20/06/2018

Zero Dark Thirty: Лов во матно

Постирано на 30/01/2013 од во Филм

Исламскиот тероризам, разбирливо, по нападите на Њујорк и на Вашингтон во 2001 година, нагло скокна во врвот на листата со холивудски негативци. На ова поле, пионерски беше подвигот на 24, телевизиската серија чие дејствие се одмотуваше во “реално деноноќие”, а сè контролираше Џек Бауер, федерален агент со научно-фантастични способности и невозможен праг на издржливост. Шоуто, кое пет сезони го сркав со сласт, а останатите три ги догледував од обврска, долго се вбројуваше меѓу ретките кои експресно (иако не директно) се надоврзаа на вистински настан поврзан со Војната против тероризмот. Требаше да минат пет години за следни двајца режисери непосредно да ја обработат истата тема – Пол Гринграс со напнато издржаниот “Јунајтед 93” и Оливер Стоун со изненадувачки млитавиот “Светски трговски центар”. Потоа на ред дојде тура во Авганистан и во Ирак низ суровите очи на војниците во мајсторските Generation Kill и The Hurt Locker и низ заматените плитки политички води во Green Zone и Lions for Lambs.

Убиството на Осама Бин Ладен создаде можност за снимање ново кинематографско поглавје од конфликтот, што режисерката Кетрин Бигелоу ја искористи во технички возбудливиот и емотивно конфузниот Zero Dark Thirty. Марк Боал комплетирал сценарио за 61-годишната авторка поврзан со акцијата за фаќање на лидерот на Ал Каеда во планинскиот регион Тора Бора, меѓутоа, по неговата смрт тој материјал му користел како основа за целосно тазе текст. Имајќи предвид дека е новинар, таков тензичен, истражувачки, ритам и прецизен, брз, јазик владеат со “00:30 Тајна операција” (официјален превод). Држејќи се цврсто до овој стил, филмот ја зграпчува публиката, ја фрла во теренец и ја треска низ тумби-румбите на актуелната битка со глобалниот тероризам. Како обожавател на детективски, шпионски и процедурално криминалистички приказни, деветтиот долгометражец на Бигелоу ме интригираше и забавуваше до самиот крај иако резултатот ми беше познат уште пред да седнам во кино-столчето.

Поделен на глави, како да е книга, кои ги опфаќаат различните аспекти и клучни мигови во ловот на Бин Ладен, проектот дише како документарец, најмногу поради ВХС-снимките кои како да се извадени од мрачните подруми за испитување на ЦИА. Првата третина од заплетот, која се поклопува со мандатот на Џорџ В. Буш, е одвоена за извлекување информации од осомничените со ѕверски методи. Индиферентноста кон темата прави нејзината обработка да изгледа како долг видеоклип направен за промоција на „тајната“ американска агенција на Планетарниот саем на измачувањето. Фактот дека воопшто е вклучено во холивудски наслов е далеку подобро отколку да се игнорира како да не постоело, но ова е првата емотивна стапица во која што Zero Dark Thirty паѓа и до финишот не успева да се извлече. Гушењето со вода додека врз лицето на затворениците им е ставена крпа, главните ликови ги згадува само неколку секунди, а потоа тие се претвораат во бесчувствителни делчиња од Борг-колективот кои знаат само една реченица – отпорот е залуден.
Дури и режисерката со ова да сакала да ја пренесе вистинската суровост на ЦИА-агентите, која е „избалансирана“ со сцените од свирепите терористички напади, таа промашила кога истиот принцип го пренела и на остатокот од остварувањето. Џесика Частеин е одлична како студената и на моменти, кибернетска, Маја, аналитичарката која опсесивно го брка ОБЛ од денот кога ќе ја испратат во Пакистан. Таа глуми на ниво, но сценариото го направило нејзиниот лик кул во каква било ситуација, што стопроцентно влегува во калап-клишето дека сите шпиони се поголеми од животот, а не луѓе кои се нервираат, разочаруваат и слават. Ова е фасцинантно и исполнувачки за набљудување на големото платно, но не буди сочувство. Буквално иста супериорност е пренесена и во концептот дека Маја, потполно соло и со опструкции од колегите, му влегла во трага и го фатила водачот на најозлогласената милитантна исламистичка организација во светот. И жената која е инспирација за ликот тврдела оти сета заслуга за успехот на мисијата е нејзина, а ЦИА вели дека на неа работеле стотици лица.

По толку спинови, соопштенија и дообјаснувања, којзнае дали агентката самостојно ги влечела надредените за нос или сè било извонредно координирано. На филм, од друга страна, пристапот еден на еден или мачка против глушец е значително поатрактивен отколку кога „цело село“ сложно го брка волкот. Во „нула-мрак-триесет“ ладнокрвна пума гони глодар којшто повеќе е сенка, а помалку живо суштество. Конкретно од таа причина размрсувањето на бинладеновиот јазол е како врвен адреналински спорт, што е особено нагласено во последните и најдобрите сцени – тие со акцијата на терен. Тука Бигелоу брилјира, со визуелна магија како Гринграс со Борн и Сем Мендес со Бонд, но без симпатичните СФ-небулози типични за овие серијали. Сегментов, кој има оперска величина, го завршува филмот на импресивно високо скалило, меѓутоа, не го спасува од јамата на емотивната безличност и изнасилената индивидуализација на потерата.

Неоспорно е дека ова е моќно дело, но тој епитет го добива оти има врвен изглед и напната динамика, а не затоа што понира под површината на човечки битија кои водат тајна операција. Да се работеше за фантазија, за измислица, Маја ќе беше перфектна 007, Бигелоу нејзината Кју, а нивниот лов, трилер-ентертејнмент од прва класа. А бидејќи се работи за опиплива тема и за негативец од стварноста, веродостојноста на Zero Dark Thirty ќе продолжи да лута во темнината на Аботабад и низ ходниците на Ленгли.

Оцена: 70/100

Наслов: Zero Dark Thirty [“00:30 Тајна операција”]
Премиера: 19 декември 2012
Режија: Кетрин Бигелоу
Улоги: Џесика Частеин, Џејсон Кларк, Кајл Чендлер
Продуценти: Марк Боал, Кетрин Бигелоу, Меган Елисон
Сценарио: Марк Боал
Музика: Александре Десплат
Студио: Annapurna
Дистрибуција: Columbia

Тагови: ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>