22/10/2017

Топ 15 албуми што ќе излезат во 2013 [2/3]

Постирано на 14/01/2013 од во Статија

The MenТешко е, поточно, невозможно е да се предвиди каква ќе биде квалитативната понуда на било која година што ни претстои. Можеме да си играме нагаѓање, со необјаснива посветеност да веруваме дека новите изданија на омилените артисти ќе ги прикажат во посилно светло од претходните или да се надеваме дека ќе откриеме неверојатен број тазе изведувачи за кои не сме имале поим. Сè тоа е и повеќе од супер, дури е речиси и остварливо, а сепак, и понатаму останува повеќе фантазија отколку реалност. Тоа на кое што во денешно време можеме со сигурност да се потпреме е дека тазе изданија ќе има во огромен број и благодарение на брзите глобални комуникации, сите тие ќе ни бидат достапни на дланка. Нашата задача е едноставна – да продолжиме да бараме и да претураме сè подлабоко додека не ископаме дел (или целото) звучно богатство што во 2013 ќе ни биде на располагање. Следуваат пет парчиња се надевам дека ќе достигнат огромна вредност на мојата интерна слушачка берза.

Rhye – Woman

Датум на објава: 4 март

Изгледа сè срамежливо почна со феноменалното деби на Hercules and Love Affair, за да експлодира со првенчињата на Џејмс Блејк и Џејми Вун и лани да продолжи на дискот на How to Dress Well. Зборувам за монументалниот камбек на Соул Велики, но не во класичната форма, туку апгрејдуван со модерна електроника. Трендов, кој, за разлика од многуте што ја заслужуваат оваа класификација не е шуплив, годинава продолжува со проектот на авторот, продуцент, вокалист и класично обучуван инструменталист Мајк Милош и Робин Ханибал од данското поп-дуо Quadron. Ова ветува дека ќе биде заразна музика за радиостаници каква што не се пушта на тие во Македонија.

The Men – New Moon

Датум на објава: 5 март

Како што почнаа со деби ЕП-то We Are the Men во 2009, продолжија со Immaculada во 2010 и со Leave Home во 2011, а лани со Open Your Heart, логично беше бруклинскиот панк-бенд и годинава да објави албум. Како и досега, тоа веројатно би значело – куси, брзи, нервозни, ама и мелодични и енергични песни. Снимени со суровост без која што хардкорот не би бил тврдокорен, овие изблици на ураганска сила имаат за цел во соба да го донесат очигледно френетичниот концертен настап на The Men. А како што стои на нивниот вебсајт, тоа и лично ќе можеме да го искусиме на 29 март, кога четворката ќе одржи концерт во скопскиот Младински културен центар.

David Bowie – The Next Day

Датум на објава: 8 март

Ако Дејвид Боуви во минатото привлекуваше внимание кон себе и кон своите албуми со шок, возбуда и предизвикување комплетна збунетост, пред неколку дена истото му појде од рака со обратната стратегија – не правејќи буквално ништо. Во ред, по пауза од 10 години на 66. роденден во оптек пушти чичка нов сингл и најави тазе плоча, ама претходно не мрдна со прст, освен можеби за да ги насочи вонземските моќи сето тоа да остане во тајност до последен момент. Денес, кога сè мора “мултиплатформски” да се промовира (спамира), ова е нелогична новина. Не е тешко да се поверува оти таков ќе биде и неговото 24 студиско остварување.

Killswitch Engage – Disarm the Descent

Датум на објава: 2 април

Доколку од чиста потреба за ТВ-квиз-забава мора да се лоцира единствен виновник за мегаекспанзијата и во одредена точка, популарноста на модерниот металкор, одговорот стопроцентно ќе биде Killswitch Engage. Со дебито од 2000 и особено со следбеникот Alive or Just Breathing две години подоцна, групата создаде калап за контрастниот микс мелодија-бруталност и хардкор-метал што мнозинството потоа напорно тежнееше да го достигне. И покрај тоа што делумно успеваа, и самите KsE мака мачеа да бидат до тој степен релевантни како на првите две изданија. Враќањето на Џеси Лич, пејачот од тие плочи, ги крева надежите дека тоа (можеби) ќе го постигнат.

The Knife – Shaking the Habitual

Датум на објава: 8 април

Карин Дрејер Андерсон и нејзиниот брат Олоф Дрејер, благодарение на фриковско-генијалниот талент, по Deep Cuts во 2003 година си ја зашвајцаа својата позиција на едни од најзначајните електронски автори изминативе деценија и кусур. Истото беше само потврдено со следбеникот Silent Shout, но и со соло-проектот на Карин, Fever Ray, кој и понатаму се вбројува меѓу највознемирувачки прекрасните музички дела – без разлика на жанр – што излегле во новиот милениум. Податокот дека со The Knife не публикувале долгосвиречки албум веќе седум години е помалку тажен, но сето тоа ќе се избрише ако Shaking the Habitual е (најмалку) извонреден како претходниците.

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>