што по седум години на широкиот екран го враќа врвниот надјунак, Супермен, стрип-почитувачите се истуркани далеку во заднина, а во преден план е исполнувањето на очекувањата на нај-најпросечните гледачи.

Нечитањето стрипови е вредносен суд за нечиј карактер, меѓутоа, не е клучен. Не мора и не е возможно (иако треба) секој да ги следи овие креации, а не е нужно и филмовите снимени според нив слепо да ја копираат основата. Авторите на екранизациите се тие што се обврзани да создадат форма во која ќе се пронајдат и детално информираните и крајно незаинтересираните. Во Man of Steel темелот е здробен. Останата е кривулеста линија од полуискршени парченца кои се извиваат под свежата сценаристичка градба како кај објект повторно издигнат врз костурот на древна и заборавена структура. Да, Супермен е од Криптон, ама тој прекар во делото на Зак Снајдер дали и двапати се појавува (и тоа срамежливо), а иконското „С“ е симбол за надеж на планетата од која што потекнува. Човечкото име му е Кларк, но тој не е совршен примерок за несмасен geek, туку набилдан р’мбач на рибарско бродче, вреден келнер во друмска кафеана и физикалец за сите намени во канадски арктички камп.

Откако Warner објави дека на сребреното платно ќе го враќа херојот во сино-црвениот костим се разјасни оти тоа ќе биде сосема ново читање на потеклото, но во Man of Steel боите се помодрени, а јунакот минува низ психолошко сито и решето додека се бара себеси. Вклученоста на Кристофер Нолан веднаш даде до знаење дека The Dark Knight ќе се преслика и во Кал-Ел, меѓутоа, освен естетски и во генералниот тон на сторијата, мрачното витештво не е присутно. Тоа што, сепак, го има во изобилство е нагласената сериозност, величина и космичка грандиозност на заплетот. Кој што сака нека верува, ама во стрип-филмовите мора барем да се појави чувство дека не се сфаќаат претерано сериозно. Самоиронијата, дури и на микро-степен, не смее да отсуствува, а од неа во интерпретацијата на Дејвид С. Гојер речиси и да нема трага. Ако првичните верзии на Супермен беа воглавно акции, со силен комедиски зачин и трошки трилер, најсвежата е епска фантазија со елементи кои премногу потсетуваат на Thor и на Prometheus.

Визуелно, тоа е спектакл којшто во солиден дел фасцинира, но и заглушува, особено во последниот час, каде што креаторите сиот арсенал го користат за дожд од деструкција. Каскадерските и компјутерски изработените сцени се импресивни, меѓутоа, нивниот корен е болдирано оперски, со квазирелигиски и митолошки мотиви, што ги прави изнасилени и смешни поради надуеност. Целото течение, едноставно, е обременето од идеи, пораки и прашања стари колку и космосот. Политичките призвуци се пристојни, особено добро отелотворени во фашизоидниот генерал Зод. Бројот на ваквите мисли и нивната величина, сепак, е непотребно голем што ја прави нарацијата натискана како индиски воз во понеделник наутро. Тажно е што во целата таа гужва од навестувања и очигледни теми нема место за романсата меѓу Супермен и Лоис Лејн, за новинарството како камуфлажа и симбол за борба за вистината, за фарсичната комедија на трапавиот Кларк Кент. Затоа, пак, блика водопад од внатрешни дилеми како верба, надеж и морал наспроти макијавелистички спас на нацијата, божественост контра хуманизам, сурова еволуција или емпатија со послабите.

Величественоста не е туѓа во стриповите, тие често користат гигантски метафори за да пренесат приземни заклучоци, но Гојер, Снајдер и Нолан овојпат не раскажуваат, туку натураат, задушуваат, со изнасилено филозофскиот и наметнато прониклив опфат на приказната и на дејствието. Не постои ниту зрно сомнеж дека оваа зашеметувачка илузија, подвлечена од одушевувачки дигитални ефекти типични за провидни летни блокбастери, од домовите ќе ги измолкне и најненаклонетите кон мегаломански стрип-хитови и ќе ги упати во механички колони кон киносалите. Убедливото мнозинство ќе ужива без да глуми, ќе се забавува искрено и на крајот ќе се почувствува специјално. Констатацијата дека снаодливите умови зад Man of Steel уште повешто ги смачкале срцето и срцевината на ултимативниот стрип-јунак нема да вреди петпари. Супермен, напросто, е прероден за сегашните и за идните генерации. Р’ѓосаниот филмски челик, пак, од којшто тој сега е излеан ќе остане скриен под современата, светкава и стилска, (3Д) амбалажа.

Оцена: 59/100

Наслов: Man of Steel [„Човек од челик“, официјален превод]
Премиера: 13 јуни 2013 (САД) / 20 јуни 2013 (Скопје)
Режија: Зек Снајдер
Улоги: Хенри Кавил, Ејми Адамс, Мајкл Шенон
Продуценти: Кристофер Нолан, Чарлс Ровен, Ема Томас, Дебора Снајдер
Сценарио: Дејвид С. Гојер
Приказна: Кристофер Нолан и Дејвид С. Гојер
Според ликот на: Џери Сигел и Џо Шустер
Музика: Ханс Зимер
Студио: Legendary, Syncopy, DC Entertainment
Дистрибуција: Warner

Галерија со постери од:

Martin Ansin

Leonardo Paciarotti

Ken Taylor

Salvatore Lomedico

Тагови: , , ,

One Response to “Man of Steel: Прероден Супермен од р’ѓосан челик”

  1. Naum 27 јуни 2013 at 14:43 #

    Чуден, различен, пресериозен и премногу наклонет кон деструкција. Пола акција, пола драма. Балансирано. Не е лош. Можеби се очекуваше премногу од инволвираноста на Нолан во проектот, па не согледаа сите дека ова не е Бетмен и дека е незгодно за изведба. Како и да е, мене ми се допадна. Особено по некој филинг дека ова е само вовед, а дека следниот ќе биде мастерпис. Така ми делува. Кејвил е одличен иако делува несигурно (ради сценариото) низ текот на филмот. Ама последната сцена (he’s kinda hot :D) го покажува во право светло о ликот и глумецот, затоа очекувам повеќе од наредниот. Ова е темелот, зградата полека ќе се издига 😀 (аман со тоа зградите, признавам претераа, иако таква мегатонска тепачка у сред центар на метропола визуелно на филм најубаво би изгледала со многу деструкција. Не може баш, “извини да не те мавам вака, ај малце на чисто да идеме сметаат објективе”). Ова е Супермен за нови генерации, сакавме помрачен и посериозен, го добивме 😉


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>