Милко – Луѓе [PMG, 2013]

На кусата листа со карактеристики на кои што гледам како пресудни за одреден бенд да ја заслужи мојата почит, “напорното работење без кревање џева” е во самиот врв. Музичарите, како и повеќето уметници, се првокласни егзибиционисти, чезнеат за внимание без разлика колку тоа ревносно го негираат. Сè додека нивните албуми ми ги активираат ганглиите, не ми пречи мало (или претерано) самосоздавање и уживање во фамата. Пувањето без основа, особено авторска и квалитативна, за мене и во иднина ќе остане елемент што неприкосновено ќе ме оттргнува од изведувачи кои (не)свесно го практикуваат. Македонија, за ова, крајно неизненадувачки, е почва нагласено плодна како делтата на Ганг или амазонските прашуми. Состави постојат, дискови се издаваат, а многу од нивните креатори не сфаќаат оти времето што го трошат фалејќи се себеси можат да го вложат во пишување подобри песни. “Милко” не е таква група.

По официјалниот старт во 2006, тие објавија две ЕП-остварувања, студискиот албум “Никотин” и неговиот следбеник, “Луѓе”, којшто од неодамна е достапен за бесплатно симнување. Не ги познавам лично, но следејќи ја нивната досегашна активност дојдов до два суштински заклучока – не се кочоперат во јавноста и вредно работат подалеку од нејзините крволочни очи. Изгледа затоа втората долгосвиречка збирка на триото е, во исто време, освежувачки интимна и рокерско-занаетски вешта. Според есенцијата, ова во најголем дел е алтернатива типична за Америка во 90-тите, со одредена доза инди-рок и брит-поп од истата деценија. За разлика од валканоста на звукот од оваа ера, тонот на плочава е прочистен и измазнет, поради што таа воспоставува врска и со актуелната светска гитарска сцена. Ваквиот распоред го прави материјалот помалку носталгичен, меѓутоа, во никој случај не го става во кошот на ретроградните.

Жанровски, стилски и концепциски, “Луѓе” е логично продолжение на “Никотин”, но и негова значително унапредена, созреана, верзија. Најсуштинската разлика е таа што се забележува најпрво – јазикот. Англискиот сега е во втор план, сместен само во траките што го затвораат цедето, а македонскиот е главна алатка за комуникација на составот. Оваа мошне мудра одлука му помага на Сашо Митревски уште поверодостојно да ги преточи чувствата и идеите од зборови во вокални линии. Нема сомнеж оти изборот на букви и писмо на изразување влијае врз финалниот продукт, ама ако песните, сами по себе, не оставаат уверлив впечаток, нема да ги спаси ниту латиница, ниту кирилица. “Милко”, веднаш, на првата, разиграна, трака “Mаѓепсан и чуден свет” истакнува дека МК-гласот и стиховите го фокусирале и онака стегнатото компонирање. Прецизна во замислата и концизна во реализацијата, групата везе мелодии меки како памук.

Нумерите лесно, без напор, се впиваат, што не им е слабост, туку предност која тешко се достигнува. Зборовите полни симболизам и повеќезначност внесуваат длабочина и тежина на целата колекција, а особено на парчиња како “Продолжуваш да сонуваш”, “Без излез” и на шестминутната “Поглед”, каде што составот крилјата ги проширува најхрабро, a ризикот комплетно се исплати. Најхитовски, со лизгачки риф, звучи “Оди без зборови”, а на слично скалило е и сагата за пријателството (или на родителството), “Како си стари”. Инструменталната “Без име” динамично го разбива течението, додека “Ти не си сам” со “панк-фанк” го крева притисокот. Последните две композиции, She Knows Everyone и Never Let Them Win внесуваат шаренило во текстуалниот дел, а на аудиополе, го финишираат албумот како што и почнува – запаметливо и интригантно. На таков начин се сумира ср’жта на материјалот – неговиот екстериер без мачнина се восприема, а ентериерот, крие замрсеност што индивидуално се открива. Исто како сите “Луѓе” за кои што “Милко” свири и пее.

Оцена: 80/100

Артист: Милко
Албум: Луѓе
Датум на објава: 11 јануари 2013
Снимател: Ивица Јанкуловски
Издавач: PMG

Листа на песни:
1. Mаѓепсан и чуден свет – 3:17
2. Продолжуваш да сонуваш – 4:05
3. Како си стари – 3:55
4. Поглед – 6:07
5. Ти не си сам – 2:33
6. Без име – 2:40
7. Без излез – 3:37
8. Оди без зборови – 3:36
9. Never Let Them Win – 4:09
10. She Knows Everyone – 2:53

Слични написи

Остави коментар