ЛД Пистолеро – После мостот [2013]

Цврстиот, проникливиот и запаметливиот рап е спој на интроспекција и вивисекција. Знам, тешки и долги „вујаклиски“ зборови за стил што се води од идејата за јазично растегнување сè со цел да се пренесат две суштински работи – ставови и чувства. За нив да ги опишете не се потребни речници или лексикони, ама е пресудно личното искуство и внатрешната потреба истото да го споделите со светот. Не желба. Секој може да посака да им се издере или изрецитира в лице на маалото, земјата во која што живее или на планетата. Сите, од друга страна, длабоко во себе не ја носат нужноста, не се под константен интерен притисок, да исфрлуваат размислувања и емоции. Тоа не се фејкува. Или се провлекува во песните или се извлекува заклучок дека е шупливо. А провидноста се држи далеку секогаш кога се анализирате себеси (интроспекција) и кога го растресувате опкружувањето (вивисекција). ЛД Пистолеро го прави токму тоа на деби-албумот „После мостот“.

Не е ова политички набилдано издание, но не е ниту тапоглава колекција во која што хип-хопот се третира како балканска турбоестрада. Нишка на забава има, таа дури и не е тенка. И не треба да биде, ако се знае дека од своите зачетоци до денес ритмите биле нераздвојни од ентертејнментот исто како што римите биле нераскинливи од улицата. А што е таа ако не збир од луѓе чии судбини зависат не само од индивидуалното, туку и од колективното, општественото. Како што ЛД Пистолеро подвлекува во обвивката на дискот: „Mојата музика е за оние што осетиле како е да си сам и кога си со сите“. Во Македонија оваа горчлива состојба на умот и телото поврзува поголем број поединци од која било партија, религија или етникум. Скопскиот рапер продорно, сликовито и интимно пренесува дека мнозинството од нив се заложници на малцинство силеџии – без разлика дали тие се локални дилери, „композитори и текстописци“ и директори со концесии за лоповлук на државно ниво.

Рапот на „После мостот“ нема гитари, не е бучен, какофоничен или брутален, но и тоа како отелотворува катарза. Меѓу музичките изведувачи, овој термин се користи за тие што вриштат и тропаат, меѓутоа, и ЛД Пистолеро со овие 15 парчиња се прочистува и воспоставува душевна рамнотежа – пред себе и пред сите што (ќе) го слушаат цедето. Како албум, пак, како целина, збирката нема беспрекорен баланс. Почнува солидно од „2 по 28“ до „Тишина“, губи малку здив од „Мирен сон со рибите“ до „Дупла дупла доза“, ама од „Болес“ до последната, „Без вас за вас“, испукува трака по трака скоро перфектен хип-хоп. Во овој убедилво најмоќен сегмент на плочата, „ЛД“ е огледало, парче откинато од биографијата на авторот, „Нема назад“ извонредно ја продолжува вечната дебата меѓу парите и доследноста, а „Деца на транзицијата“ е, едноставно и воопшто неарогантно кажано, првокласна, можеби и најдобра химна за младите кои растат во состојба на промена чиј крај не се наѕира – и на системот и на сфаќањата.

Кога е потписников на изданиево во прашање, тој дефинитивно еволуирал настрана од шундот (српски или турски, сеедно). Се слуша дека иако е релативно млад, артистот е под влијание на (по)старата школа и разбирливо, гравитира кон пристапот по којшто е препознатлива „Легијата“ – и засебните членови и како колектив. Тоа што продолжува да гази по патеката поплочена од бендот, која е обрабена со концептот дека стиховите се религијата во рапот, не го спречува и на продукцијата да ѝ отстапи сличен степен на почит што таа несомнено го заслужува. Нема тука студиски финти чија цел е да бидат повод за простачко кочоперење колку се скапи. Во изобилство, пак, има умни и вешти мелодиски и ритмички решенија. Тие во извесни мигови се граничат со минимализам, но нагласуваат значително повеќе – и ставови и чувства – отколку „композиции“ кои се понакитени и од старо-новиот барокен театар. Причината за тоа е рудиментарна, како и домашното воспитување што во Македонија е на листата со загрозени видови – „ЛД Пистолеро“ создава музика наменета за оние што прават разлика помеѓу добро и лошо. За нив, „После мостот“ е хип-хоп (само)анализа што го подобрува сè поразлошеното домашно опкружување. На останатите, пак, албумот може да им послужи како лесна дрога за тешко освестување.

Оцена: 84/100

Артист: ЛД Пистолеро
Албум: После мостот
Датум на објава: март 2013
Продуценти: Страјк, Tonyo, Гоце, Џака, Брус, Таззак
Издавач: ЛД Пистолеро

Листа на песни:
1. Интро – 1:05
2. 2 по 28 – 4:00
3. Безчуствителна балада – 3:39
4. Гомно ем сератор – 4:27
5. Тишина – 3:09
6. Мирен сон со рибите – 4:40
7. Лоша навика – 3:19
8. Дупла дупла доза – 2:43
9. Болес – 3:49
10. ЛД – 3:25
11. Нема назад – 3:45
12. Проблеми – 4:24
13. Деца на транзицијата – 4:08
14. Изгубен во темата – 4:07
15. Без вас за вас – 6:22

Слични написи

Остави коментар