20/06/2018

Django Unchained: Разуздана кинематографија

Постирано на 25/01/2013 од во Филм

Откако реши да ја замени кариерата на видеотекар со таа на филмаџија, еден термин е асоцијација за Квентин Тарантино – контроверзен. Оваа класификација му лежи сосема приридно, таа е најлогична доколку се погледнат сите негови дела од дебито “Касапски пци” до денес, а сепак, ако застанете и размислите за секунда, тешко е да се избере еден елемент што од 49-годишниот автор прави мегамагнет за жолчни расправии меѓу дијаметрално спротивставени размислувања. Дали причина за тоа е ултрасвирепото насилство чија крв безмалку прска од екраните врз лицата на гледачите? Тешко, само во изминатава недела во алжирската заложничка драма беа убиени околу 40 лица, повеќето од нив цивили, а овој случај сите го регистриравме како секојдневна појава за која што не е потребно на никаков начин да се реагира.

А можеби повод за бурните реакции се вулгарниот јазик и извртувањето на фактите за да користат во остварувањето на чудачката режисерска замисла? Ниту ова не може да се брои како фактор ако се знае какви опсцености секојдневно рафално се исфрлаат на ТВ и на интернет или колку лаги се препакуваат во амбалажата на вистината. Или поконцизно срочено, скоро сè што се смета за претерано во тарантиновите наслови има уште поекстремен пандан во стварноста. Кога, пак, сè од споменатово ќе се собере се добива единствен збир чија суштина е дека Квентин обожува да создава чиста забава од сериозни, пресвртни и горливи општествени прашања и настани. Оваа лежерност е срцевината на сиот оган што се распалува за проектите на авторот, а особено за двата последни – “Неславни копилиња” (2009) и новиот, веќе лански, “Џанго разузданиот”.

Првиот жонглираше со Втората светска војна и со холокаустот, а вториот опстојува на оставнината на неколкувековното ропство во Соединетите Држави. Интерпретацијата, поточно, узурпацијата (за креативни потреби) на историјата е принцип што Тарантино го користи и на Django Unchained. Сличност со претходникот е одмаздата, со која што, во доминантна, силна или разредена доза, ѕверски се хранат сите квентинови изданија од 1992 година наваму. Во најактуелното, Џејми Фокс е централниот лик, роб којшто германскиот бивш забар Кинг Шулц (Кристоф Волц) го ослободува за да му помогне, но набргу му станува придружник во новата професија – ловец на уцени. Дејствието потоа се претвора во вестерн-кланица во која што наместо сецкање добиток со сатар се мелат луѓе со револвери и со сачмарки.
Жанровски, ама онака нај-најшироко набљудувано, сите филмови на Тарантино ми се комедии. Човекот секогаш користи различни етаблирани кинематографски стилови, ги спојува како диџеј, но на крајот, една од најбитните цели (ако не и носечка) е миксот да предизвикува смеа. Референцирањето, повикувањето на влијанијата и саркастичното потпирање на клишињата се орудијата, а во Django Unchained тие стопроцентно црпат од шпагети-вестернот. Дилемата што тука се поставува е како ропството, бичувањето, понижувањето и сериската употреба на зборот “црнчиште” можат да бидат комични. Спајк Ли веројатно затоа остварувањето го нарече “безобѕирно” како божем се работи за дело на Стивен Спилберг, а не за очекувана квентиновска рашомонијада. Настрана тоа, филмот не го третира овој мрачен период од американската историја без почит, туку без ракавици и со јасна желба да разбуди гнев, како што и Фокс потврдува.

Искрено, во сите кино-приказни што досега сум ги гледал за ропството во САД, не се сеќавам дека кадрите барем малку поцрвенеле од крв, а камо ли да биле исполнети со бруталности и измачувања кои во Django Unchained се чести како бизоните пред да ги истребат. И вакво, апла вулгаризирано, насилството во сторијата е веројатно поблиску до сè што се случувало на “теренот” пред век и кусур, отколку што Холивуд кога било претходно снимил на оваа тема. Воопшто не верувам дека намерата на Тарантино му била да искаже став за неправдата кон афро-американците (отсекогаш ми изгледал на крајно аполитичен), но дури и проектот да пренесува такво нешто, во овој случај тој е сублимат на револт и згрозеност. Исто како што на многумина претпоставувам дека им било откако завршила одјавната шпица (фигуративно, знам дека никој не ја гледа).

Тоа што, од друга страна, сум 100 отсто сигурен е дека авторот со своето ново дело им симнува капа и шмекерски им намигнува – најдиректно – на оригиналниот “Џанго” и на “Мандинго”, но и на сè што е препознатливо за шпагети-вестернот: од реплики, преку фотографија до акциските сцени. Токму во овие сегменти, најтазе насловот на хардкор-кинофилот е генијално снимен, вешто измонтиран и иронично комичен, а згора на тоа, мајсторски споен со изборот на музиката. Претеризмот, буквално во сè, му е најголем сојузник. Самоисмевањето – на жанровите, но и на креаторот – го издигнува над нивото на режисерскиот снобизам во којшто, по некое непишано правило, треба да уживаме. Речникот, кој во исто време е книжевно писмен и улично дрзок, го прави податлив за цитирање и инспиративен за репродуцирање во домашни услови. Сето ова, сепак, не е новина за потписникот на проектот. Квалитативно, тој во најголем дел е на слично силна линија со претходниците, а во речиси исто распоредени дози има и послаби и појаки моменти. Без разлика на тоа, дури и вака, без суштински изненадувања, Django Unchained ги кине повеќето ланци на креативното ограничување. Попат, Тарантино со него држи ѕверска и безочна лекција за тоа како се прави разуздана кинематографија.

Оцена: 85/100

Наслов: Django Unchained [“Џанго разузданиот”]
Премиера: 25 декември 2012
Режија: Квентин Тарантино
Улоги: Џејми Фокс, Кристоф Волц, Леонардо Ди Каприо
Продуценти: Стејси Шер, Реџиналд Хадлин, Пајлар Савоун
Сценарио: Квентин Тарантино
Музика (селектор): Квентин Тарантино
Студио: A Band Apart
Дистрибуција: The Weinstein Company, Columbia Pictures

Галерија со постери од фановите

Тагови: , ,

2 Responses to “Django Unchained: Разуздана кинематографија”

  1. Dragana 28 јануари 2013 at 22:39 #

    Таман си реков: каков супер текст и конечно едно писмено лице на интернетов и наводниците ме убија. Македонскиот јазик има строго утврдено правило за наводниците, односно секаде се пишуваат на овој начин: „“
    Ова е најдобронамерен коментар со цел почесто да гледам вакви текстови на интернет. 🙂 Поздрав

    • Александар Саздовски 29 јануари 2013 at 08:02 #

      Во право си, знам дека така се пишуваат, но тука не се грешни од незнаење, туку од кодната страна 🙂 Ќе прочепкам и ќе се обидам да најдам решение. Фала на читање 🙂


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>