21/08/2017

Them Crooked Vultures – Them Crooked Vultures [Columbia, 2009]

Постирано на 07/12/2012 од во Репост

Цинизмот на денешнава реалност со декрет ги забранува очекувањата. Со сè треба да се потсмеваш, во ништо не смееш да веруваш. Полесно, а и покул е така. Подобро да ругаш, отколку да даваш шанса. Слабачки е да гледаш потенцијал, фраерски е надмено да потценуваш. Особено ако во прашање е музиката, поточно соработката на имиња со педигре. Без разлика на миговите кога овој цинизам сакаше да потопи сè пред мене, кога слушнав дека Џон Пол Џонс, Дејв Грол и Џош Хом основале бенд и ќе снимаат албум, инстинктивно, знаев оти одлично ќе функционираат во студио и на бина. За супергрупа составена од членови на Led Zeppelin, Nirvana и Queens of the Stone Age, тоа е трошна, колеблива, надеж. Them Crooked Vultures не почнува музичка револуција, но звучи свежо и моќно како и секој штотуку испилен состав, наместо излитено и издувано како и повеќето доларско мотивирани супергрупи.

Иако сигурно ќе привлечат внимание, ќе продадат културен број албуми и ќе соберат солидни (и заслужени) хонорари за заедничките настапи, TCV не се бенд што ќе покорува топ-листи. Статусот на нивните имиња ќе им обезбеди ПР за кој што секој би сонувал. Спротивно од многу случаи и со незамисливо помали, но маркетиншки понапумпани ликови, Џонс, Грол и Хом создале албум што држи вода, а не е само џиш-обоен сталак за разните трикови на издавачите со масивни буџети за промоција. Ова е диск што дише со белите дробови на луѓето што го напишале. Наместо со кислород, тие се полнеле со уживањето изродено од заедничките импровизации. Храната била забавната страна на креативниот процес. Цинизмот на совремието го осакати веселото лице на рокенролот. Сè што насилно не ви укажува дека е уметност, се смета за ништожно. Ако, пак, хедонистички ги свири рифови и ги пее вокалните мелодии, тогаш е неинтелигентно.

Them Crooked Vultures со таква леснотија подвлекуваат оти не им е гајле за овие баналности, детаљ поради кој плочата ги надминува речиси сите воспоставени нивоа на “кулоќа”. Тоа што го свират е рокенрол, просто и без мегаломански затупувања. Грол мава (удира не е доволно прецизно) по тапаните како во најдобрите денови на Nirvana, Хом пее и позрело од ремек-дело-фазата на QOTSA (албумот Songs for the Deaf), а Џонс е зен-мајсторот што скоро незабележливо ги насочува песните со својот бас, а на моменти доаѓа во преден план со клавијатурите. Изненадува, а ако не и шокира, каква е интеракцијата меѓу тројцата. Во студио денес се прави сешто (и нашиве локалпоп-херои звучат беспрекорно), но не може да се излажира енергијата, взаемната игра на инструментите, духот. Албумот е како деби што бендовите обично го снимаат по неколку години минати на пат, во најголемите дупки, каде што хемијата најсилно ги врзува.

Звукот на материјалот е познат. Продукциски, потсетува на постегната и малку поскапа верзија на Queens of the Stone Age. Целосно е жив, нема вишок килограми. Се чувствува специфичниот стил на секој член, а сепак ниеден од нив нема надредена улога. За нијанса можеби гласот на Хом, но тоа е и за очекување, ако се знае дека впечатливоста на нумерите се должи на неговите вокални мелодии. Авторски, композициите се крајно занатски склопени. Не се револуционерни како ниту еден од матичните бендови на триото, ама тоа воопшто не ги прави безвредни или плитки. Спонтаноста и брзината со која се спакувани за некоја друга тројка би биле точки на пропаста, но Џонс, Грол и Хом очигледно имаат доволна меѓусебна почит и фасцинација што резултирало со цеде што со блага насмевка тече од првата до последната секунда. Извонредно е забавно и неоптоварено, што е искрено потребен контраст на цинизмот што им воведе полициски час на нашите очекувања. Them Crooked Vultures не го почитуваат и сè додека е така, веселиот дух на рокенролот има некаква шанса да преживее.

Оцена: 90/100

Артист: Them Crooked Vultures
Албум: Them Crooked Vultures
Датум на објава: 17 ноември 2009
Продуцент: Them Crooked Vultures
Издавач: Columbia

Листа на песни:
1. No One Loves Me & Neither Do I – 5:10
2. Mind Eraser, No Chaser – 4:07
3. New Fang – 3:49
4. Dead End Friends – 3:15
5. Elephants – 6:50
6. Scumbag Blues – 4:26
7. Bandoliers – 5:42
8. Reptiles – 4:16
9. Interlude with Ludes – 3:45
10. Warsaw or the First Breath You Take After You Give Up – 7:50
11. Caligulove – 4:55
12. Gunman – 4:45
13. Spinning in Daffodils – 7:28

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 16.11.2009]

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>