22/10/2017

Поздрав до младата и жива култура

Постирано на 22/05/2013 од во Колумни

Бетонот, бронзата и гипс-картонот изминативе години се фиксираа во врвот на дневно-политичката агенда на Македонија. Тие станаа Свето Тројство во кое се крстат сите што на масите катадневно им дилаат идеолошки опијат и попат тврдат дека ја градат нацијата, го зацврстуваат идентитетот и ја воздигнуваат културата. Во дневникот на небулозноста, секоја од овие пропагандистички пароли заработува скоро подеднакви, високи, оцени, меѓутоа, на последната ѝ ја доделувам убедливо најимпресивната. По разделбата со Југославија овој општествен сегмент на властодршците во земјава им служеше за собирање рекордни тони прашина и за вработувачко проветрување, а последниве неколку изборни циклуси тоа е надградено со архитектонски циркус. Сè во име на културата. Оваа нашава, исконска, протогалактичка, интердимензионална, александрова, атлантидска и јагулска – култура.

Токму таа е јамата без дно во која што непрекинато се истураат камиони и камиони со малтер и пари. Бонусот, шлагот на тортата или ако сакате, нутелата на палачинката, е што оваа култура е мртва. Скаменета, фиксирана и накитена, таа повеќе потсетува на гробница од древна и заборавена цивилизација од книжевниот универзум на „Игра на тронови“ отколку на слика за народ со минимална срцева функција. И покрај тоа што нема пулс, таа се одржува во живот цицајќи од бујни буџетски гради напумпани со кредити од странските и од домашните банки. А воопшто не мора да биде така. Само со дел од тие средства, којшто би претставувал виц во споредба со стратосферските димензии на актуелните трошења, може да се поддржи култура со сегашност и со иднина, а не исклучиво со минато. Светол пример за таков настан што се подготвува под капата на јавна институција е фестивалот „Здраво млади“.

Скопскиот Младински културен центар во петокот минатата недела го организира третото продолжение на манифестацијата. Интелигентно искористувајќи го платото пред објектот, сместувајќи ги носечките артисти на отворено, адресата покрај кејот на Вардар до раните утрински часови ечеше во ритамот на свежата музика, наместо да базди на влага од макетите на застоените сеќавања. Програмата беше скромна. Од цепелин (за привлекување инвестиции) се гледаше дека е составувана со екстремно ограничена сума, ама духот остана негибнат. Идејата за искусување непознати групи, слушање песни претходно неотсвирени во живо на овие простори и надградување на аудиознаењето опстана и со притегнатиот ремен на 17 мај. Додуша, за вакви настани сомуни од пари никогаш и немало, туку само трошки од сè што останало, а сепак, во една единствена нумера отпеана на „Здраво млади“ има повеќе енергија отколку во цел плоштад со смрзнати кипови и стилизирани рингишпили.

Ништо поарни не се ниту пиво-фестивалите и останатите турбо-панаѓури кои иако не се комплетно под општинска или државна капа, заземаат доминантен дел од нивната културна „агенда“. За разлика од немите статуи, тие се гласни и подвижни, ама пак играат на картата на блуткавата носталгија или свесната заостанатост. Беспрекорен и идеално актуелен фестивал веројатно не постои, кај сите има мост меѓу одминатото и неоткриеното, меѓутоа, кај „Здраво млади“ е очигледно оти сака Скопје и Македонија да ги запознае со што е можно потазе изведувачи и звуци. Прашањето дали тие имаат пулс или постојат само во форма на скулптури ниту се поставува во земји фокусирани на сегашноста, но кај нас тоа е пресудно. Доколку сакаме тие да влезат во годишната програма на ресорното министерство, ќе мора прво да почекаме да остарат, хитовите да им се подзаборават, да умрат, да ги излеат во бронза и дури потоа да ги слушаме од звучници додека блика вода од 365 фонтани и се одвива трансерско светлосно шоу. Сосема спротивни од оваа замислена ситуација беа тие што во петокот нè честеа со опипливо присуство пред нашите очи и уши. Тоа веќе се воспостави како традиција. Поради ова, во име на сите што наместо мртва и античка претпочитаат млада и жива култура, до МКЦ сакам да испратам најсрдечен БТР-поздрав. Се надевам дека нема да биде последен.

Фото: Димитар Апостолов

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>