Foolish Green – Escape [Password, 2013]

Кога се дискутира дали одредено музичко дело (и воопшто, уметничко) заслужува да биде оценето како квалитетно, дебатата денес често се сведува на „реализам против ескапизам“. Муабетот што го водат интелектуалните арт-поротници кулминира со заклучокот дека сè што одбива да биде директен отсјај на лајно-опкружувањето нема вредност. Истото стручно жири е убедено оти акциите на звучните креации трескаат од небо до земја кога тие намерно сакаат да одлетаат подалеку од смрдливиот казан во којшто до пензија нè варат. Бендовите, соло-изведувачите или албумите кои црпат од сивиот бунар на секојдневието поинтензивно ме допираат, но потполно исто ги ценам и тие што за миг ме телепортираат надвор од сите ограничувања. Доколку не физички, барем умствено. Такви екскурзии високо над македонската безизлезност деновиве ми се овозможени од Escape, деби-албумот на скопскиот состав Foolish Green.

И покрај тоа што се работи за остварување авторски комплетно потпишано од Ненад Стефановски, познат и како Брус од „Легијата“, ова сега е заокружен шестчлен бенд, со постава подготвена за лајв-изведби, што не беше случај на ланското ЕП, Sun is Gone. Оваа најевидентна промена е забележлива на прво слушање, а има форма на побогат и поисполнет звук. Со оглед на силното влијание на психоделичниот поп и рокенролот од доцните 60-ти и раните 70-ти, како и на британската гитарска музика од деветтата деценија од минатиот век, вклучувањето повеќе инструменти и особено – личности – ја донесува потребната ширина и повеќеслојност. Најзаслужни за тоа, несомнено, се композициите на фронтменот, но се забележува дека нивното бојадисување добило на јаснотија благодарение на зголемувањето на тимот. Секоја од овие индивидуи додала своја нијанса (битна или несуштинска), а тоа го надградило спектарот на материјалот.

Дискот не може да почне посоодветно. Етеричната кратка инструменталка Bon Voyage, од која инстантно се забележува збогатениот аудио-пејсаж на групата, посакува убаво патешествие. Тоа се отелотворува во Crystal Night, акустично-електрична приказна за ноќта и за кристалното небо, две места што отсекогаш служеле како прочистувачи и заштитници од (мирисот на) бомбите во катадневието. Динамиката прави исчекор на Lover Doll, игрива љубовна тема со гласен манчестерски призвук. Блузот (по боја, не по жанр), помалку и трип-хоперски, се враќа на Faux, мајсторска балада за луѓето кои немаат совест, туку само цена. На Let Me Out бендот покажува дисторзирани заби, а тие добиваат клинт-иствудовска и заразна димензија на безвокалната Magnum 44. Со Laika демонстрираат одлични блех-вештини, а на Sun is Gone, Fade Away и Thousand Years of Sorrow продолжуваат со контрастот вклучено-исклучено во засилувач.

Користејќи ја I Don’t Need No Love групата може (со звук) да исполни цел стадион, а со насловната трака сè завршува како што и стартува: развлечено, психоделично и нестварно. Така и севкупното течение е издигнато горе, во простори кои ги кинат прангите на физичкото постоење, Таму, возбудата, среќата и тагата зависат исклучиво од личната фантазија, а таа на Ненад Стефановски е бујна и фокусирана. Поради ова двојство, кое не мора да биде контрадикторно, плочата шара и бара низ повеќе правци. Таа дозволиво ретко го губи погледот од хоризонтот, каде што е сместен идеалот за пишување поп-песни кои без напор се восприемаат, но кои не се напорни со простотилакот. Ова е интелигентен и потентен звук, кој може да биде и комерцијално успешен, ама тоа не му е најсилната страна. Најголемиот триумф на Foolish Green е што во албумот расфрлува фрагменти од реалноста, а притоа креира длабоко инспиративен ескапизам. Составот на тој начин го оправдува цитатот од Франц Кафка вметнат во обвивката – Escape е прибежиште од кое се отвораат безброј можности за бегство.

Оцена: 86/100

Артист: Foolish Green
Албум: Escape
Датум на објава: 28 февруари 2013
Продуцент: Ненад Стефановски
Издавач: Password

Листа на песни:
1. Bon Voyage – 2:09
2. Crystal Night – 4:03
3. Lover Doll – 4:08
4. Faux – 4:23
5. Let Me Out – 4:02
6. Magnum 44 – 4:27
7. Laika – 4:35
8. Sun is Gone – 3:15
9. I Don’t Need No Love – 3:33
10. Fade Away – 5:16
11. Thousand Years of Sorrow – 3:26
12. Escape – 4:31

Слични написи

Остави коментар