28/06/2017

Star Trek Into Darkness: (Носталгична) акција за следната генерација

Постирано на 29/05/2013 од во Филм

Мачно е денес да се биде обожавател. Искрен, информиран и пресудно, искусен. Ова последново е галовно, за луѓе на извесна возраст да не се почувствуваат повредени. Со истиот термин, и покрај шеговитоста, сепак, се опфаќа и нечие познавање, начитаност и подготвеност на одредена тема што одамна е впишана во каноникот на популарната култура. Поради страста што доаѓа со носењето на фановската мантија и како резултат на опсесијата со конкретни стрипови, серии или филмови, ставовите на членовите на овие масовни, полуплеменски, заедници е невозможно да се сметаат за објективни. Како да сфатиш сериозно суштества кои знаат каков чај милува да пие капетан Жан Лик Пикард, а не го паметат роденденот на сопствената девојка (или да се изразам со клише-јазик: ако воопшто имаат партнерка). За нив, непристрасноста при анализата на делата од омилениот СФ, митолошки или суперхеројски универзум е недофатна. И кога треба да се фали и особено кога чувствуваат оти мора да се куди.

Со уште поголема тегоба, меѓутоа, се оптоварени тие што се сметаат себеси за фанови и истовремено, се свесни за финесите на опкружувањето и времето во кое што живеат. Лично, комплетно се вклопувам во овој калап. Токму затоа додека пред моиве очи се одмотуваше, Star Trek Into Darkness го сецкав како пациент со дијагноза за подвоена личност – едната беше гневен обожавател на космосот на Џин Роденбери, а другата се смешкаше иронично зашто во денешниот свет ова име е само наслов меѓу милионите статии на „Википедија“. Како првата персона, од 12-тиот долгометражец во историјата на серијалот и втор од рестартираната верзија на Џеј Џеј Абрамс добив киселини оти науката беше извадена од фантастиката, а акцијата го избриша истражувањето. Како човек којшто, пак, е свесен колку актуелното опкружување е алергично на филмскиот микс science and exploration, го стегав столчето знаејќи дека денешната публика ќе се навлече на адреналинот на вртелешкава и затоа ќе има и трето (13-то) продолжение.
Обожавателот во мене (а што сум ако не тоа по гледањето на секое кино остварување и повеќе од  600 ТВ-епизоди од различни Star Trek серии) сè уште не може целосно да прифати оти за воопшто да се прикажува на сребреното платно, овој бренд денес мора во ист миг да се храни и да кастри од сопственото дрво на распознавање. Најсвежото поглавје ја собира истата одлично избрана млада актерска екипа која ги игра Кирк, Спок, Ухура, Скоти, Боунс и Сулу. Баш кај нив се јавува првата мака. И покрај тоа што глумат професионално и без доза на (несвесна) самопародија како во ТВ-оригиналот од крајот на 60-тите, тие и премногу често се буквално исти како своите стари верзии. Референцирање и повремено искажување почит е симпатично, но непрекинато фотокопирање гримаси, потези и цели реплики е дрско, безобразно и невкусно. Проблемот тројно нараснува во секундата (таа бргу доаѓа) кога ќе сфатите дека и заплетот, сценариото и негативецот се безмалку исти како во The Wrath of Khan.

Бенедикт Камбербач, сам, на свој грб носи голем дел од квалитетот на Star Trek Into Darkness исто како и Рикардо Монтаблан во изданието од 1982 година, но чувството дека е препакуван, а не оригинален лик, е претерано присутно. Наместо да смислат свој негативец како што направија со злобниот Неро на Ерик Бана од претходникот од 2009 сценаристите го зеле Кан и го телепортирале три децении во иднината. Притоа не се ни потрудиле да му создадат сторија за потеклото, како е поврзан со Кирк и зошто е до тој степен крволочен. Слични дупки и недоразвиености има и кај односот меѓу капетанот на „Ентерпрајз“ и неговиот втор човек, студениот Вулканец Спок. Како и „Срдбата на Кан“ (посилно е отколку „гневот“), така и „Ѕвездени патеки: Во мрак“ e приказна за вистинското другарство. Разликата е што во варијантата на Абрамс оваа тематика е само гребната, не темелно обработена, и е екстремно распекмезена. Ист третман добиваат и фаци како Боунс, Ухура и Сулу. Откако на стартот ќе кажат по некоја финта од првичните серии, тие се забавни, но кога ќе почнат само да рециклираат реченици, стануваат здодевни.
Кај овој елемент – досадата – „резонската“ страна на мојот инаку фановски карактер го откри најбитниот плус на пристапот на Абрамс. Настрана толпа-менталитетот кој нè става нас, обожавателите, наспроти нецивилизираниот свет, факт е дека на Star Trek, Star Wars, Battlestar Galactica и други слични СФ-саги сте или навлечени или крајно незаинтересирани. Тие отсекогаш имале и ќе имаат проблем да привлечат „обични“ гледачи, но на ова поле ревитализираните „Ѕвездени патеки“ нема потреба воопшто да се грижат. Акциските сцени и овој пат како и во изданието од 2009 година отвораат вилици, вџашуваат очи и предизвикуваат смеа на одобрување поради лудоста со која што се конципирани и реализирани. За разлика од старите остварувања и серии, каде што носечките ликови се повеќе интелектуалци отколку физикалци, во Into Darkness тие се разјарени херои наострени за битка и решавање на ситуациите директно, без никакви премерувања на етичките и моралните импликации.

Колку и да не ми се допаѓа што со сето ова се брише силната филозофска, а често и општествена и политичка страна на светот на Роденбери, морам да признаам дека со ова ударништво серијалот доби на динамика. А без неа, во денешната ера на „немам време“ изговори и „сè знам“ занесувања само зашто постои интернетот, киносалите би зјаеле празни. Патеките, наместо (делумно и) со ѕвезди, во тој случај целосно би биле исполнети со вампири, врколаци, мамурлаци и останати мајмунлаци. Не значи оти ова го оправдува изборот да се сними многу добро, а не и одлично поглавје од оваа велика научно-фантастична сторија. Потенцијал за феноменалност има и во 12-тиот дел, ама наспроти можноста да ризикуваат со храбри и оригинални решенија, авторите се одлучиле за сигурна и изнасилена носталгија. Играњето со ова чувство секогаш носи магични резултати на боксофисот, но го ампутира волшепството од еден од најмоќните СФ-концепти на сите времиња. Тоа значи дека по Into Darkness иднината на акциската франшиза Star Trek ќе биде уште посветла од претходно. Футуризмот на идејата Star Trek, пак, засега ќе си остане во мрак. Оттаму ќе се пробие на виделина кога ќе го спуштиме гардот на сезнајковци убедени оти сè искусиле и повторно ќе дозволиме да бидеме зачудени, љубопитни, истражувачи. Во духот и пред екранот.

Оцена: 75/100

Автор на постерите: Мет Фергусон

Наслов: Star Trek Into Darkness [“Ѕвездени патеки: во мрак”, официјален превод]
Премиера: 23 април 2013 (Сиднеј) / 23 мај 2013 (Скопје)
Режија: Џеј Џеј Абрамс
Улоги: Крис Пајн, Закари Квинто, Зое Салдана
Продуценти: Џеј Џеј Абрамс, Брајан Барк и други
Сценарио: Роберто Орки, Дејмон Линделоф и Алекс Курцман
Според серијата: Star Trek од Џин Роденбери
Музика: Мајкл Џиачино
Студио: Bad Robot, K/O Paper и Skydance
Дистрибуција: Paramount

Тагови: ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>