22/10/2017

Топ 15 албуми што ќе излезат во 2013 [3/3]

Постирано на 15/01/2013 од во Статија

Мултуплатформско промовирање, социјални мрежи и општоприфатен факт дека сèприсуството е добро за успехот на одреден албум, а сепак, музичарите во една работа останаа исти – неможноста да стават датум кога нивната креативност ќе ја добие посакуваната форма. Од таа причина последното поглавје од оваа листа е составено од изданија за кои што испливаа информации дека ќе излезат годинава, но нема конечен одговор кога тоа ќе се случи, ниту, пак, е дефинирано како ќе бидат насловени. Штом вестите за издавањето почнаа да се пробиваат, јасно е дека поголема е веројатноста тоа да се овистини, арно ама, и покрај сè, мала доза на резерва оти сето тоа ќе се случи не е на одмет.

The Black Keys

Изгледа скоро невистинито тоа што Ден Оербах и Патрик Карни денес се првокласни рок-ѕвезди. Добро, го немаат спам-статусот на Боно, ама откако го објавија El Camino, кариерата на дуото нуклеарно детонира, ги разнесе топ-листите и ги опседна радио-станиците и неизбежно – сет-листите на тезга-бендовите. По оваа комецијализација бендот на многумина им се одмили, но сите тие се самоказнија бегајќи од заразните и моќни мелодии истакнати од продуцентството на Дејнџр Маус. Којзнае дали со него пак ќе работат, ама ако мене некој ме прашува, тоа е соработничката комбинација што The Black Keys треба уште повеќе да ја продлабочи.

Beck

Гледано од денешна перспектива, безмалку точно две децении откако го издаде хит-синглот Loser, неверојатно е како распарталавениот лик од тој спот е прераснат во композитор и продуцент чие име е високопочитувано во поп-рок-светот. Господинот Хансен одамна не котирал на топ-листите, ама неговиот потпис изминативе години се најде на плочи од Шарлот Геинзбург, Турстон Мур и Стивен Малкмус. Кога станува збор за соло-остварувањата, тој лани нè почасти со музика по нотации, а стандардно нетипични певливи песни не издал уште од Modern Guilt (2008). Време е.

Queens of the Stone Age

Не ми требаше никаква потврда – и онака сум хардкор Џош Хом фан – ама кога пред некое време го видов како во епизода на No Reservations со Ентони Бурдејн зборува за пустина, храна и за музика, обожавателството скокна неколку скалила погоре. Освен што џедајски пулсира со енергија, грув и мелодија, музиката на QOTSA отсекогаш ми зрачела со неверојатна вкусност што е резултат на хедонизмот низ којшто членовите минувале додека ја создавале. Ваквите импресии како да недостасуваa од последниот студиски оброк Era Vulgaris, а со оглед на тоа што оттогаш минаа цели шест години, Joshua Michael Homme III имал доволно време да ги подосвежи мирудиите во рецептот.

Tool

По основањето кон крајот на 80-тите години, Tool опстојаа над две децении во коишто објавија одвај четири албуми, но и покрај оскудноста, со една работа никогаш немале проблем – полнење огромни концертни арени. Повеќе ентитет отколку вообичаен рок-бенд, квартетот ревносно си гази по сопствената патека воопшто не оптоварувајќи се дали во очите на критиката (и трендсетерите) се релевантни или излишни. И за новото цеде нема ама баш никакви конкретни информации, а камо ли современи интегрирани маркетинг-техники. Тоа, сепак, не ме спречува опсесивно и речиси секојдневно да го прашувам Google кога изданието конечно ќе се појави. Засега, нема одговор.

My Bloody Valentine

Доколку сакате музика, ама ако навистина ја сакате, ако ја вбројувате меѓу елементите кои во животот вбризгуваат смисла, гарант сте веќе свесни оти албумот што годинава најмногу ќе се исчекува е првиот што My Bloody Valentine ќе го објави по пауза од 22 години. Не е важно дали се перцепирате себеси како страстни почитувачи на нивниот стил или, пак, не можете да го помирисате. Непобитен факт е дека следбеникот на Loveless е настан што не смее да го пропушти ниту еден самодефиниран обожавател на каков било звук што поместува планини. Ова значи дека очекувањата се поставени на претерано високо ниво, но за група со вакво значење, нечесно би било да е поинаку.

Проширена бонус-листа:

15 јануари
A$AP Rocky – LongLiveA$AP
Christopher Owens – Lysandre [екс-Girls]
Free Energy – Love Sign
Pantha du Prince – Elements of Light
Yo La Tengo – Fade

21 јануари
Esben and the Witch – Wash The Sins Not Only The Face

22 јануари
Bad Religion – True North
Guided by Voices – Down By The Racetrack
Ra Ra Riot – Beta Love

29 јануари
Charlie Wilson – Love, Charlie
Chelsea Wolfe- Prayer for the Unborn
Hatebreed – The Divinity of Purpose
Local Natives – Hummingbird
Tomahawk – Oddfellows

5 февруари
Coheed and Cambria – The Afterman: Descension
Eels – Wonderful, Glorious
Frightened Rabbit – Pedestrian Verse
Unknown Mortal Orchestra – II

11 февруари
Foals – Holy Fire

19 февруари
Iceage – You’re Nothing
Jamie Lidell – Jamie Lidell

5 март
How to Destroy Angels – Welcome Oblivion

18 март
Black Rebel Motorcycle Club – Specter At The Feast
Low – The Invisible Way
Clutch – Earth Rocker

19 март
Clutch – Earth Rocker

5 април
Yeah Yeah Yeahs – Mosquito

30 април
Guided by Voices – English Little League

Без датум и наслов:
Black Sabbath
Anthrax
The Dillinger Escape Plan
Iron Maiden
Cynic
Pearl Jam
Alice in Chains
The Strokes
Suicidal Tendencies
Clipse
Q-Tip

Тагови: , , , ,

2 Responses to “Топ 15 албуми што ќе излезат во 2013 [3/3]”

  1. Elena 15 јануари 2013 at 14:58 #

    Мислам дека не ти го бива насловот :) Од кај знаеш дека тие ќе бидат најдобрите албуми кога ниеден уште не е ни излезен? Поарно да пишува најочекувани или како и да се преведува most anticipated. Вака насловот е misleading и нема многу логика, али ти си знаеш :)

    • Александар Саздовски 15 јануари 2013 at 15:06 #

      Држи вода тоа, и јас се мислев како да го формулирам, а да избегнам зборови како “очекувани” и слично. Меѓутоа, немам рангирање и тоа “топ” не секогаш означува “најдобри”, а во овој случај е микс од моите надежи за албумите и проценката дека за нив најмногу ќе се зборува.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>