21/08/2017

Bernays Propaganda: Забранетата планета е секоја опасна мисла

Постирано на 25/02/2013 од во Интервју

Нема бегање од себе и покрај сите разочарувања кои тоа „себе“ ги носи – во оваа непријатно вистинита констатација Bernays Propaganda го засадил коренот од којшто израснала „Забранета планета“, третата студиска плоча што бендот в петок официјално ќе ја претстави со концерт во Младинскиот културен центар во Скопје. Вокалистката Кристина Горовска, која ја сочинува групата заедно со Васко Атанасоски, Ненад Трифуновски и Џано Куч, вели дека со насловот на албумот се опфаќа „секоја субверзивна (наместо субординирана) мисла која произлегува од тензијата помеѓу аномалиите на постоечкиот систем, и личната визија за замена на истиот“. Новото цеде на квартетот, кое ќе се појави безмалку три години по објавата на претходното, My Personal Holiday, изобилува со вакви прашања, од чија сурова реалистичност, наместо пеперутки, поверојатно е дека во стомакот ќе се појават киселини. Со нив, составот на последниот диск нагризува голем дел од личните и од општествените стравови што секојдневно нè прогонуваат. Освен Кристина, за сето ова на моите прашања одговори и Васко.

Новиот албум го именувавте „Забранета планета“, наслов доволно широк за да опфати повеќе теми – од еколошки до егзистенцијални – но и сосема конкретен за да го подвлече тоа што сакате да искажете. Што сè опфаќа пораката, а и самата плоча како целина?

Кристина: Успешноста на политичкиот „врв“ се оценува според бедата на општественото „дно“. “Врвот и дното“ не комуницираат вистински во ниеден историски пример. Во една од дупките на дното, стои репрезентативен примерок изваден директно од шизофрената македонска реалност / жабокречина – четиригодишно дете со цигара во рака сликано на улиците во Битола, кое ја „пее“ вистинската македонска химна: „Оваа држава ги ‘јаде’ своите деца“. Може да биде сфатен како пример за врвна негрижа на своите биолошки родители, или како врвна негрижа на своите вештачки родители (држава, Министерство за социјална мизерија).

Според сите природни, па и логички закони (за конзистентност), ако најслабата карика на системот не фукционира, системот треба да се пензионира! Ако нашата сакана демократија постои за да ги „заштити“ сите граѓани, а притоа „љубовта“ не ја дистрибуира рамномерно, тогаш итно треба да добие ОТКАЗ со доживотно одземена работна дозвола! Не е ни чудо што живееме во полициска држава, и со нас владеат силеџии и пендреци. Македонските граѓани имаат повеќе мускули од (паметни) идеи во глава! Од сите наши глави заедно не излегоа ни 100 асални идеи. Логично, идолите ни се спортисти, никогаш филозофи. Оттука не знам што е поголемо дно во оваа земја, младите Роми кои снифаат лепак, или младите Македонци кои ги снифаат грујо-бранковистичките лични амбиции!? Безброј причини да ја рестартираме оваа земја.

Детето претставува потенцијал, чиста неиспрљана табула раса, сѐ што бевме пред нашето достоинство да биде силувано до хронична кифоза од професори, шалтери, цајкани, банки, пред да дозволиме нашите нагони и чувства да ги возат менаџери, трговци, институции. Ние сме аморфен, безличен пластелин фатен во рацете на крајно неталентиран мајстор – Р.МКД, кој веќе 22 години си игра лош џем-сешн со нашите животи! Успат ни продава апокрифни стравови, митолошки мантри за национална гордост, идентитет, патриотизам, заборавајќи на овие случаи од општественото дно. Неизбањато, неухрането, намрштено, непрошетано, неписмено дно…

Забранетата планета е секоја опасна мисла која не ни дава мир, спокој, сон, дури не го изградиме нашиот паралелен свет, секоја субверзивна (наместо субординирана) мисла која произлегува од тензијата помеѓу аномалиите на постоечкиот систем, и личната визија за замена на истиот. Орвеловската соба бр. 101, во која заклучени се соочуваме со својот најголем страв – страв од себеси, страв да бидеме она што „сме“. И покрај сите разочарувања кои тоа „себе“ ги носи. Нема бегање од себе. Од таму тргна „Забранета планета“.
Музички, делувате похрабри во употребата на атмосферични сегменти, а продукциски, звукот е погласен, појасен и веројатно најдобар од претходниците. Стилот го задржавте, но несомнено еволуиравте. Како гледаш на процесот на менување од зачетниот „скрим“ период до денес – и авторски и снимачки?

Васко: Поентата на rock and roll-от и punk-от била (минатото време е намерно употребено!) во слободата на изразувањето и смелоста и искреноста при компонирањето и пишувањето на текстовите. Кога од денешна перспектива, имајќи ја потребната временска дистанца, ќе ја анализираме стерилноста на овие два правца во времето во кое живееме, доаѓаме до заклучок дека се случило токму обратното. Одеднаш, сите почнале да ги свират истите 3-4 акорди и да ја пеат истата песна, истовремено станувајќи подобни или безопасни за естабилишментот, а оние кои свиреле похрабро и кои настапувале критички биле осудувани за позери и продадени души.

Движењето кое што требаше човечкото општество да им го врати на луѓето преку почитување на диверзитетот во функција на сите живи суштества одеднаш се претвори во армија на бездушни мрзливи клонови чии идеи и акции се толку неприметни за обичниот човек и покрај генијалноста на првичната идеја. Во меѓувреме медиокритетската музика се зацврсти на тронот и му помогна на естабилишментот во општата дехуманизација и експлоатација на секој што има лична карта или законски старател. Во тој контекст, нашата креативна еволуција е единствениот начин за добивање на кредибилит покрај името на нашиот бенд да стојат придавките панк и независност. Никогаш не сум им верувал на бендовите кои што не еволуираат затоа што не е можно да не се менуваш живеејќи секојдневно опкружен со реалноста.

Текстуално, почнувате со „Погрешно знаме“, каде што со стиховите „Во оваа земја илјада луѓе, само илјада луѓе добро овде живеат“ се осврнуваш на сè поголемиот јаз меѓу сиромашните и богатите, што е проблем и на светско ниво. Какви се опциите на помалку моќното, но убедливото мнозинство во општеството – и локално и глобално?

Кристина: Човечкиот род под водство на Евро-Американците, повеќе од 500 години дивее, пљачка и пустоши сè пред себе, со манијакална навика за неограничена економска експанзија и хегемонија, со болна алчност и уште поболен култ – обожавање на самите себеси. Нашиот свет и воопшто развојот на современиот капитализам почива врз криминал, грабеж, оргија врз туѓото богатство, златото на Ацтеките и Инките, пренос на семињата од Новиот Свет на европските фарми. Пола од храната на нашата трпеза, ја џвакаме затоа што ја украдовме од Северна и Јужна Америка, пола од облеката со која се покриваме, ја носиме затоа што некој дебело ги ограбува Кинезите. Сепак, и покрај фактот дека не нè усреќува, никако да најдеме сила или креативност да ја исклучиме глобалната капиталистичка машина од штекер. Никако да сфатиме дека сите држави отсекогаш биле и ќе бидат антипод на Робин Худ, земаат од сиромашните за да ги гојат богатите. ЕУ не е исклучок, напротив, само уште еден потврден пример на крими мета-држава, држава НАД држава, чии владетели нема никогаш да ги сретнеме на нашите улици или бираме на демократски избори. Малку ни е еден лопов, па уште плачеме да добиеме уште еден.

Постои неверојатна концентрација на богатство на врвот, денес има две милијарди луѓе кои живеат во невидена беда, повеќе луѓе од вкупната бројка на жители на светот во минатиот век. Ова е добро прашање, како дозволи мнозинството (сиромаштијата) да биде владеано од малцинството (богати)? Јас сум од оние кои подеднакво ги обвинуваат двете страни: оние кои владеат и оние кои сакаат (или дозволуваат) да бидат владеани. Затоа во скоро сите наши текстови гневот е адресиран пред сè, кон втората група. Обични луѓе. Не може да ја поштедиме „жртвата“ од одговорност, само затоа што е доволно наивна да го поддржува предаторот кој ја прави жртва. Ние сме само минорни играчи во целата приказна, солидно издепилирани ловци од ледено доба, во одело или униформи, чиј латентен комфор полека и тивко ни ја убива секоја желба да промениме нешто. Едноставно, слаби сме со размислувањето на долги стази.
Ова е време во кое што се пропагира идеја за различност, а фактички се одвива сèопшто и темелно претопување. Тоа се провлекува во „Македонски сон“ низ зборовите: „Имам источно срце, дајте ми западна крв. Јас сум кукла“. Колку, реално, е возможно да се зачуваат специфичностите во ера на, како што и самите истакнувате, информации, а не на знаење?

Васко: Македонскиот сон е бледа копија на Американскиот сон и е ултра утопија според сите параметри на природните закони и човековата логика. Никој не сака да биде изолиран само затоа што е тоа што е, па затоа луѓето кои се припадници на малите народи се обидуваат да личат на големите народи. Факт е дека сите ние сме дел од англо-американската култура која во својата ср’ж е експлоататорска и асимилаторска. Пеењето на Македонски за македонски теми и користејќи го интернационалниот јазик на музиката е добар почеток за создавање на свој автентичен сон кој ќе биде дел од светскиот сон за конечно ослободување од сиромаштијата и воените конфликти.

Денес сувото преживување многумина постојано ги потсетува дека се живи, но и ги тера да посакаат да се мртви. Во A Bone to the Dog има стих што во слободен превод би гласел: „Најжив си кога забораваш дека си жив“. Како би можеле да го достигнеме овој, да речеме, натуралистички стадиум во актуелнава масовно-контролирачка ера?

Кристина: Џек Лондон паметно ја вакумираше во неколку стихови суштината на човечката пропаст, низ примерот на осамената „џукела“: He read the sound of the forest, as a man reads a book, a book called: The City. Ние сме џукели заклучени во згради од кои го ѕиркаме, коментираме, постираме животот, наместо да го живееме. За греота сме!!! Со сите наши измислени модерни дијагнози, стресот и депресијата се болести кои сами избравме да ги купуваме во капиталистичкото доба. Им ги пренесовме дури и на домашните животни. Не постои диво животно во природата со дијагностицирана депресија, додека кај домашните (фармски или салонски) животни, сѐ почесто се јавува автодеструктивност, траума, депресија. Првите живеат во слобода, вторите боледуваат од сите нуспојави на неслобода. Тешко е да се остане „природен“, кога израснавме на вештачка „храна“ и амбиции, во вештачки градови. Колку ни се поголеми градовите, колку повеќе луѓе околу нас, толку сме поосамени. Тоа е најголемата иронија на масовната комуникациска ера. Заедно со дилемата, како успеа „отвореноста кон светот“ (интернетот), да нѐ затвори во себе? Како успеа најекстровертната алатка да нѐ направи интровертни манијаци?  Ги купивме сите скапи апарати за комуникација, а сепак сите тие убави, паметни, забавни Online, Facebook, Twitter, блогови, профили, виртуелни конструкти од посакувано Јас, имаат слабокрвен Offline еквивалент во реалноста.

„Бар-култура“ ги прикажува луѓето како викенд-бунтовници, чија жар ден потоа магично исчезнува. Велите: „Далеку од нас постојат вистински луѓе, какви што ние сонувавме да бидеме“. Материјализмот исклучително го стесни, ако не и избриша просторот, за каков било идеализам – и на лично, но особено на колективно ниво. Кои се пречките за посилна борба на ова поле?

Васко: Скопје е престолницата на кралството СИМУЛАЦИЈА. Се однесуваме како богати Скандинавци, многубројни Кинези и арогантни Американци, притоа заборавајќи дека сме жители на една мала,сиромашна, изолирана и дисфукционална земја. Се однесуваме како да знаеме сè, мислам, го глумиме тоа за време на викендите, а од понеделник до сабота нè експлоатираат безобразно богати феудални криминалци. Преку целата недела ја мразиме својата работа, но, сепак, молчиме оковани во пранги. За викенд, кога нашите газди ќе нè пуштат од ланец се убиваме од пиење и дрогирање и се лажеме дека ни е убаво и дека сме слободни, но, сепак, во понеделник се враќаме во своите кафези и ќумези за единствената цел во нашите животи да ни биде викендот.

А тогаш, само зборуваме и зборуваме. Во пијаните разговори кажуваме решенија за сите проблеми и зборуваме за виновниците како да не сме тоа и ние. Знаеме сè за Лигата на шампионите и за хонорарите на големите рок-бендови, а не знаеме како градов заличе на турбоèфолк престолница. Знаеме дека Грција е во економска криза, а во исто време, забораваме дека луѓето тука работат за 10.000 денари. Се гордееме кога владата им плаќа на 6.000 луѓе да одат да ги бодрат спортските репрезентации, а забораваме дека нашите родители не биле на летен одмор 20 години. Спортските кладилници се новите храмови, а Фејсбук е нашиот прозорец кон светот.

Зошто да бидеме нормална земја кога можеме сето тоа да го пратиме преку телевизија и интернет?! Зошто ние да ја водиме оваа земја кога тоа добро го прават Грујо, Бранко и Али. Зошто да се едуцираме кога може да се плати факултетот и зошто да ги проверуваме информациите кога можеме да ги гледаме Јанко и Миленко?! Зошто да се бориме за победа на трудот над насилната експлоататорска работа кога е поубаво навечер да го купуваме она што сме го произвеле преку ден. И на крај на денот, после сето ова, зошто да се чудиме дека 10% од светската популација поседува 90% од целокупното богатство. Ма, каков материјализам или идеализам, луѓето се плашат од одговорност бидејќи тоа значи слобода, т.е. слободата е невозможна без одговорност.

А зошто да мислиш кога некој друг може да мисли за тебе? Зошто да дилаш со реалноста и да се бориш за достоен и мирен живот кога ја наследуваш покорноста преку голем дел од традиционалната култура. Луѓето денес се крстат пред црква без да ја прочитале библијата или се женат и прават деца само за да не им се смеат комшиите, исто како и нивните баби и дедовци. Порано за нас мислеле Римјаните, Византијците, Турците, а денес тоа го прават Американците и Европската Унија. За мнозинството од светското население многу е полесно друг да им го организира животот и за викенд да се препуштат на пијаните илузии, отколку постојано да бидат на штрек и да одговараат и за добрите и за лошите работи во нивната средина.

Бар-културата е доказ за стравот од одговорност и посветеност. Токму тука влегуваат тираните кои веќе долго време нè убедуваат дека работното време од 9 до 5 е врвот на цивилизацијата и дека одмор од 20 дена и неограничен пристап до интернет се докази за слободата. Затоа мнозинството не сака да се бори. Борбата значи дека можеш да изгубиш, така да, просечниот човек не сака да се става во ситуација кога може да добие многу подобар живот, но доколку не успее во тоа може да го изгуби и ова што сега го има, а тоа е лимитиран живот во секој смисол.
Песната „Забранета планета“ ја отворате со зборови кои укажуваат дека не сме родени во делтата на Мисисипи, дека не сме растени во Ливерпул и во Берлин, дека не сме Њујорк, дека во тоа нема срам и дека поради тоа треба да се престане со глумата. Зошто, во Скопје особено, толку често се јавува мавањето во гради дека сме некаква Мека, а за тоа нема реална основа?

Кристина: Не знам. Немам одговор зошто толку сакаме да глумиме и да ја фалсификуваме реалноста, само едно знам, безопасни сме според сите глобални параметри. Во ср’жта на македонскиот фолклор лежи инхерентен факт: Ние сме неспособни за радикални промени!. Малодушност или суицидалност, наша карактерна црта или историско наследство, кој да знае!? Најзагрозената малцинска група не е со етничка или религиозна премиса, туку најбедното малцинство во оваа држава се независните интелектуалци – активисти. Ги нема! Искрени, бистри, финансиски непоткупливи, партиски непроституирани, страстни борци за социјална правда – ендемски вид на изумирање. Или можеби никогаш не сме ни ги имале?! Ќе треба да го одложиме мавањето во гради, дур не ги најдеме.

Интернетот и социјалните мрежи креираа чудна ситуација во која што каква било „активност“ во оваа димензија, многумина – свесно или потсвесно – почнаа да ја изедначуваат со дејствување во реалноста. Токму тоа го пронаоѓам во Ordinary Toy. Како да се спречи ова самоволно индивидуално претворање во вообичаени, минливи, играчки?

Васко: Интернетот и доказ колку луѓето се навикнати на робство. Во ситуација кога целото светско знаење ти е достапно 24 часа, поголем дел од луѓето избираат да ставаат лајкови на сликата на својот мртов пијан комшија славејќи ја победата на „Арсенал“ поради која ќарил 300 денари. Што да кажеме за ситуацијата кога на некој настан луѓето стискаат опција ПРИСУСТВУВАМ иако знаат дека нема да отидат. Најпопасна е опцијата МОЖЕБИ, чист пример за збунетоста на човекот во современото општество! Ако порано на тираните на народот му требале кодоши за да се одржи на власт од која комотно може да прави што сака, денес покрај Фејсбук сите тие државни кучиња останаа без работа. Зошто да плаќаш некого да ти каже што мислат луѓето и да ти ги опишува нивните домови, навики, животи, кога денес луѓето го прават тоа 24 часа бесплатно. Знаеш, сè повеќе почнувам да верувам дека овој народ си ја сака власта и му се свиѓа сè што се случувало во последниве 22 години. Да беше обратно, ќе сменеше нешто, нели?

И покрај тоа што индивидуално, но и како група, на општествено-политички план (не партиски) сте значително поактивни од просечен граѓанин на Македонија, во текстовите користите „ние“, наместо „тие“, кога ги коментирате пропуштените можности за каква било заедничка промена. Зошто ја споделувате „одговорноста“, ако се знае дека голем број луѓе на ваше место би се поставиле арогантно и попувачки?

Кристина: Затоа што и ние сè уште не сме „ние“ кои сакаме или треба да бидеме. Затоа и напишав: Далеку од нас постојат вистински луѓе, какви што ние сонувавме да бидеме. Затоа сакам да одам на турнеи, затоа што ги среќавам тие луѓе кои ме држат скромно на земја, отрезнуваат и потсетуваат колку сме далеку од она што го пееме и фантазираме!!! Просечниот „македонец/ка“ е уште подалеку, векови или километри оддалечен од она што за нас е утопија, а за некого некаде жива реалност со точни географски координати и идеолошки клетки кои се раѓаат и умираат во луѓе од крв и месо, доволно храбри и упорни да се изборат бескомпромисно да бидат она што ги прави среќни. Не она што нивната фамилија, влада, љубовник, партија, ген, чопор, племе или нација им налага, ги учи, тренира или очекува да бидат. Имаме уште многу многу работа, затоа ја споделуваме одговорноста. Секоја минута во човечкиот организам умираат по триста милиони клетки, но секоја минута се раѓаат и нови кои треба да ги заменат. Секој ден, борбата е ВО НАС. Борбата е нашата перманентна биолошка и душевна диспозиција, во секоја наша пора, дури и кога спиеме, живот се бори или согорува. Живот вреден и убав до солзи!!!
Плочата ја завршувате со „Леб и игри“, трака насловена според стара римска изрека која и денес безмалку целосно ја зачувала својата суштина, но и поврзаноста со актуелното функционирање на светот. Каде ја лоцирате вината за неколкувековната состојбата во која што, како што и самите велите, тишината е нашиот слободен говор?

Васко: Доколку внимателно го следиме развојот на Европската Унија нема да ни треба многу време да разбереме дека во прашање е ревитализација на Римската империја под капата на Четвртиот рајх (овој пат многу попретпазлив од својот предходник), Крволочното Обединето Кралство, Наполеоновите внуци и богатите Евреи кои после Втората светска војна конечно станаа Европејци од прв ред. Просечниот Македонец не ни разбира дека е спореден глумец во филмот ЛЕБ И ИГРИ; нормално, продуциран и режиран од странски автори. Па, и да разбере мислам дека ќе му се допадне името на филмот, веднаш после тоа ќе додаде дека нема ништо лошо во тоа да се јаде леб и да се играат игри, а дистрибуцијата на тој филм на македонско тло ќе ја разбере како странска инвестиција, што автоматски претставува голем чекор кон еу и нато (намерно напишани со мали букви!!!) интеграциите. А каде сме ние во целата оваа игра?

Треба да им бидеме благодарни на малкумината кои што нешто разбирале низ вековиве и треба да се загрижиме што не се бориме за своите права и покрај тоа што дури и капиталистичкиот устав ни го гарантира тоа. А што и да очекуваш од наследниците на оние кои успејаа да ги изгубат фабриките и покрај тоа што работничкото самоуправување беше државна политика. Штулич еднаш убаво кажа: Секој има глава, па нека мисли!!!

Фото: Кристијан Теодоров

Тагови: , , , ,

4 Responses to “Bernays Propaganda: Забранетата планета е секоја опасна мисла”

  1. Janko 25 февруари 2013 at 10:21 #

    Супер интервју. Мала добронамерна забелешка: презимето на Џони е Штулиќ, а не Штулич.

  2. Денис 25 февруари 2013 at 12:48 #

    Фантастично интервју,другари Ви посакувам многу успех со новиот албум,од свирки да не куртулите:)
    Мој предлог-Сите политичари во државава да го прочитаат интервјуто и секој што ќе успее да докажи дека разбрал 50% од него,да го ставиме за премиер,уште сега се кладам дека ќе останеме без премиер!

  3. . 25 февруари 2013 at 16:02 #

    Opasno intervju!

  4. civ 25 февруари 2013 at 21:31 #

    Klasse!


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>