House of Cards: Разнишување на американската политичка кула од карти

Како што се развивала или се уназадувала со текот на вековите, политиката се вброи себеси меѓу појавите што со подеднаква пасија предизвикуваат одбивност и возбуда. Дилемата дали сè, во основа, е поврзано со овој општествен двигател е решлива колку што може да се најде одговор на прашањето дали вселената се шири или веќе е мртва, а ние опстојуваме во нејзиниот отсјај во временското огледало. Дејноста со која што се управува или масакрира секоја држава не е комплексна физика како испитувањето на потеклото на универзумот, но таа дефинитивно е сложена, повеќеслојна и заглавена на полпат помеѓу парите на моќниците и фрустрациите на граѓаните. Поради овие, ама и како резултат на долга низа други фактори, оваа вештина за владеење или способност за манипулација отсекогаш будела фасцинација кај хроничарите на битисувањето на човечкиот род. Новинарите, писателите, уметниците, сите тие за голем број свои дела се задолжени кај оваа неизбежна глобална активност. Таа е исто толку инспиративна и за филмаџиите и за авторите на телевизиските проекти, каков што е и House of Cards, веројатно најдобрата модерна политичка серија по The West Wing.

Продукциски концепт: Овој аспект делува екстремно технички и здодевен за да се издвојува меѓу најбитните за крајниот квалитет на проектот, но неговата ролја не е клучна за тоа што најголемиот дел од светските медиуми пишуваа – дистрибуцијата. Точно е дека на овој план потегот на Netflix, компанијата што ја финансира и објави серијата, е револуционерен. Никој, ниту најмоќните студија, претходно не се осудил однапред да сними цела сезона и згора на тоа, на публиката да ѝ овозможи, ако сака, да ги симне сите 13 епизоди – одеднаш. Можност за ваква инстант-достапност гледачите претходно немале во историјата на ТВ-медиумот, меѓутоа, посуштинско е како тоа им помогнало на креаторите. Ако тие вообичаено се под постојан стрес дали предлогот за шоу, најпрво, ќе им биде прифатен, а потоа и дали каналот ќе нарача продолжение по пилот-прикажувањето, таква напнатост кај House of Cards не постоела. Укажувајќи им доверба однапред, продуцентите под нозете на сценаристите ставиле сигурно тло, по што тие им возвратиле со одлично конципирана, напишана и реализирана приказна.

Замисла и дејствие: Основата на годинашната House of Cards се книгата и серијата со исто име напишани од Мајкл Добс, која во 1990 беше екранизирана во Британија од Би-би-си. Иритира тоа што многу денешни кино и телевизиски остварувања црпат или се буквални преработки на стари креации, но доколку со нив се фрла свеж, поинаков и поизострен поглед врз веќе позната сторија, не ми пречи ниту најмалку. Освен што не се одвива во Обединетото Кралство, туку во Соединетите Држави, „Куќа од карти“ е и значително посурова, порафинирана и позабавна од верзијата снимена во 90-тите. Во фокусот, очекувано, сега е американската политика, но не надворешната, како што тоа обично бива на широкото платно, туку интерната, таа што се случува во Вашингтон и во пониските општинско-околиски-федерални ограноци. Дали е крајно реална или до крајност се приближува до стварноста на теренот не може со сигурност да се каже, но начинот на којшто е направена укажува оти, ако ништо друго, со цврста рака допира до веродостојноста.

Главни фаци: Во центарот или ако сакате, на врвот од шпилот карти преку којшто се делат важни и безначајни одлуки во заплетот е Френк Андервуд, маестрално одигран од мајсторот на актерскиот занает, Кевин Спејси. Де јуре, законски, тој не е заседнат во најдлабоката и најсилната фотелја во пратеничкиот дом на конгресот во САД, ама де факто, односно во реалноста, е човекот што го насочува течението на сите поточиња, реки и притоки во оваа институција. Тој е лидер на мнозинството и негова задача е да ги строи пратениците на партијата на која што припаѓа – Демократската – да гласаат како што решил претседателот. Да, исто како и во Македонија, ова се случува и преку Атлантикот, но и во повеќето западни демократии. Мамецот на серијата е стуткан во збирот од потези, игри, флагрантни измами, меки превиткувања на правилата и сè што можете да сместите помеѓу, со којшто носечкиот карактер ја практикува политиката. Ако постои докторат за цинизам, тој би го добил додека да трепне. Во сето ова, тој е поддржан од исто толку бескрупулозната сопруга Клер, феноменално портретирана од Робин Рајт. Таа турка сопствена агенда, но и работи заедно со брачниот партнер. Меѓу нив се позиционира Зои Барнс, новинарка која опсесивно се бори за успех во новиот поредок во медиумите и која Кејт Мара уверливо и опипливо ја оживува.

Морална вртелешка: Според надворешната рамка на приказната, House of Cards и The West Wing се како јајце на јајце, но во внатрешноста, тие се спротивставени како нордиската зима и скопското лето. Ако втората, која е дело на Арон Соркин, гледа на политиката идеалистички, како мотор за поттикнување општествени промени, тогаш првата, таа реализирана од Бо Вилимон, дејноста ја прикажува невоздржувачки, како алатка за осигурување индивидуално напредување. Во такво опкружување, а можеме да претпоставиме дека и реалната политика – од тука до Владивосток – функционира токму на овој начин, нема место за совест. Затоа Андервуд ги злоупотребува луѓето без око да му трепне. Газењето по нив му го исполнува секојдневниот распоред како да е во прашање рутинирано набивање земја со валјак. Тој е архетипски антихерој што те вади од такт, те инспирира да го мразиш, но одбиваш да престанеш да го набљудуваш. На таа линија се развиваат и останатите ликови, ама Френк е тој што отскокнува и со солидна доза црн хумор. Тие што се воспитани да ја препознаваат моралната разлика помеѓу доброто и лошото тешко дека ќе му се восхитуваат, меѓутоа, само гледајќи го, изгледно е оти ќе научат многу за градоначалникот, пратеникот или за премиерот кој од нивното маало се катапултирал во функционерска фотелја.

Сценарио: Писменоста на речениците, отсечноста во дијалозите и изборот на теми обработени во епизодите од House of Cards прават серија која знае како да ја гради тензијата, да го задржи вниманието, да забавува. Таа, во истиот момент, поседува и карактеристика што прави гледачите да се чувствуваат непријатно само затоа што и за една секунда посакале да ги носат оделото, машната и чевлите на Френк Андервуд. Луѓето што имаат желба да направат или веќе отпочнале политичка кариера или тие што живеаат за да ги релативизираат потезите на нивните омилени избраници, нема да се најдат во небрано од ваквата етички дискутабилна помисла. Тие и отворено ќе се воодушевуваат. Ние останатите, пак, кои – веројатно наивно – сè уште веруваме дека водењето на државата и на животите на луѓето мора да биде чесно, ќе се згрозиме од таквото искористување туѓи судбини за лична корист. Ова идентификување или со лицето или со опачината на политичката активност е можно само поради храброста на сценаристите да напишат прониклив текст, наместо да начкртаат бездна и везден да ја полнат со шупливи, евтини и преџвакани идеи.

Севкупно: Во ера на процедурални крими-акции и на сомнителни антиустописки СФ-копии на The Walking Dead, отворањето ново окно во планинскиот венец од одлуки, потези и злоупотреби при управувањето на земјата е долгоочекувано и освежувачки. Проектот на Финчер, Спејси и Вилимон си има и слабости, конкретно во неколкуте возбудливи, а сепак, жанровски типични пресврти во заплетот, но тие дозволиво ја дестабилизираат компактноста на првите 13 епизоди. Продукцијата и режијата, како и сценариото и глумата се на скалило на серии како Mad Men, Breaking Bad, Boardwalk Empire и Justified, актуелни наслови со кои продолжува ренесансата во телевизискиот жанр. Како што тие умешно ги делкаат темите во кои се вкоренети, така и House of Cards итро, интелигентно и интересно го разнишува митот за совршената природа на американската внатрешна демократија. Гледајќи го овој трилер заклучувате оти тој е втемелен во стварноста без разлика до кое ниво е измислен. Сомневањето е здраво, но поради тоа тешко оти ќе ја пропуштите констатацијата дека политиката во САД е кула од карти подигната од (болни) лични амбиции. Помалку за пари, најмногу за моќ.

Оцена: 90/100

Серија: House of Cards („Куќа од карти”, слободен превод)
Продукција: Netflix
Премиера во САД: 1 февруари 2013
Автор: Бо Вилимон
Улоги: Кевин Спејси, Робин Рајт, Кејт Мара, Кори Стол
Основано на: Истоимена книга (Мајкл Добс) и британска серија (Ендру Дејвис)
Извршни продуценти: Дејвид Финчер, Кевин Спејси, Ерик Рот и други
Режисери: Дејвид Финчер, Џоел Шумахер, Карл Френклин и други

Слични написи

2 коментари

Миша 19/06/2013 - 13:06

Една исправка – Френк Андервуд е претставник на Демократите.

Reply
Александар Саздовски 19/06/2013 - 13:11

Исправено, фала 🙂

Reply

Leave a Reply to Александар Саздовски Откажи го одговорот