28/06/2017

Топ 50 странски албуми во 2012 [50-31]

Постирано на 26/12/2012 од во Статија

The EvensКриза, криза, криза, ова е мантрата што за сè и сешто се повторуваше изминативе 12 месеци иако на економски план, светот можеби и половина деценија самоуверено и без намера да се отаже, си гази удолу. Кој како си милува и во зависност која деценија им е при срце (најчесто 60-ти, 70-ти, 80-ти или 90-ти), потполно истиот термин се користи и за популарниот звук, но со ова болдирано не се согласувам. Извонредна музика има и денес, таква имаше и годинава, само што, со убиена љубопитност и затворено срце, таа тешко се пронаоѓа. Дел од неа, барем за мене, е сместена на ретроспективната листа со албумите што ми беа на саундтракот на животот во 2012 година. Со гордост можам да заклучам дека, како и секогаш, селекцијата е забележително шизофренична, со широк распон на жанрови, стилови и потправци. Бучната дисторзија на оваа веб-адреса и во иднина ќе има мала предност, ама таа не е безусловна, туку зависи од единствениот судија – ушите. Повеќе внатрешни (инстинктивни), помалку надворешни (разумски). Според нив, овие изданија се најдоа од 50. до 31. позиција.

50. Passion Pit – Gossamer [Columbia]
Синтисајзерот отсекогаш ми бил повеќе комичен, отколку корисен инструмент кога во прашање се рокерските, гитарски, бендови. Последниве деценија и кусур, пак, изникна плејада изведувачи чиј поп-рокенрол е нераздвоив од електро-клавијатурите, а дека е еден од посолидните, Passion Pit пак потврдува на годинашниот Gossamer. Сигурно користат некои ѕверски фенси-машини, ама мене ми се чини како да свират на детски Casio и токму затоа ми се допаѓа спојот на сајзерот со рок-ритмиката и пулсот. Тоа во материјалот внесува привлечен адолесцентски карактер иако аранжирањето и сè што се брои како креативен влог е изработено од раце и ум со интуиција и искуство на возрасни луѓе. Членовите на Passion Pit веројатно се релативно млади, во поп-звукот што го потпишуваат таа веселост доминира. Самиот наслов, пак, Gossamer, нагласува дека во него се крие зрела разновидност, ама мене и понатаму ќе ми биде поинтересно да верувам оти зад сето тоа се крие црвеното чудовиште на Луни Тунс.

49. Eagle Twin – The Feather Tipped the Serpent’s Scale [Southern Lord]
Нискотонското завивање што дава вовед во The Ballad of Job Cain pt. 1, а кое набргу е надополнето од багерски риф и камионски (ама вакви) ритам, веднаш ги расчистува евентуалните дилеми за тоа каков албум е The Feather Tipped the Serpent’s Scale. Не е интелектуален (ниту е глупав), туку е животински. Напишан, снимен и отсвирен од двајца – гитарист и тапанар – материјалот наликува на џиновска гасеница со челуст на ајкула која се поместува милиметар по милиметар и во процесот откинува огромни парчиња од праисконската природа на човекот. Киселината што сето тоа го вари е 50 проценти рифови, 50 отсто ритам и вокал. Севкупниот раствор, на моменти што и не се така малку, е гнасно анимален, нагризува таму каде што инстинктот за преживување царува, а разумот има споредна улога.

48. The xx – Coexist [Young Turks]
Слично како тие на дебито, овие на Coexist се елегантни, сочни, прочистени од било какви непотребности. За разлика од единаесетте на првенчето, 11-те на следбеникот како да немаат душа, како да им недостасува снага за да го кренат слушателот и со свои раце да го доведат до точка од која што нема да има простор за маневар, туку ќе мора речиси без пауза да им се навраќа. Албумот воопшто не е шуплив. Некако дури и здодевно, предвидливо, е потресителен, чувствителен, љубовен како што ретки инди-артисти знаат денес да бидат. Не е ова навреда, туку комплимент – едноставно, од The xx не би требало да се очекува емотивна плиткост. Секогаш можат да разочараат, но барем во тој поглед, вториот диск им е на ниво на тој со којшто планетата ги запозна. Неговата фалинка е што во преголем дел од течението е како лулашка која што ретко менува ритам или, пак, височини на кои што нозете се исправуваат како пушка.

47. Band of Skulls – Sweet Sour [PIAS]
Третото студиско издание на англиската група не внесува новини во рок-песнарката, составено е како течна мешавина од современите и ретро-влијанија на членовите, не буди восклик со уникатноста, а сепак, задоволува најголем дел од неопходностите на тие што сакаат гитари намакани во халапењо сос. Не е толку лутo за да ги одбие сите со слаба толеранција за тврди рифови, ниту, пак, до тоа скалило благo, за да предизвика мрштење кај вљубениците на нивната челична форма. Достапноста овозможена од интернетот нè направи гласни мрчатори за сè што можеби не е револуционерно, ама е занатски изработено според високи музички стандарди. Последната плоча на Band of Skulls со оваа категорија си одговара како слаткото и киселото во кинески ресторан. И Sweet Sour не е звучна храна за навек, ама во патописен, релаксиран, амбиент вкусно го задоволува апетитот.

46. Muse – The 2nd Law [Warner]
Централната порака на албумов, условно кажано бидејќи нема проповедање, е длабоко вкопана во вториот закон на термодинамиката. Алузијата со актуелниот свет е видлива затоа што суштината на овој постулат гласи – економија базирана на бескраен раст е неодржлива. На најтазе цедето на триото, слично како и на претходниците, великите општествени прашања играат значајна ролја, ама носечките повторно се препуштени на музиката и на занаетот на пишување песни. Како и досега, групата во областиве и на The 2nd Law во мнозински дел успеваат на својот препознатливо апсурден начин. Загрижува што малцинскиот пакет, оној што секогаш ги турка на напредок, на растеж, се приближува до точката по која што ќе добие формална обврска да преземе комплетна контрола врз АД “Белами, Волстенхолм и Хауард”. А тоа, како што и самите Muse се свесни, ќе биде погубно за нивната желба за долготрајно одржување на врвот.

45. Burning Love – Rotten Thing To Say [Southern Lord]
На хардкорот и на панкот не им е потребно дополнително вбризгување адреналин за да уште пожестоко да гризат. Без разлика, доколку се најдат будали доволно кадарни тоа да го изведат, а притоа да го направат веродостојно, лутиот рокенрол е течноста со која што треба да се наполни шприцот. Таква инјекција ставаат Канаѓаните Burning Love на вториот студиски албум, Rotten Thing to Say. Јасно се слуша и на примално, ниво се чувствува дека членовите на бендот од Торонто се воспитувани и образувани на хардкор-панк-сцената. Ударите на тапаните имаат таква разорност, дисторзијата пржи со тој гнев, а вокалот низ заби плука зборови со таа детерминираност. Составот сè ова собира на купче, го стега во тупаница и става боксерска ракавица. Во неа, наместо тврд сунѓер, има куп железни шрапнели во кои што е компресирана пргавоста на лик како Џери Ли Луис. Со тој потентен микс групата мава крошиња со мелодија, а конечниот аперкат доаѓа со рефрени што делуваат како да излегле од грло кое не е зарипнато, туку зар’ѓано. Burning Love навистина имале што (гнило) да кажат.

44. Torche – Harmonicraft [Volcom]
Албумот бесрамно илустрира дека Стив Брукс, чиј вокал уште подобро се носи со мелодиите, и бандата се страстни почитувачи на занаетчиската традиција кога во прашање се смислувањето рифови, гласовни линии и нивно аранжирање во куси, просечно триминутни, метал-песни. Тоа е принципот на поп-компонирањето, а четворката од него не само што не бега, туку на најтазе остварувањето похрабро го прегрнува. Дел од песните се побавни, други побрзи, а трети, едноставно, си играат со двете динамики, но сите се исковани на истиот начин, што гарантира дека речиси до крај ќе бидат исчистени од р’ѓа и вишок растопен челик. Певливи се, запаметливи, ама и безобразно цврсти, како што и се очекува од група опседната со хеви-сфаќањето на гитарската дисторзија. Torche сeто овa го усогласува и со Harmonicraft изјавува дека ќе продолжи да се подобрува во занаетот во којшто и онака се мајстори – да создаваат хармонија меѓу метал-нагонот и поп-жанрот.

43. Bloc Party – Four [Frenchkiss]
Не е важно колку групата тоа го мрази, несоборлив факт е дека дебито и понатаму ќе биде референтна точка за можностите на нејзиниот талент. На таа плоча членовите ја пронајдоа рамнотежата меѓу пишувањето потенцијални хит-синглови и материјал што опстојува како целина. Четвртото остварување најмногу е сконцентрирано на вториот аспект – да се креира севкупност – додека грижата за број-еден-парчиња е спуштена на пониско ниво. Цедето е поделено меѓу пост-панк-растурачини (3×3, Team A, Octopus) и певливи подиумски придвижувачи (Real Talk, Day Four, V.A.L.I.S., Truth, The Healing) што перфектно ќе легнат на радио. Квартетот, сепак, сјае во миговите кога сето тоа го врамнотежува (So He Begins to Lie) или целосно се препушта на хард-хеви-елементот (Kettling, Coliseum, We Are Not Good People). Tоа истакнува дека сè што на Bloc Party не им се посреќи претходниот, трет, пат, им дојде на Four со помош од дисторзијата зголемена на куб.

42. The Sword – Apocryphon [Razor & Tie]
Групата од Остин, Тексас, и на четвртото студиско издание во кариерата истакнува оти најдобро вирее во светот на рифовите, придушената дисторзија, епската фантазија и на ѕвонарките. Составот од самиот старт успеа зрело да се истакне и со текот на годините скалесто да се подобри во надградбата на тој ретро-простор со цемент од современата продукција, песок издробен низ модерното гимнастичко инструментализирање и вода филтрирана низ актуелниот спортски начин на компонирање. Бетонот од слушнатото и искусеното, поради пристапов звучи како да е пресно извадено од жанровска мешалка. А The Sword се токму таков бенд. Како почитувачи и воздигнувачи на ликот и делото на Black Sabbath, тие никогаш и не очекувале Златна палма за оригиналност. Доволен им е респект за завидната вештина при практикувањето на дум и на стоунер занаетот.

41. Orbital – Wonky [ACP]
Денешната верзија на Orbital е за нијанса помалку опседната со пишување долги, епски, дводелни траки, но истото чувство на претопување на широките простори (и мисли) во звук и тоа како е присутно. Бендот тоа го прави со оптимистички тон иако има и доволно моменти на потиштеност за да не се случи позитивизмот да премине во панаѓур. Плочава не е типична денс-растурачина без разлика што речиси сите песни имаат сегменти од кои што би се растресле основите на подиумот. Материјалот, додуша тоа важи и за неговите претходници, е воглавно за домашна, индивидуална, употреба, но во него е оставен доволен простор за да може да се прилагоди на лајв-амбиентот. Од понуденово, гарантирано, Orbital ќе направат концертен концепт каков што сè уште ретко кој во електрониката може, ако ништо друго, барем да го ископира, а не да го стигне. И тоа ќе го изведат користејќи “неактуелен”, искривен – Wonky –  и екстремно сопствен музички код.

40. School of Seven Bells – Ghostory [Full Time Hobby]
Албумов сè уште ја носи препознатливата School of Seven Bells магливост која што се слуша и во подинамичната воведна трака, пред да се претвори во голем облак на трип-хоперската Love Play. Претходно, составот отскокнуваше со хармонизациите меѓу двете сестри-пејачки, Клаудија и Алехандра Дехеза. Сега, кога се без првата, можеби се послаби за клучен елемент. Приморани се да ја прифатат судбината на најголемиот број бендови – да имаат еден вокал – но девојката што продолжува со поставата цврсто ја зграпчува шансата и убаво се вклопува во свежата насока. Таа на свој грб носи теми како втората на цедето, кои се помирни, поинтровертни, ама и како третата, Lafaye, чиј диско-ритам е како измислен за понаметливи гласовни одлуки. Алехандра на моменти е најистурен актер на Ghostory, а на други, како на хаус-вкоренетата Low Times повеќе се забележуваат гитарските, ритмички и бас-трикови на Бенџамин Кертис.

39. Martyrdöd – Paranoia [Southern Lord]
Немам поим Martyrdöd за што вриштат, не разбирам шведски, но судејќи по новиот диск, Paranoia, не е тешко да се воочи оти тоа не се рози, градини и прегратки. Можеби бидејќи е снимен во славното студио на Фредрик Нордстром бендот е уште пометализран. Сепак, тие се крастери до коска. Брзото темпо има главен збор, а на вокален план – зборови исплукани низ вклештени заби. Ди-битот е значително помасивен, веројатно поради тон-мајсторот, додека во неколку траки генијално се уфрлени лидови и солажи што ја мелодизираат крајната суровост на збирката. Членовите на Martyrdöd дефинитивно се панкерчишта, ама и проклето увежбани и вешти свирачишта. Материјалот звучи рапаво, неизбрусено, искршено на сите страни, а сепак, стегнато под конец. Згора на тоа, потписниците знаат да склопат јака песна и затоа Paranoia гарантира често преслушување.

38. Wolfbrigade – Damned [Southern Lord]
И покрај високооктанската жолчност, искусното парчосување на инструментите, како и сликовитата продукција, најимпресивна карактеристика на оваа камбек-колекција е запаметливоста. Прецизниот термин е певливост, ама тука е несоодветен бидејќи нема АББА-рефрени на кои што можете и против сопствена волја да се залепите. Пикањето под кожа овде е резултат на мелодијата вешто закопана под површината на жилавите шест жици и кавгаџискиот вокал. Однадвор, ова е исцрпувачка, казнувачка, плоча. Во нејзината утроба, пак, се расфрлани куп мали детали, како гитарски лид, груверски риф-трупец или гласовна отстапка од дисциплираниот лаеж, што свирепата целина ја прават неочекувано привлечна на инстинктивно ниво. Слично како Ace of Spades на Леми и другарите – сите не трзнуваат на нејзиното р’жење, ама прашајте ги, и поголем дел од нив ќе зам’мкаат на песната. Така и Wolfbrigade, на Damned снимиле збирка од песни проклети како сива бригада од волци, а сепак, на праисконско ниво, ѓаволесто воздигнувачки.

37. Steve Von Till, Scott Kelly, Wino – Songs of Townes Van Zandt [Neurot]
Бекграундот на уметниците што ги секцирале траките, величината на нивниот автор, соничната оддалеченост и лиричната блискост, се три занимливи детали кои што ќе добијат повеќе публицитет отколку Songs of Townes Van Zandt. Вистината, пак, е дека збирката е суверената ѕвезда во приказната. Не е ова безгрешно остварување, дел од верзиите, но само на моменти, шлајфуваат. Меѓутоа, по неколку навраќања, нека се и само со гребење на површината, доминантно е чувството на исполнетост. Тука некаде, веднаш по него, е силниот впечаток, можеби и убеденоста, дека од повторни дружби со албумот, од кои што ќе се собираат уште поинтригантни прашања, одговори и пораки, нема бегање. За тоа, најголема заслуга има катарзичната моќ на песните на Таунс Ван Зант. Пуштајќи ги низ каналот на сопствената душа, Стив Вон Тил, Скот Кели и Вино ги препеале крајно лично без вулгарно да им ја изгризат срцевината. Осветлувајќи ги од свеж, непознат, агол, тие не ја чепнале нивната целосност. Приближувајќи ги до нови, неочекувани, генерации и групи слушатели, тие им го продолжиле животот.

36. Two Door Cinema Club – Beacon [Kitsuné]
Затоа, слично како и претходникот, Beacon е искусно склопено поп-дело што цврсто гази на познат терен, ама испукува ритам по ритам, мелодија по мелодија, рефрен по рефрен заразни како вирусот во “Дванаесетте мајмуни”. На дебито, Two Door Cinema Club се претставија како детални познавачи, можеби и научници, на инди-денс-рок-миксот што по стартот на новиот милениум експлодира на Островот. Во оваа точка негодувачите го поставија центарот на метата и го гаѓаа бендот со стрели наострени на нивното невоздржано црпење од непосредното минато. Со право, а сепак, триото ова го изведе изненадувачки вешто, го трансформира во неодоливо весел поп, што на крајот ја направи безмалку неважна тезата за флагрантно фотокопирање. Точно, поради ваков авторски израз не се крева коса од возбуда. Да, ова своеволно ставање во силните рамки на одреден стил не ги втренчува очите. Секако, поради сето ова ганглиите на уметноста не затреперуваат, ама стопала тропкаат, колкови се нишаат, душата игра.

35. Andy Stott – Luxury Problems [Modern Love]
Во годиниве кога поголем дел од човечноста ја конвертираме од крвните садови во интернет-каблите или ја закачуваме на бежични мрежи, се одвива хуманизација на жанрот којшто е генетски поврзан со технологијата – електрониката. Меѓу нив, Енди Стот е еден од подобрите, што го докажува и на Luxury Problems, албум насликан со урбани пејсажи, спектакуларно осветлени сообраќајници, стоички наредени стокатници и – луѓе. Ова е забележливо атмосферична, делумно амбиентална, просторно широка плоча, но страстно, внимателно, склопена, што гарантира дека нема да се истетовира во умот како далечна и дистанцирана. Таа е питома, лелеава, кани на нуркање во нејзините шарени звучни гребени. Има ситуации во коишто повеќе од потребното си дозволува да шлајфува, да лута. И покрај сè, тоа не е пропуст, а камо ли проблем, којшто може да направи грдосија од очигледната убавина на Luxury Problems.

34. Loincloth – Iron Balls of Steel [Southern Lord]
Наполно свесни дека прог-металот не е стил вреден за епопеја, инструменталците Loincloth создале плоча со незадржлива центрипетална сила за десеткување. Сукајќи риф по риф, но не и вртејќи се во круг, американскиот бенд креира вртоглава психо-вртелешка.За разлика од споменатите, дисритмични, колеги, составот именуван според древната ткаенина за заштита од уроци не е фасциниран од џезот. И тој е присутен на првото долгосвиречко издание на групата од Северна Каролина, но неговото место е длабоко под масната рифовска површина. Таа грува, забрзува, забавува, треска, смирува, се вивнува, се спушта, ама не зема здив 40 минути. Фрагментирана е на дури 16 делови, а тие се уште поисцепкани со воловски тешки гитарски трупци. Тие не го прават дискот недвосмислено ремек-дело, туку парче музика со железни муда од челик.

33. El Doom & the Born Electric – El Doom & the Born Electric [Rune Grammofon]
Формацијата предводена од Оле Петер Андреасен, во маало викан Ел Дум, на моменти веројатно и премногу прави посвета (намерно го избегнувам “омаж”) на омилените групи и аудиоформи. Ова е и одредена слабост на материјалот, меѓутоа, бендот во ниту еден момент не губат концентрација и не се претвораат во затскриени тезгари. За креирање дело што можат гордо да го сметаат за своја сопственост, составите не смеат да бегаат од влијанијата, туку треба широкоградо да ги вклучат во авторскиот процес и потоа да ја најдат точката во која што се врамнотежуваат со целосно нивните идеи. El Doom & the Born Electric дошле до тоа откритие, го запечатиле за навек со нагласено живописниот деби-албум и сега можат со мирна глава да го чекаат денот на пропаста. Арно ама, тоа нема да го направат од едноставна причина што не се родени со крв во вените, туку со високонапонска електрична енергија.

32. Enabler – All Hail the Void  [Southern Lord]
Опишано со непсиходелични флоскули, составот креирал метал, хардкор и панк фузија која што е целосно нивна, а во исто време, ги зачувува најсилните предности на споменативе правци. Пресудни, секако, во ова се – убиствените рифови. Знаејќи дека хипердисторзираната гитара кај трите е реакторот, бендот применил дел од засебните пристапи кон неа, но жиците, сепак, најмногу мегавати произведуваат користејќи од најхеви-горивото. Инспирација за акање од патос има од моментот кога воспитаното интро на F.A.T.H. ќе се трансформира во дивјак невозможен за припитомување сè до смртоносната испратница Funeral Dirge. Помеѓу, квартетот се однесува потполно исто како во кусата реченица со која што ја отсликува колекцијата: “Светот е сјебан, а ова е саундтракот на неговата пропаст”. Можеби затоа што потсвесно ми е јасно дека токму тоа нè чека, и тоа не така далеку, толку лесно се навраќам на повикот што Enabler го испраќа со All Hail the Void – сите да ја поздравиме Празнината.

31. The Evens – The Odds [Dischord]
Ијан Меккеј е титан на американската, ама и на светската независна музичка сцена. Ова не е ниту нова, ниту првпат споделена информација, меѓутоа, секогаш кога (сега веќе) 50-годишниот автор, издавач, гитарист и вокалист ќе објави нов материјал, не смее да не се нагласи. Особено кога тој албум е на The Evens, бендот што го води / дели со сопругата, Ејми Фарина. На нивната последна инкарнација, насловена The Odds, џинот речиси ја заборава дисторзијата и целосно се префрла на смирувачката интроспекција. И со Minor Threat, а најмногу со Fugazi, овој Вашингтонец трчаше храбро подалеку од текстуалните очекувања на хардкорот. Спринтот на најсвежото цеде со својата партнерка е претворен во искусен, зрел, изживеан дури, маратон на внатрешни, но и општествени анализи пренесени низ призмата на тазе татко. Нема лигавење, само попроникливо продирање во подземјето на модерниот човек и какви се неговите изгледи и можности во сегашниот сè посуров контекст.

[Утре, 27.12.2012, следуваат албумите од 30 до 11 место на листата]

Тагови: , , , , , , , ,

One Response to “Топ 50 странски албуми во 2012 [50-31]”

  1. Жарко Каранфилов 26 декември 2012 at 14:41 #

    Band of Skulls и Torche ftw!! :)


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>