Bioscopia и Taksim trio на OFF-Fest: Елегија за солидарноста

Забораваме често, но контекстот е извонредно значаен при восприемањето на музиката. Најчесто, пак, актуелното опкружување, индивидуално или општествено, во кое што го впиваме звукот, е и пресудно. Воопшто не е важно дали се работи за албум или за концерт. Ниту, пак, дали соло-изведувачот или бендот ги слушаме или гледаме во живо прв или стотипат. Клучно е оти состојбата на умот, без разлика дали под внатрешни или под надворешни влијанија, и тоа како го обликува доживувањето. Некој може да рече дека под притисок на елементи што не се поврзани со групата или со плочата може да се наметне целосно несоодветна перспектива, но во моите очи таа без сомнеж е комплетно заслужена. Листата со интерпретации е бесконечна, таа никој и никогаш нема да ја затвори, ама на списокот со искусувањето секогаш ќе стои само еден опис – личниот.

Актуелната градежна манија во земјава и фуриозните протести во Турција за мене беа фосфорот што го запали чкорчето на (со)чувствувањето со песните што Bioscopia и Taksim Trio ги изведоа на синоќешната втора вечер на годинашниот OFF-Fest. И покрај тоа што ја искористувам секоја можна прилика за од нив да свртам поглед, слики од новите објекти покрај кејот на Вардар ми циркулираа низ глава додека Горан Трајкоски, Елена Христова и целиот придружен состав сигурно возеа низ емотивните лавиринти на нивното деби-издание.

Накитеност наспроти минимализам и вештачка антика контра издржан модернизам. Првото поради оскудноста од детали, но преполнетоста со душа на традиционалниот звук што авторот и составот го практикува. Второто како резултат на квазидревните гипс-картон макети што надвиснуваа однадвор додека во утробата на архитектонски современиот објект на Македонската опера и балет ечеше фолклор „апдејдтиран“ со електроника од 21 век. Овој проект, конкретно, нема никаква врска со силеџиството што се случува непосредно до просторот каде што се одржа концертот, но мене напуваните орнаменти на тие градби и фасади ми ја нагласија скромноста на стариот овдешен звук под која е скриен вулкан од емоции што клокотат со векови. Тие беа силно подвлечени од филм(офил)ските оркестрации и од мрачниот амбиент. И покрај тоа што изведбата беше за композиција или две подолга одошто требаше, а и ќе имаше корист од визуелен сегмент, Bioscopia нè одведе во кино, каде што мајсторски ни проектира како се збогатува песнарката на македонската звучна традиција.

Со истата идеја, очигледно, се опседнати и Taksim Trio. Користејќи традиционални инструменти како баглама и канон, заедно со кларинет, тие аудиоизразот на Турција го пуштија низ филтри од џез до рок, а фламенкото беше двојно болдирано. Доминацијата не му беше одземена на ориентализмот, со него беа обоени мелодиите, хармониите и ритмите, но во секој од овие аспекти, групата повремено уфрлаше нишки од правците што на Запад експлодираа во 20 век. Фрагменти, секунди атмосфера или навидум препознатливи фрази, а сепак, сите тие го издигнуваа миксот над вообичаеното реинтерпретирање на оставнината на претците. И во името на сите религиозни божества и атеистички равенки како ли само свиреа! Техниката им беше гимнастичко-виртуозна, а страстата незаробена. Со неа во миг го сврзуваа огнот на Андалузија со душата на Истанбул.

Слики од Босфорот се редеа до недоглед, додека на неговите брегови поплочени со камен вознесено се свиреше и се играше фламенко. Спојувајќи ги вешто, со исклучителна доза на природност, тројката ја истакна меланхолијата, онаа силна потиштеност што поттикнува на крик. Таа е присутна секаде каде што барем и малку дуваат ветриштата на Медитеранот,  а и нам ни е инстинктивно позната. Токму во неа го пронајдов контекстот на настапот на Taksim Trio. Ако се знае дека градот поделен меѓу Азија и Европа деновиве гори од бунт и од желба за слобода, тешко дека некој синоќа не го забележа слонот во МОБ – протестите – којшто бендот на крајот и го покажа во форма на платно рачно испишано со молба за поддршка на #OccupyGezi.

Можеби дека беа далеку од блиските, оттгрнати од нивниот револт за узурпираната слобода на изразување, членовите на составот свиреа уште помеланхолично, пострастно и поенергично. Како да сакаа нивната изведба во пазувите на скопскиот плоштад што веќе е збришан да се слуша до плоштадот според којшто се именувани, а кој неделава сплоти илјадници граѓани на Турција. Или можеби тоа беше само мојот длабоко скриен внатрешен врисок на разочарување оти таквата солидарност во Македонија остана столчкана под гасениците на багерите на раздвојувањето.

Слични написи

Остави коментар