28/06/2017

Топ 10 МК албуми во 2012

Постирано на 31/12/2012 од во Статија

Да Џака НакотБројот на објавени изданија во музиката е беспредметна статистика за која што никој сериозно не би требало да се возбудува бидејќи еден добар албум од сеќавањето може да збрише полн камион лоши. Годинава, сепак, фактот дека во Македонија се појавија над 40 збирки со авторски, неестраден, звук и згора на тоа, во најголем дел современ, квалитетен и актуелно поврзан со светската сцена, не е само сувопарен и безначаен податок. За тоа пишував и во воведот од ланската листа, а уште повеќе радува што трендот продолжи и во изминативе 12 месеци. Воглавно игнорирани од меинстрим медиумите, особено телевизиите кои известуваа за “ѕвезди” што не промовираа ниту 10 нови колекции, овие изведувачи се срцевиот ритам и душата на времето кое што го живееме и бремето што го носиме. Стилски има сè и сешто – од фолк, преку панк до џез – а сето тоа звучи професионално и пресудно: со песни од кои зрачи нашава реалност. Ова се десетте македонски остварувања што за мене ја означија 2012 година.

10. Culture Development – The 3 of Us [Направи заедно]
Скопското трио прикажува ниво на образованост каква што локалните комерцијални трујачи на етерот никогаш нема да достигнат. И покрај тоа што станува збор за “чувствителен хардкор”, пристапот на составот во иднина ќе си додаде болдиран плус ако во извесна мерка го набилда звукот, ја засили жестокоста и уште похрабро си игра со динамиката. За деби, овие фалинки се мали и прифатливи, а можат и да се гледаат како неколку од потенцијалните насоки во кои што групата има шанса, но и не мора, да се развива. Кој стилско-жанровски правец и да го одберат за следното авторско проширување, членовите не смеат да заборават дека при секој нареден обид за творештво, задолжително треба да се стегнат поцврсто од претходниот пат – и свирачки и креативно. Засега, и во ваквата сурова, недоделкана, а сепак, пристојно обработена форма Culture Development на The 3 of Us отвора биро за културен развој. Како негови први луѓе, тие тројцата можат да им држат предавања на своите поп-врсници и лекции на нивните балон-идоли.

9. Chromatic Point – Златен пресек
Откако првпат ги слушнав прог, фјужн и џезерските превиткувања на просторот и на звукот во раниот опус на “Леб и сол”, веднаш ми се искристализира дека дисторзијата и македонскиот фоклор мераклиски се надополнуваат. На многумина овој микс им е изразено неприроден, особено ако во него се внесе и тежината на металот, но како што тоа извонредно го покажа “Верка”, гневот и традицијата зборуваат на ист јазик. Тоа им е исклучително јасно на членовите на Chromatic Point, кои на дебитo “Златен пресек” го фузираат нашиот етнокод со гимнастичките квалитети на бендови како Dream Theater. На свирачки, чисто инструментален план (каков што е и дисков), тешко оти моментно постои постегнат, попрецизен и пошокирачки увежбан метал-состав во Македонија. Згора на тоа, а можеби и уште позначајно, не забораваат дека мрснотијата мора да има силен грув-темел, којшто тие го наоѓаат и во овдешните искршени и замрсени ритми. Малата фалинка е кај синтисајзерот во миговите на пренагласеност и пренакитеност, со што изнудува дефокусирање од поголемата слика. А таа, сепак, укажува дека и на оро-тактот може квалитетно да се истреска главата и оти аудиотрадицијата, ако знаеш како, можеш да ја претопиш со било кој современ музички жанр.

8. Ljubojna – Brass Fantasy [BZC]
Со оглед на тоа што користи труби и сè слично што, буквално, може да вреска до искривоколчени степени на насмеаност, бендот игра на ризична карта. Искуството, зрелоста и инстинктивната поврзаност со овдешниот аудиокод гарантира дека нема да се посрамотат, а тоа им успева со врвната способност за контролирано инјектирање на блехот, наместо негово брутално шприцање од старт до финиш. Нема дилема, дисков е, пред сè, дувачка егзибиција чиј ритам и грув најмалку што може да предизвика е срамежливо нишање во столица, а најмногу – раце во воздух и танцување. Неговата златна средина, сепак, е таа што го издигнува високо над другите обиди за жнеење на примамливата шареноликост на лимениот звук. Во оваа линија што ги разделува екстремите групата внесува суптилни нијанси на џез и фанк. Скриени под доминантниот свадбарски тон (во најпозитивна смисла), тие го движат остварувањето како што минијатурните запчаници осигуруваат дека часовниците и понатаму точно ќе го мерат времето. Благодарение на бујната, невоздржана и искрена фантазија Ljubojna на Brass Fantasy искористиле рамки нацртани во поодмината ера за од нив денес да направат поинаква, целосно своја, музичка реалност.

7. Хипнополис – Хипнополис [Кран]
Кога го обзнани своето присуство на македонската рок-сцена, матно се сеќавам дека на некој форум или на YouTube околу “Хипнополис” се разви жолчна дискусија. Дали се и колку се копија на “Архангел”, тоа чинам беше глупавото прашање за кое копјата се кршеа како од тоа некому животот да зависи. Сличноста со легендарниот состав кој, да бидеме реални, пристојно си ја извалка репутацијата со неколкуте “реоформувања”, е тука, ама не е ниту клонирачка, ниту, пак, доминантна. Во пристапот на кумановскиот бенд, барем јас, погласно ги слушам Joy Division и другите даркерски алтернативни имиња отколку авторите на Über Makedonische. Влијанијата, сепак, сите што слушаат музика со отворени уши, добро знаат дека се неизбежни, а за секој артист е најважно само едно – да не дозволи тие да го дефинираат. Таква е сликата и со ова првенче кое, иако не се одвојува премногу од жанровската алтер-форма, е исполнето со издржани, зрело напишани, песни. Меланхоличната подлога што тие ја поставуваат перфектно се вклопува со поетските стихови кои се и полни со симболизам. Или кажано без драма-филозофии, ова е мелодично, слушливо и моќно издание од бенд со забележителен потенцијал.

6. Фонија – Зелен, сончев ден [Направи заедно]
И за македонски услови, тоа што младиот скопски состав го засадил, одгледал, набрал и складирал во новото, 30-минутно, цеде е многупати чуено, а во САД е претворено во сцена што не е класичен меинстрим, ама е племенски масовна. Без разлика на тоа, во нашиот локален музички контекст, оваа збирка значително отскокнува, не влегува во извиканата, но во денешно време ирелевантна, перцепција за модернизам. Албумот си се држи до познати мелодични хардкор панк-постулати, меѓутоа, е посконцентриран од некои квазисовремени и опседнати со трендови независни овдешни изданија. Просто кажано, дисков е самоуверено на врвот меѓу сè што излегло во жанров изминативе години. Ако беше поголем дел од нејзината младина ваква, државава немаше да има причина да се грижи за својата иднина. Како што сега стојат работите, само ѝ останува да се надева дека децава музиката ќе почнат да ја запознаваат со “Фонија” и “Зелен, сончев ден”, наместо со Жељко Мерлин Полумента.

5. Smut – Мемоарите на скршениот човек [Password]
Зборовите и музиката групите најчесто одвоено ги креираат, но инстинктот ги спојува двата процеса. А тој е најударен низ призмата на мајчиниот вокабулар. Продукт на ова се песни кои, во суштина, се држат до жанровскиот концепт на модерниот металкор, но поради позитивното локализирање, составот, условно кажано, го помакедончил. Во ова не гледам патриотизам – иако, нели, правото на слободно интерпретирање сè дозволува – туку фитил кој во бендот запалил пожесток, поразорен, поблизок до себе, оган на креативност. Двете тројки, од “Демони”, преку “Моето изгубено јас” до “Земјата на сонцето” и од “Музејот на скршени срцa”, “Гробот на предците” до “Човекот со пластично срце” се ср’жта на колекцијата иако и останатите траки се на слично високо ниво. Сите тие не бегаат премногу од метализираната шема на хардкорот, не креваат облакодери на уникатноста. Оваа стандардност, сепак, воопшто не ја намалува вредноста на албумот. Таа е осигурана, спакувана и запечатена со тоа што Smut, држејќи се и ринејќи уште подлабоко во себеси, напишал мемоари на незнаен, скршен, јунак во коишто повеќето од нас можат да се пронајдат.

4. Tonyo San – Синтеза на ум и меч [Шурикен]
Рапот, поточно најголемиот дел од него, во минатото можеби и се водеше од некаков код на самурајска чесност и стремење кон повисоки вредности, но емсијата дозволија индустријата да го претвори во реклама за коли, часовници и злато што никогаш не престанува да се емитува. Така е на планетарно ниво, а и овдешниве рецитатори со нагласено слепило ја следат таа патека. Исклучоци надвор од границиве постојат, а во нивни рамки, тоа е “Легијата” и цела екипа соло-артисти што околу неа гравитираат. Покрај “Божјиот прототип” на Да Џака Накот, и Тонио Сан годинава објави диск што совршено ја илустрира подлабоката, поинспиративната, поисполнителната страна на хип-хопот. Очигледно поттикнат од боречката вештина со којашто е преокупиран овој емси, “Синтеза на ум и меч” е токму тоа што го кажува насловот – претопување на интелигентните стихови со древната филозофија на Далечниот Исток. Во средината на тоа е личното, емотивното, индивидуалното искуство, на авторот кој вешто сече со зборови како што самураите кастреле со катаната. Комплексен концепт, подвлечен со одличен стрип, но Tonyo San целосно го носи на свој грб како вистински шогун.

3. Суперхикс – Африка
Ако во изминативе 15 години постои некаква константа во македонската независна, алтернативна, андерграунд, како сакате наречете ја, сцена, која е лабилна како Ник Кејџ во “Напуштајќи го Лас Вегас”, а сепак, далеку посекси од естрадата, тогаш тоа несомнено е “Суперхикс”. Ви се допаѓала или не, скопската банда инструментале деценија и пол (постојат 18, ама првите три години се висински подготовки), ја полни домашната музичка песнарка со нумери кои се портрет за нивниот талент, ама и на нашето колективно дробење од “вишите” сили. Со потполно ист елан бендот зрачи и на последниот албум, “Африка”. За тие што се водат од категории, ова е ска-панкот кој е синоним за бендот од основањето, секако, засилен со реге, фанк, рокенрол и по некоја доза метал. На иронијата, сарказмот и сеирот во текстовите се гледа дека влијаело созревањето на бендот преку концертните изведби, а тоа доаѓа во преден план и во севкупниот тон на збирката, кој е кристален, жив, вешто увежбан. Тој ја нагласува веселоста на изданието и напред ги исфрла забавно-коментаторските, општествено инспирирани стихови. Комбинација за смеење и за танцување – во ум и на подиум.

2. Да Џака Накот – Божјиот прототип [Шурикен]
Беспарица, невработеност, корупција, прислушкување, членски книшки, дрога, естрада и безизлезност се дел од темите што Џака вешто и сликовито ги сецка во текстовите и ги лоцира инспираторите на нивното етаблирање во државава – моќниците, без разлика дали се политички и криминални, иако двете најчесто се поклопуваат. Уличната поезија во секоја трака е мераклиско продорна, но како целина, сосе ритмите, фаворити ми се “Нитро”, Onetruerp, “Панта реи”, “СК сленг 101″, “Школа живота”, “Апостол” и “Фала за сè”. Одлични се и, условно кажано, хитовите “Ода на гадоста” и “Аха!”, но убедливо најфеноменална трака е “Мојата девојка”. Освен што е епитом за цело издание, оваа композиција е беседа за искрената врска што авторот со години ја води со љубовта на неговиот живот – рапот. Кога на овие стихови ќе се додадат мајсторските продукциски решенија и рефренските мелодии се добива прототип на хип-хоп албум најверодостоен на моментната, божествена, ера од македонското битисување.

1. ХАХАХА – Сиромашни и богати [Направи заедно]
Чиста случајност или не, имаше неверојатна симболика што ХАХАХА својот втор албум го објави на 8 септември, на 21-годишнина од прогласувањето на македонската независност и ништо помалку суштински, што материјалот го наслови “Сиромашни и богати”. Во време кога поделбите по етничка, партиска, политичка, историска и каква уште не линија се порелевантни од кога било, скопското трио потсетува за границата што отсекогаш, а и во иднина најесенцијално ќе ги разделува луѓето – класата на која припаѓаат. Скандинавците овој термин можеби го избришале од речникот, меѓутоа, во земји како Македонија, а зошто да не и уберкапиталистички како САД и Британија, салдото на банковното конто е како билет за поубав, посреќен и поисполнет живот. Феноменалниот успех на триото на следбеникот на “Танго револуционер” се крие во движењето од текстуална симболика до панк-директност со извонредна леснотија. Нема провидно солење памет, само лично согледување и перцепирање на состојбата, нејзино претворање во стихови и спојување со мелодичност која што се спојува со крвните зрнца. А таму, овие песни ќе си останат уште долго, долго, време.

Тагови: , , , , , , ,

2 Responses to “Топ 10 МК албуми во 2012”

  1. Elena 31 декември 2012 at 20:09 #

    Антитело, нешто? :)

    • Александар Саздовски 31 декември 2012 at 20:26 #

      Секоја им чест, ама три песни и две “вињетки” не ги рачунам за албум :-)


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>