20/08/2018

Anoushka Shankar на OFF-Fest: Патешествие на сплотувањето

Постирано на 02/06/2013 од во Концерт, Музика

Недоброени терабајти информации, статуси и разновидни комуникации секојдневно по неколкупати се вртат околу планетата, а сепак, повеќе од кога било, сме фиксирани на пронаоѓање што подолга листа класификации. Дефиниции, етикети, пакети, изберете сами како ќе ги наречете, меѓутоа, сите овие засебни термини се обединуваат во исто значење – исклучување. Светот вака функционира на генерален, општествен, план, но сето тоа се пресликува и на културолошко рамниште.

Поконкретно, кога станува збор за музика, денес повеќе „бендвит“ се троши на бескрајни дискусии за тоа кој артист бил хипстерски, кој лажно независен, кој безобразно продаден, кој поп или електро, кој правел искрен панк, а кој свирел лажен метал. Ред по ред измислувања начини како најбрзо да не слушате, наместо да откриете некого. Здраво плескање на овој морбидно ограничен светоглед се случи синоќа, кога Анушка Шанкар го отвори OFF-Fest 2013.

Покрај, секако, во слоу-моушн сцените од мојата омилена серија „Бандини“, ситар во животот најмногу сум слушал во воведниот дел на Wherever I May Roam од Metallica. Електричен, меѓутоа, се брои, особено ако се знае дека се работи за часови напластени од стартот на 90-тите наваму. Без трошка сомнеж тоа не ме прави буквално никаков експерт за инструментот, но барем ми укажало колку е маѓепсувачки. Настрана сета иронија што доаѓа со неговата задолжителна употреба во филмски пародии, ситарот навистина е уникат.

Кога на тоа ќе се додаде забележителната посебност и харизма на Анушка, како и нејзиното успешно издигнување над предодреностите на музичкото, културното и веројатно најважно, семејното милје од кое потекнува, се добива мешавина што истовремено е и спиритуална и страстна. Исполнувајќи ја Универзалната сала со сетлиста од последниот албум Traveller 31-годишната лондончанка го покажа авторскиот талент со неверојатниот спој на класичниот индиски звук со фламенкото, додека за свирачките способности нè увери брзината со која нејзините прсти прелетуваа преку фасцинантната дрвена направа.

Елементот што секој професионален инструментален концерт го искачува скалило погоре и го прави посебен е свесноста кога треба да се запре. Не со свирење, туку со демонстрирање техники од страна на лидерот на групата како тие да се презентација на претходно нечуени равенки во седиштето на ЦЕРН. Шанкар, како што треба, водеше со бројот на солирања во текот на изведбата, меѓутоа, речиси и да не промаши кога ќе се насетеше доаѓање на миг за стишување, за дополнување на колегите или, пак, за нивно комплетно исфрлување во преден план.

Од нив, перкусионистот Бернард Шимпелсбергер беше убедливо најистакнат. Со енергија што се чинеше дека не може да ја потроши, тој го држеше пулсот на перформансот на нагласено високо ниво. Пејачката Сандра Караско се наметна веднаш зад него со страстноста, со пламенот, што извираше од нејзиниот зарипнат и продорен глас. Анушка, несомнено, беше ѕвездата која цела свирка сјаеше поради сигурноста во сопствените вештини и уште поважно, како резултат на вербата во неконвенционалниот микс на времиња, традиции и места што го потпишала и со свои раце го презентира пред македонската публика. За дел од жителите на поделено Скопје, тоа беше освестувачко патешествие искусено на крилјата на сплотувањето. Не само музички стилови одвоени со векови, туку и луѓе разделени со граници – локални, глобални, физички и духовни.

Тагови: , , ,

One Response to “Anoushka Shankar на OFF-Fest: Патешествие на сплотувањето”

  1. Koojena 3 јуни 2013 at 10:35 #

    UBAV tekst…Ah taa Indiska klasicna muzika, Taa raga. Ucam da sviram na sitar, izvesno vreme.Se gore napisano moze da se kaze samo so eden zbor RAGA.Kako napreduvam?? Mojot napredok e sto ucham kako da ja slusham. Da se slusha RAGA-ta e i toa treba da se uchi.Radosta e neizmerna, koga ja prepoznavash tn.”tehnika” zosto veke znaesh kade “te nosi” Ragata- vo koj mig ke te voznese, koga ke te smiri, koga ke te pretopi, so “meend” ke te rasplache, so “hammery” ke te voznese, udarot po “chikari” go drzi ritamot na univerzumot. I se sto beshe ANOUSHKA so eden zbor moze da se kaze: RAGA. A zosto bese TAA takva kako sto ja opisuvaat so site epiteti. Zatoa sto ANOUSKHA e RAGA.Anoushka e srce so plamen kon Neboto, Anoushka se posvetenite neumorni prsti na zicite.Zosto tancuvajki po zicite so “meend” tehnikata, gledame odvreme navreme gi machka prstite so maslo za da ja namali bolkata koja do srce i koska pritiska, no nie publikata toa ne go znaeme, taa je preoblrazuva sopstvenata bolka vo emocijata na RAGATA, i ni nudi i mir, i svetlina, i nasmevka. RAGA e edinstvo so Univerzumot.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>