19/08/2018

Cult of Luna – Vertikal [IR, 2013]

Постирано на 21/01/2013 од во Албуми, Музика

За самопрогласен фанатик на научно-фантастичниот жанр и дистописката тема, имам гигантски кратер во солидната гледачка биографија: очиве сè уште не сум ги наградил со “Метрополис” на Фриц Ланг. Близу до исправањето на пропустов дојдов пред две години, кога ремек-делото се проектираше придружувано со изведба на Македонската филхармонија. Обврски, буџетски ограничувања и останати опипливи и измислени организациски оправдувања ме спречија да купам билети за уникатното доживување. Проследувањето на кинематографскиот монолит од 1927 година потоа пак го пикнав во фиока и го прекршив самоветувањето дека ќе најдам начин и време да се нурнам во комплексниот свет креиран за време на германската Вајмарска република. Прашината од оваа моја квазиновогодишна одлука неодамна беше одвеана од тајфунската сила на Vertikal, шестиот студиски албум на шведскиот состав Cult of Luna.

Врската меѓу бендот од Умеа и експресионисичкото остварување со дејствие сместено во 2026 година е мошне едноставна – ланговиот класик послужил како инспирација, но и како цврста мрежа од темели за градење на албумот. Со оглед на тоа што сè уште не сум го гледал филмот (чекам да стаса блуреј-верзијата), не можам цедето да го наречам негов совршен саундтрак, но од кадрите што попат ми се врежале во умот, конекцијата сосема чисто ми се разјаснува. Синтисајзерот во звучната сторија внесува “старински”, Вангелис-момент, кој иако нема допир со “Метрополис”, гласно комуницира на истата вчудоневидувачка СФ-линија. За разлика од денешната фантастика, која е фокусирана на “реалистичката” психологија на индивидуата, минатите наслови од жанрот повеќе се интересираа за редот и поредокот во колективното, како и за местото што во нив го завзема човечноста (и личноста).

Таков, грандиозен, тон, што принудува на потчинување, има Vertikal, слично како што недостижно масивните структури ги заробуваат жителите на мегалополисите. Не само во креациите на Ланг, Филип К. Дик и Исак Асимов, туку и денес, сега, токму во овој момент. Плочата е нагризувачка, сурова и челично тешка, ама не и дехуманизирачка како дистопијата на Ентони Бурџис во “Пеколен портокал”. Информацијата оти Cult of Luna за плочава поттик нашла во “Метрополис” неизбежно создава основа за ваков тип барање и други научно-фантастични референци, но тоа не значи дека групата потегов го избрала за да ја спрашти од актуелното опкружување и да поентира од туѓата слава и генијалност. Со тоа што отворено го кажале мотивот за пишување на изданието, тие малку го поттурнале слушателот во кој контекст и какви рамки да ги ставаат сликите што деветте песни речиси со сигурност ќе ги развијат во темната соба на черепот.

Стилски, сето ова влегува во разбирливо нејасните граници на пост-металот којшто ги покажа забите во делата на Neurosis, а во чија што надградба, покрај Isis, учествуваше и скандинавската формација. По пауза од половина деценија, тие продолжуваат со ист елан да ги мешаат хардкор-вокалите со мрсните слаџ-рифови, амбиент електрониката со мрзливата ритмика и мудрите мелодични решенија со мигови на акустичност. Ова е хеви-музика, во тоа нема ниту зрно сомнеж, но нејзината тежина секогаш се оценува со различна мерна единица. Во I: The Weapon тоа е класично булдожерско малтретирање на жесте жици, а на Vicarious Redemption има форма на 19-минутно скалесто билдање атмосфера како што веројатно се носеле камењата за изградба на Мачу Пикчу. Кусите “вињетки” The One, The Sweep и Disharmonia ова го постигнуваат со дигитален ноиз, Synchronicity со полжавско развлекување, Mute Departure со кулминација од комично широки пропорции, а In Awe оf со смрзнувачка психо-репетиција. На Passing Through, бучавата и потиштената електрична гитара го надополнуваат меланхоличниот, но во исто време, воздигнувачки вокал со кој се затвора обрачот на Vertikal. Искажано во СФ-жаргон, тоа значи дека Cult of Luna го претвориле кругот во вертикала. Кога, пак, ова ќе го пренесете во стварноста, бендот со албумов забележливо исцртува линија која што се искачува високо над облаците на креативноста.

Оцена: 90/100

Артист: Cult of Luna
Албум: ‎Vertikal
Датум на објава: 25 јануари 2013
Тон-мајстор: Магнус Линдберг
Издавач: Indie Recordings

Листа на песни:
1. The One – 2:16
2. I: The Weapon – 9:24
3. Vicarious Redemption – 18:51
4. The Sweep – 3:09
5. Synchronicity – 7:13
6. Mute Departure – 8:44
7. Disharmonia – 0:45
8. In Awe оf – 9:56
9. Passing Through – 6:03

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>