22/10/2017

Searching for Sugar Man: Потрага по човечкиот дух

Постирано на 07/03/2013 од во Филм

Денешните речници можат комотно да преживеат без зборот „изненадување“, особено ако на негово место се стави најсоодветната замена – „сèзнаење“. Не во буквална смисла, туку како (прет)чувство. Благодарение на текот на информации што се шири како и космосот, некако потајно развивме осет дека ништо не може да нè извади од колосек – и позитивно и негативно. Ако до нас дојде податок, вест, уметничко дело или речиси што било друго, чипот во мозоците засветува и ни праќа сигнал да го грабнеме смартфонот, да го разбудиме лаптопот или да го подигнеме системот на десктопот.

Потоа следува логичен тек на настани: Google, Wikipedia (често тука и завршува), IMDB, AllMusic и можеби уште некоја онлајн-библиотека. Таков нагон за инстант-проверка на фактите и бекграундот добив кога ми препорачаа задолжително да го изгледам документарецот-оскаровец, Searching for Sugar Man, но одлучив да се воздржам и да го послушам вториот дел од предлогот – ништо да не чепкам, туку само да го ископам и да го пуштам филмот. Копкањето беше силно, но самоконтролата се исплатеше. Тоа ме доведе до втората и екстремно попроблематична пречка – како да ги опишам сопственото одушевување, возбуда и инспирација од приказната и нејзината реализација, а притоа да не откријам ниту еден детаљ. Искрено, не сум сигурен дека тоа е возможно и не знам каков ќе биде крајниот резултат, ама ајде, ќе се обидам.

Searching for Sugar Man, жанровски, е документарен филм, а реално, е документ. Ова неоспорно и детално уметничко дело е уверение за човек чие државјанство не го стега во границите на конкретна земја, туку го ослободува во бесконечниот потенцијал што го има човечноста. Во неговиот случај, таа е генијално манифестирана во музика која ги премостува сите институционални, општествени и меѓунационални ѕидови. За неа нема бодликава жица нанадвор затоа што не е обрабена со решетки навнатре. Таа не е омаловажена од времето затоа што нејзините пораки се исто толку продорни денес, како што биле и во времето кога е напишана. Нејзината приземност е шокантна, но ништо помалку од едноставноста со која ги секцира комплексните прашања. Со сиот ризик да бидам патетичен, музиката обработена во филмот е идеалистичка, какви што ние денес немаме храброст да бидеме.

Воопшто не се занимава со носталгија, ниту, пак, со чезнеење гледа кон „славните и незаборавни“ музички времиња, но Searching for Sugar Man потсетува и на бришењето на мистериозниот превез со кој своевремено беа покриени долга листа кантавтори и бендови. Филмот зборува токму за таков човек, од чии песни се буди или се смирува немирот и поради чија анонимност и опскурност фантазијата игра полка. Ваквата комбинација е страшно поттикнувачка за заборавените индивидуалци и угнетените општествени класи, а со неа (барем за миг) се заплашуваат припадниците на малата група силеџии кои ни ги влечат големите конци за контрола. Денес сè, дури и информациите што не ни се потребни, ни е оддалечено еден или неколку клика. Во времето анализирано во документарецот, за музичарите се дознавало од хартија, а во земјите со автократски тенденции на владеење, најмногу од „рекла-казала“.

Последново и денес е правило за меките и тврдите форми на диктатура. Разликата е што интернетот може да помогне во пробивањето тенки снопови на слободата, која игра една од главните улоги во филмот. Нејзината „изведба“ е отелотворена речиси во сè што носечкиот лик во приказната постигнал во животот и пресудно – како сето тоа го направил. Освен бизарната неверојатност на настаните околу кои што се развива дејствието, најпотресниот момент доаѓа токму од индивидуата која е во нејзиниот центар. Во него се собрани безмалку сите вредности што денес или се избришани или се потиснати длабоко во втор план поради две оправдувања – кариера и преживување.

Јасно дека истите тие биле исправени и пред нашиот херој, го притискале, го влечеле надолу, го залажувале кон височините. И покрај тоа што неговото опстојување било незамисливо потешко, поизмачувачко и поисцрпувачко, спротивно од повеќето од нас, тој не посегнал по цинизмот, по фрустрацијата и по потиштеноста, туку продолжил да додава дрва дури и кога огнот на животот заслужувал да биде згаснат. Од таа, но и од многу други причини, Searching for Sugar Man е возбудливо разоткривање на митот за музичарот Шугармен, а уште посуштински – потрага по човечкиот дух. Одговорот на прашањето колку филмот е успешен во мисијава помалку зависи и од следниот чекор што ќе го направите – дали тој ќе биде во кутијата за пребарување на Google или ќе се сведе на пронаоѓање на документарецот и на едно, едноставно, стискање плеј.

Оцена: 91/100

Наслов: Searching for Sugar Man [“Потрага го Шугармен”, слободен превод]
Премиера: 19 јануари 2012 (Санденс) / 24 август 2012 (Шведска)
Режија: Малик Бенжелул (дискутабилна транскрипција)
Продуцент: Малик Бенжелул
Сценарио: Малик Бенжелул
Кинематограф: Камила Скагерстром
Монтажа: Малик Бенжелул и Бернхард Винклер
Студио: Red Box Film, Passion Pictures и други
Времетраење: 86 минути

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>