Bad Religion – True North [Epitaph, 2013]

Панкот и стареењето страстно не се мирисаат како што навивачите на “Арсенал” не го поднесуваат “Тотенхем”, локалниот ривал кој секоја година се кочопери, а на крајот се пласира под нив во англиската премиерлига. Жанрот роден како рефлекс на музичкото дудлање во 70-тите години, сличен став има и за општественото статус-кво – сака да го урниса. А кој се бори сè да си остане непроменето – со сите средства расположливи благодарение на дебелите банкарски конта – ако не повозрасните граѓани. Не сакам да кажам дека ова е буквална битка на баби и дедовци против синови и внуци. Судирот е генерациски. Во него, панкот со сиот бес, жар, енергија и стиснати заби е на страната на луѓето што доаѓаат, а чија иднина и место во светот во најголема мера зависат од правилата на игра наметнати од тие што веќе се одлично позиционирани. Следејќи ја логикава, Bad Religion, чии членови иситнија половина век и солидно се ситуирани, одамна требаше да сменат страна, а не да издаваат орен панк-албум како True North.

Со бендот од Лос Анџелес сум поврзан откако хардкор и панк-другарите во “Орце” ги запознаа моиве уши, претходно наштелувани за гранџ и за метал, со нивните мелодии и социјално-интелектуални текстови. Тогаш се слушаше сè што Bad Religion објави на потегот од Suffer (1988) до Stranger Than Fiction (1994). По The Gray Race (1996) и No Substance (1998) стана јасно дека претходните шест плочи ќе бидат меморирани како златна низа на составот. Оттогаш, само The Empire Strikes First ме здрма на сличен, но сè уште далеку од ист начин како тој на дисковите од крајот на 80-тите до средината на 90-тите години. Ова не значи дека последниве скоро две децении групата непотребно постоеше, туку дека издаваше материјал екстремно препознатлив за неа, но којшто се држеше до нивниот најдолен просек. Не ми е јасно од каде и како великаниве на панк-рокот од себе извлекоа вака силна колекција песни по толку долго време. Тоа што и не чувствувам потреба да знам, туку единствено да ја слушам, ја прави True North збирка чија издржаност сама од себе се објаснува.

Најприземен, а истовремено, најсликовит опис за 16-тото цеде на шесторката е оти тоа грабнува во секунда, како нивните “стари добри албуми”. Фразава е клише поголемо од контејнерскиот брод “Марко Поло”, но со неа се појаснува директноста, концизноста и стегнатоста кои што бендот повторно ги пронашол. Просекот на песни и времетраење е ист – 16 во 35 минути – ама Грег Графин и бандата ги исполнуваат со продукција која не е соѕидана за да се слуша погласно на смартфони. Саундот е питом и ненабилдан, поради што сите елементи се кристално разбирливи. Брет Гуревиц е виновникот што Bad Religion панкерската ср’ж отсекогаш ја спојувале со џезерски чист звук. На новата плоча тој е јасен како класиките на групата, а гризе со челуста на модерноста. Дискот поради ова има пакување за уживање, но изделканоста на композициите е таа што ја подвлекува неговата моќ за исполнување. Тие се мали, двеминутни, апчиња, кои со мелодии и умни стихови драстично си го зголемуваат својот полуживот.

Насловната трака не прашува дали сте подготвени, нагло уфрлува во четврта брзина и спринтува како Усаин Болт. Составот со неа од старт обзнанува дека резервоарот му е полн со гориво што има повеќе октани во споредба со неколкуте претходни изданија. Нумерата се впишува на списокот со најимпресивните, по што степенот на квалитет до финишот не се спушта од височините. Динамички, Dharma and the Bomb и Hello Cruel World, со бавното, квазибаладско, темпо мудро ја разбиваат колекцијата отприлика на средина. Шеесетте секунди на Vanity пак ja демонстрираат филозофијата кратко, јасно и ефикасно. Бендот од неа малку зема здив на Nothing to Dismay и Popular Consensus, за до крајот повторно да се посвети на спид-ритмиката. Во меѓувреме, додека песните си отстапуваат место една на друга како што се извршуваат измени на хокеј-натпревар, Графин сето тоа привидно го успорува со стихови, поенти и прашања интелигентно поврзани со големите општествени случувања кои го условуваат животот на малите луѓе. Така, користејќи го терминот за географскиот, Bad Religion со True North дава свој, прониклив и поетски, поглед за пронаоѓањето на индивидуалниот, личниот и внатрешен, вистински север.

Оцена: 82/100

Артист: Bad Religion
Албум: True North
Датум на објава: 22 јануари 2013
Продуценти: Брет Гуревиц и Џо Бареси
Издавач: Epitaph

Листа на песни:
1. True North – 1:56
2. Past Is Dead – 2:39
3. Robin Hood in Reverse – 2:53
4. Land of Endless Greed – 1:53
5. Fuck You – 2:14
6. Dharma and the Bomb – 2:00
7. Hello Cruel World – 3:50
8. Vanity – 1:02
9. In Their Hearts Is Right – 1:59
10. Crisis Time – 2:39
11. Dept. of False Hope – 2:40
12. Nothing to Dismay – 2:07
13. Popular Consensus – 1:53
14. My Head Is Full of Ghosts – 1:46
15. The Island – 1:28
16. Changing Tide – 2:23

Слични написи

Остави коментар