Iron Man 3: Издигнувањето на Железниот човек

Тони Старк, лик кој во светот на суперхероите е познат како Ајронмен, ги поседува сите квалитети потребни за да го мразите како човек. Особено денес, неколку години откако банкарските шпекуланти нагло ја тргнаа економската черга на која што светот живееше во изобилие како да е Шехерезада (раскажувачката во бајката, не турската серија). Всушност, немаше потреба тепихот да биде извлечен затоа што откривме оти тој не ни постоел, а сиот занес дека на него ќе си легачиме додека кредитите си течат, се покажа како лажен. Македонија целосно изолирајте ја од оваа слика бидејќи бевме во криза долго пред планетата да ја фати кашлица, меѓутоа, јасно е за што зборувам кога го опишувам потресот од којшто граѓаните на западната цивилизација уште не можат да се соземат.

Во такви услови, мултимилијардер како Старк, е како печен за ставање на мета додека работник од Кентаки што останал без плата го канализира гневот низ двете цевки од својата сачмарка. Неподносливо богат, ултраразвратен и вечно циничен, тој е тип кој на билборд совршено би рекламирал сè што масата обесправени посакува да крене во во воздух. И покрај сето ова, Тони и понатаму се вбројува меѓу омилените карактери во стрип-космосот и во неговата паралелна филмувана верзија. Не само поради тоа што е Железниот човек, туку и бидејќи е хумано суштество од крв и месо. Токму тоа е и носечката линија во третото кино-продолжение. Сместено во временска рамка нешто подоцна од апокалиптичните настани во гигантскиот The Avengers, дејствието во Iron Man 3 е втемелено токму на нив, но не функционира како сиквел.

Пренесувајќи го концептот за мултиверзум што со децении опстојува на хартија и на сребрениот екран, Marvel на режисерот Шејн Блек му овозможил да се навраќа на дел од случувањата од ланскиот мегахит на Џос Ведон. Подемот е една од најефикасните архетипски форми во светот на стрипот, ама за тој да се случи потребен е пад. Што е можно поспектакуларно, поуверливо и похумано трескање од земја. За Ајронмен, во третата инсталација од неговата филмска сторија, ср’ж на тоа акнување од небесните суперхеројски височини на земските човечки низини е оштетувањето доживеано во The Avengers. Физичко и особено психичко. Ова не е причина за Iron Man 3 да биде класична origin-story, меѓутоа, нејзините принципи се искористени за да се раскаже зошто бестрашниот Старк станал депресивен, изолиран и несигурен во себе.

Речиси цел филм гледаме како тој повеќе се бори со сопственото преиспитување отколку да млати негативци. Првата половина од течението нагласено го држи подалеку од акцијата, а за таа комплетно да не изостане Блек го користи Iron Patriot, воениот двојник одигран од Дон Чидл. И во овој дел е јасно дека улогата на Старк му лежи на Роберт Дауни Џуниор, што е прилично забележливо во драмските моменти чиј број е веројатно најголем во споредба со претходниците. Главниот актер уверливо се носи со поп-психоанализата на која што е подложен неговиот лик, а со харизмата не дозволува сето тоа интерно секцирање да се претвори во мрак од здодевни размери. Лесна комедија, но и прониклива иронија и сарказам, (Downton Abbey фор да вин), има во изобилие. Шегите се за широка употреба, но малку од нив се преџвакани.

Ова нагласува мошне битен елемент – дека авторот не се сфаќа себеси, ниту моќната ролја на режисер на суперхеројски филм, претерано сериозно. Не значи дека филмот го направил неприфатливо плиток како X-Men: The Last Stand или Green Lantern (штета од епски димензии), туку дека снимил умна лајтерица. Нагласокот, очекувано, е на забавата, ама од оние квалитетните, со ритам и динамика, а не со потенцијал да го изнервира гледачот и да го тера да се исмева со секој кадар или реплика. Не којзнае колку длабоко под сето тоа се развива и разбирлива, недвосмислена, приказна за бремето што го носи животот под маската и за несовршеноста на суперјунаците. Без разлика што тие поседуваат моќ или бесконечно банковно конто како Тони Старк, и самите минуваат низ подеми и падови. Како и секој од нас. Издигнувањето, како ова на Ајронмен, е тоа што ги прави луѓе. Дали се железни или не, целосно е излишно.

Оцена: 80/100

Наслов: Iron Man 3 [“Железниот човек”, официјален превод]
Премиера: 14 април 2011 (Париз) / 25 април 2013 (Скопје)
Режија: Шејн Блек
Улоги: Роберт Дауни Џуниор, Гвинет Палтроу, Гај Пирс
Продуцент: Кевин Фиџ
Сценарио: Дру Пирс и Шејн Блек
Според стрипот: Iron Man од Стен Ли, Џек Кирби, Лери Либер и Дон Хек
Музика: Брајан Тајлер
Студио: Marvel

Галерија со алтернативни постери [преземена од Shortlist]








Слични написи

Остави коментар