28/06/2017

Топ 10 недоволно слушани албуми во 2012

Постирано на 03/01/2013 од во Статија

Кога е во прашање рангирањето на музичките албуми во залезот на календарската година се водам од три максими: никогаш да не го сфатам пресериозно, процесот секогаш да ми биде забавен и конечниот резултат во секоја прилика дискутабилен. Со ова ниту од далеку не сакам да кажам оти не стојам зад годинашнава, ланската, таа претходно, а и тие пред неа, туку дека од овие листи најчесто недостасуваат наслови што заслужуват да се вбројат меѓу најдобрите. Најинтересно е што авторите најубаво знаат за кои изданија се работи иако мнозинството од нив се срамат тоа јавно да го признаат. Мене уво не ми чуе и 2013 ќе ја почнам со пост во којшто ги наведувам 10-те остварувања што ми беа дел од плејлистата, но од икс-причини тоа слушање не беше на нивото доволно за да ги вметнам од 50-тото до првото место. Можев да ги ставам, не дека не, ама така ќе позирав, наместо да дадам вистинска слика за тоа кои дискови ме преокупирале последниве 12-ина месеци. А вака имам и плус изговор за објава на уште една топ-листа со плочи што не смеат да се пропуштат.

10. Jack White – Blunderbuss [Third Man]
Знаејќи колку ми се при срце The White Stripes и нивното соголено блуз-рокеришење, се запрепастив кога заклучив дека соло дебито на Џек Вајт го слушав неколкупати и покрај тоа што навистина, навистина, ми се допадна. Има логика во ставот дека ако на албум не му се навраќаш, едноставно, не е доволно привлечен за твоите уши и душа, ама тоа не е правило. Поентата на листава и онака не е да објаснам зошто овие десет диска не сум ги вртел почесто, туку, просто, да им отстапам простор што знам дека го заслужуваат. Нашироко почитуваниот и глобално обожуваниот музичар од Детроит на Blunderbuss тоа го прави со аудиосуровост и композиторска вештина досега чуена во неговото пославно дуо, ама и во проекти како The Dead Weather. Разликата е што сега почесто солира и не се воздржува да биде уште помелодичен, дури и над просекот кој е дозволен за хип-икони од негов калибар. Дефинитивно не е револуционерно, но ова е исклучително забавно, мајсторски напишано и реалистично снимено издание што би требало да го чујат и неприпадниците на вајтовата фановска армија.

9. Errors – Have Some Faith In Magic [Rock Action]
Првото вртење на Have Some Faith In Magic, третиот студиски албум на Errors, остава впечаток дека се работи за адолесцентски, зафркантски, обид за пишување саундтрак на видеоигра од 80-тите, налик на Pac-Man, нејзино спојување со синтисајзерите на Вангелис и со пост-рокерските гитари. Секое следно навраќање разоткрива дека ова размислување ги поставува концепциските рамки на материјалот, а тој, всушност, е сериозно квалитетен, детално реализиран и искрено несекојдневен свеж поглед на фузијата меѓу рокот и електрониката. Разигран и весел како клинци што добиваат “Атари” или “Комодоре” за Нова Година, дискот содржи минути што би исполниле подиум, но најголем процент од него е за интерна употреба. Во такво опкружување можете да си испрограмирате и издизајнираате флипер во умот, а игрицата што ќе ја содржи ќе има една цел – со следното ниво (слушање) да излупите повеќе слоеви од инструменталното богатство наталожено од групата. Освен забава, ова осигурува и лутање низ чудни 2Д/3Д видеолавиринти.

8. Bill Fay – Life is People [Dead Oceans]
Самиот детаљ оти поминале над 40 години, речиси половина денешен човечки живот, додека Бил Феј да издаде албум со нов авторски материјал е доволно интригантен за да му дадете шанса на Life if People. Откако, пак, ќе ги слушнете темите што ги напишал за него, се разјаснува дека временската дупка е занимлива јадица, а трската и конецот се елеганцијата и хуманоста што зрачи од текстовите, мелодиите и хармониите. Ова е соло-остварување во највистинска смисла, на кое што искусниот и подзаборавен пејач освојува со баритонот, ама и со аранжирањето, оркестрациите, пијаното и секако, со зборовите. Помалку мрачна, повеќе потиштена и насочена навнатре, плочата врви низ размислувањата, ставовите, искуствата и емоциите со брзина и енергија на сплав што само е поттурнат, а потоа е оставен сам да плута од притока во река, од река во море, од море во океан. Со таква леснотија нумера преминува во нумера, што гарантира оти збирката, кај најголемиот број слушатели, нема да биде стопирана пред да одѕвони и последната нота.

7. Fiona Apple – The Idler Wheel… [Epic]
Ерата што моментно ја живееме, на социјални мрежи, виртуелно сèприсуство и реално отсуство, на сè помали, а сè покомплексни геџети изродени од непресушната алчност за сèпоседување, полека го заокружува сфаќањето дека, во вакви услови, уметноста, популарната музика особено, треба да биде ослободена од секаква острина. За да ја собере на минијатурните инструментчиња за забава, таа мора да биде компресирана, претерано продуцирана и спакувана за консумирање. Најновото цеде на Фиона Епл е целосна спротивност од сето ова – богато со звуци, живописно, можеби и нападно во пренесувањето на емоциите и замотано во врзоп од идеи, ставови и дилеми. Барокот е термин од којшто – од опиплово познати причини – ми се гади во изминативе неколку години, но токму со него најдобро се опишува накитеноста, дотераноста со детали и разнобојноста на тонови во The Idler Wheel… (целиот наслов е болно долг). Не дека е свиреп, ама тоа го прави само четвртиот авторски диск во кариерата на вокалистката тежок за соџвакување. Ако, пак, таа “пречка” ја надминете, наградата е исполнувачка како неверојатно вкусен француски оброк.

6. White Lung – Sorry [Deranged]
Одамна поминаа времињата кога панкот беше само гневна блујаница кон сè што е дел или гордо ги брани боите на естаблишментот, без разлика што под него се подразбира. Интелектуалност, аналитичност и заплеткан симболизам се некои од елементите што веќе се испреплетени со современата верзија на жанрот, а сепак, старото правило сè уште важи – панкот не треба екстремно да маневрира за да разоткрие дали е разорен или, пак, разблуткавен. За канадскиот состав White Lung, конкретно, доволни се одвај две минути од првата песна Take the Mirror за да демонстрира дека албумот Sorry е брза, бескомпромисна и брутално ефективна хардкор-машина. Таа на располагање има не поовеќе од 20 минути, но ниту една милисекунда од нив не троши на објаснување и за градење терен за внатрешна елаборација и надворешна валоризација. Предводен од продорниот и свиреп, ама и неодоливо мелодичен вокал на Миша Веј, групата меле со енергија на гангстерски касап во Boardwalk Empire. Гигантски бонус е што ова не е безглаво масакрирање, туку интелигентно, ситно, сецкање на голем дел од тоа што моментно нè опкружува и преокупира – каде и да сме.

5. Grimes – Visions [4AD]
Најмногу поради тоа што ми делува нечесно, како кратенка до создавањето песни, на лаптоп-музицирањето сè уште гледам сомничаво и резервирано. Немам ниту најмала дилема, замената на студиото со преносен компјутер во дневната соба е реалност, но и иднина на којашто морам да се навикнам. Ако на овој план може некој да ми помогне, тоа сигурно е Grimes со нејзиниот последен авторски албум, Visions. Снимено од прва до последна нота на GarageBand, софтверот на Apple, ова издание на најилустративен начин ми демонстрира дека ќеифски траки се кријат и во минијатурните чипчиња и процесори. Она што го потпишува Канаѓанката Клер Буше се токму композиции, а не само низа идеално распоредени или хаотично расфрлани електронски звуци на кои им е залепена етикета “само за модерни уши”. На третата плоча, 24-годишната девојка од Ванкувер не ја заборава поп-традицијата, звукот на старите синтизајзери и мелодијата без која не би постоела причина песните да бидат потпевнувани. Оценувајќи според обвивката, авторката можеби имала вознемирувачи визии додека работела на цедето, ама резултатот не е ништо помалку од визионерски.

4. Old Man Gloom – No [Hydra Head]
Секогаш кога ќе ја донесам бесмислената одлука да изгледам македонски телевизиски вести од почеток до крај и згора на тоа, ќе дозволам да ме згази реалноста (и лагите) која во нив се продава, се потсетувам оти светов денес заслужува саундтрак каков што знаат да смислат само бендови од типот на Old Man Gloom. Бестијален, атонален, груб и мамутски тежок, овој пристап, како што и гласно се слуша од No, е отелотворение на неразумноста, идиотизмот и затапеноста на кои што човечката раса сè пофреквентно се потпира. Супергрупата, чии членови талентот го брусат во Isis, Converge, Cave In и Zozobra, на својата петта авторска збирка прави мрсна, бавна, мочурлива и брутална посвета на шизофреничното глобално опкружување. Не е ова очигледен политички албум, туку материјал чие постоење се објаснува само како реакција на швркнатите политики со кои од исток до запад и од север до југ мораме да живееме. Доколку се знае дека таа ситуација ни буди непријатност, истото е гарантирано и со слушањето на оваа плоча. По некое време, сепак, сето тоа се трансформира во пријатно клистирање.

3. Caspian – Waking Season [Triple Crown]
Потребата за инструментални крешченда (не зезајте, зборов владее) и општо, за музика без вокали, а која што не е класика, не можам да се сетам кога и како сум ја развил, но за тоа веројатно се виновни Mogwai и особено Godspeed You! Black Emperor. Првите лани објавија солидно издание, вториве едно од најдобрите во 2012, а сепак, гладот не ми беше соодветно задоволен. Да продолжев да го вртам Waking Season колку што од првото слушање сфатив дека заслужува, апетитот за пост-рок-звук ќе ми беше дури и над потребите нахранет. Составот од Беверли, Масачусетс, Caspian, не е селебрити на жанрот, меѓутоа, на најсвежата колекција се однесуваат како да се меѓу најпознатите имиња кога е во прашање пишувањето, аранжирањето и изведувањето на нумерите. Вешто искористувајќи ги можностите што ги отвора употребата на неколку гитари, бендот креира звук што се распространува на повеќе нивоа и димензии. Со оглед на потентноста, тој може да се интерпретира и доживее на драстично различни начини, а во исто време, ниту еден од тие не е – стерилен.

2. Beach House – Bloom [Sub Pop]
Ретко кој од актуелниве американски и светски независни артисти има способност за зграпчување со мистична и истовремено, магнетна, мелодничност како што тоа лесно им поаѓа од рака на Beach House. До извесен степен слично доживување извлекувам од слушањето School of Seven Bells, но нивниот пристап е поразреден и поинспиративен за (квалитетно) пополнување простор отколку за натпросечно исполнување. Дуото од Балтимор го постигнува второво на последниот албум Bloom со штедлива употреба на инструментално-продукциската палета, а со расфрлање кога е во прашање поттикот за размислување, евоцирање и искусување. Бендот, особено со влакнокревачкиот глас и аскетско-убиствената изведба на Викторија Легранд е специфично сонлив и етеричен, но никако заспивачки и летаргичен. Компонирањето и аранжерските потези на Алекс Скали се приземни, некомпликувани и прочистени, ама проширени со амбиенталност и атмосферичност. Поради тоа, не цути само заразната певливост на вокалистката, туку и потенцијалот за незаборавност на целиот албум.

1. Grizzly Bear – Shields [Warp]
Не ми е познато каква (и дали има воопшто) дрога во воздухот во јужните делови на САД, ама тие што го дишеле, речиси по правило пишуваат музика која во темната соба на умот развива фотографии за бескрајно широки пустини, автопати кои се исправаат до недоглед и фатаморгани со психоделични карактеристики. Основани се и работат во Бруклин, Њујорк, меѓутоа, Grizzly Bear и на последниот диск, Shields, гордо и храбро црпи од фолк и американа-басените за да креира чувство на меланхолија од која што не се танцува, но и не се посегнува по револверот или по шишенцата со пилули. Збогатен со електроника и други модерни дигитални трикови, материјалот добива форма што е нагласено поширока, поекспанзивна, од класичните кантри-корени во кои е израсната оваа актуелна форма. Има и забележливи акустични моменти, повремено ритмичко бегање од средното темно, а мелодиите и вокалното хармонизирање се квалитативно за неколку скалила над сè слично што беше објавено во изминатата година. Четворката на плочава ги симнува штитовите и ги крева и онака високите очекувања за следбеникот.

 

Тагови: , , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>