22/10/2017

Крик за спас на џез (ФМ) заедницата

Постирано на 26/06/2013 од во Колумни

Заедница е убав збор. Прæубав. Буквите наредени во него не се само лексика. Тие поттикнуваат. Будат чувство на сигурност. Овој термин е основа за пополнување на личната карта и на пасошот. Тој нè здомува. Со негова помош ја добиваме или самите си ја пронаоѓаме припадноста. Кога шетаме, кога патуваме, кога си одиме за да не се вратиме, секогаш во себе носиме најмалку ронка од заедницата што ја сметаме за своја. Под заедница не мислам на етничка или таа на станари (немам ништо против првата, втората сè повеќе ме иритира), туку на community. Дефинициите за формулацијава не се добројуваат, сите се приближуваат до вистината, но ќе ја употребам оваа: група луѓе со заедничка карактеристика или интерес, а која е дел од поголемото општество. Констелациите на лица со исти или со слични потреби се алка во опстојувањето на секоја земја. Поводот или темата се небитни, а размената, комуникацијата и поддршката се суштински.

Со ваков тон објаснета (можеби претерано детално и од крајно индивидуален агол), заедницата – во било каква форма и на било кое рамниште – од Македонија е далеку како што нејзините демократски вредности се поназад од скандинавските. Најсвеж пример за тоа е Jazz FM и затворањето што му се заканува на ова скопско радио. По безмалку 15 години во етерот единствената овдешна фреквенција специјализирана за правецот што во неколку наврати предизвика револуција општо во музиката стои на работ и гледа во амбисот од којшто нема враќање назад во етерот. Претставниците на медиумот велат оти до актуелната состојба се доведени најмногу поради укинувањето на државните грантови за радијата. Таа кусогледа одлука на институциите несомнено силно влијаела. Дел од одговорноста за перипетијата сигурно сносат и сопствениците. Покруцијална заслуга за недозволивата ситуација, сепак, пронаоѓам во комплетното отсуство на чувството на заедништво и за инвестирање во заедницата меѓу луѓето кои полнат сали на поголеми, солидно рекламирани, меинстрим џез-концерти.

Буџетските пари и во поразвиените европски земји и во САД помагаат во живот да се одржат уметнички форми кои не се комерцијални, но се слика за понапредните струи во нивните општества. „Џез ФМ“ не е галерија или културен центар легачки опуштен во пазувите на некое министерство, ама и без тоа е промотор на прогресивни идеи и креации, а згора на тоа, има и функција на образувач на публиката. Тоа што нејзиниот број губи крвнички во сооднос со локалните ар(а)мии западнати во турбо-панаѓур транс не е ниту минимално релевантно. Ако нај(не)одговорните бирократи во државава свесно и несовесно решиле мнозинството граѓани да го изложат на најнискиот шунд, каде се тогаш моќните (освестени) индивидуалци. Зошто тие не реагираат со личен придонес и со враќање назад во заедницата што, всушност, ги поставила на тоа место купувајќи ги производите што ги продаваат, правејќи сметки на смартфоните, пиејќи во кафулињата и сè останато што во ова време на криза бизнисот им го одржува без преголема грижа.

Разликата меѓу нашето и еволуираните западни општества е што кај нив помошта за убавите и најчесто не-меинстрим нешта не завршува со задолжителното одвојување од сопствениот приход во државната каса. Таму, многумина од тие што се инспирирани, се издигаат, се идентификуваат и споделуваат творби, случувања и сè друго на таа линија, лично, копајќи од свој џеб, придонесуваат сето тоа и понатаму да опстои. Кога џез-великани доаѓаат во Скопје, аплаузите се френетични, а кога домашни џез-автори ќе издадат албум, пофалбите не престануваат. Најмалку е битно дали на тие концерти дошле со измолени гага-карти или инсистирале дисковите да им бидат дарувани по заслуга, но не ми е јасно како меѓу сите личности не се нашле и такви кои со реклама, грант или со подолгорочно спонзорство досега не застанале на страната на логото и на малото студио од кое што деценија и пол се емитува голем сигнал.

Објаснувањето оти во таквиот потег нема македонска пазарна логика е добропознат, не мора да се мафта со неговото светкаво знаменце, меѓутоа, нашироко е распространет и заклучокот дека финансиски се поткрепуваат настани, дела и медиуми за кои што не вреди да се троши празно „ура“, а камо ли да бидат кул или да имаат статус на „култ“. Неоспорно не за мноштвото, ама за многу непокорливи и сè уште љубопитни луѓе во градов скопското радио има токму таква ролја. За да не ја загуби, тие со неопиплива и особено тие со реална моќ мора да го чујат крикот за спас и материјално да ѝ возвратат на џез (ФМ) заедницата на која што ѝ припаѓаат и која што од 1998 година до денес духовно ги исполнува.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>