20/06/2018

The Sword – Apocryphon [Razor & Tie, 2012]

Постирано на 10/12/2012 од во Албуми, Музика

Постојат луѓе, чиј број не е за занемарување, кои се родиле во погрешно време. Или така, најискрено, веруваат. Знаејќи дека ерата за која што сонуваат со отворени очи никогаш вистински нема да ја познаваат бидејќи не ја изживеале лично, единствено што им преостанува е да се филмаат со идеализирана, самоизградена, претстава. Таа може да е резултат на отфрлање, на неснаоѓање, на нереализираност во историскиот период во којшто се фрлени, а може да е и производ на бенигното романтизирање за битисување што засекогаш ќе биде надвор од дофат. Уметниците и можеби најгласно, музичарите меѓу нив, често ја пеат оваа химна која е микс од носталгија, соништа со темели во туѓи сеќавања и возбуда базирана на копањето рудници низ планините од заборавени плочи. Ако е ограничен само на овие три елементи втренчени исклучиво кон минатото, пристапов ми е одбивен. Доколку ја допира сегашноста и посегнува по иднината, постои голема шанса да ме освои. Американците The Sword тоа стабилно го постигнуваат од дебито до најактуелниот албум, Apocryphon.

Групата од Остин, Тексас, и на четвртото студиско издание во кариерата истакнува оти најдобро вирее во светот на рифовите, придушената дисторзија, епската фантазија и на ѕвонарките. Составот од самиот старт успеа зрело да се истакне и со текот на годините скалесто да се подобри во надградбата на тој ретро-простор со цемент од современата продукција, песок издробен низ модерното гимнастичко инструментализирање и вода филтрирана низ актуелниот спортски начин на компонирање. Бетонот од слушнатото и искусеното, поради пристапов звучи како да е пресно извадено од жанровска мешалка. А The Sword се токму таков бенд. Како почитувачи и воздигнувачи на ликот и делото на Black Sabbath, тие никогаш и не очекувале Златна палма за оригиналност. Доволен им е респект за завидната вештина при практикувањето на дум и на стоунер занаетот. И добивање по некое плусче за пишувањето ѓаволски стегнати песни во рамки на овие братски аудиоправци. Надополнувањето со малку треш и класичен хевиметал, но и со забележителни мелодии и динамика, ги прави целосно свои на туѓото.

Нагласеното инсистирање на уникатност и онака е преценето, неодржливо на долг рок и во суштина, нереално. На таа линија, исклучително сочен риф како тој што ја отвора The Veil of Isis и воедно, Apocryphon, лесно може да биде изигнориран оти е спржен во тава користена од голем број претходници. Сите знаеме колку е нездрав зејтинот што се користи за подготовка на повеќе оброци, а очигледно и The Sword се свесни за овој факт на денешното битисување. Затоа, тие во првата нумера, а и во останатите што се надоврзуваат, внесуваат мали деталчиња кои дискот го држат подалеку од фритезата. Гитарата, секако, е секирата со која што групата го сецка својот метал-помфрит, ама таа е доизострена со лепливите вокални трикови на фронтменот Џон Ди Крониз, како и со бунарскиот бас на Брајан Ричи. Тие го полнат материјалот со звучна мрснотија, но одамна е познато дека има холестерол што, всушност, е добар за организмот.

Во тој поглед, вагата на изданиево натежнува задоволително во позитивна насока. Со Cloak of Feathers приказната ритмички се крши, шесте жици цвилат и се спуштаат во подножјата на тонскиот спектар. Преку Arcane Montane ја осознаваме скриената фанк-страна на составот, The Hidden Masters бавно се распостила како лава, а Dying Earth спидерски нè телепортира во светот на фантастика. Подиумот не изгледа предалеку со помош на Execrator, класичниот дум проколнува од Seven Sisters, а игривоста пак се враќа со Hawks & Serpents. Пред крајот, Eyes of the Stormwitch почнува сталожено и се преобразува во средно напорен хедбенг-фест, додека електро-синтисајзерот најпрво нагло загризува на Apocryphon и му го препушта мелењето на двете гитари. Грувот, во оваа, а и во секоја од траките што водат до неа, е категоријата во која што The Sword скоро и да не прави пропуст. Сам за себе, тој плочата не ја издигнува до форма на музички апокриф што бара особен интелектуален напор за да се разоткрие и од кој се жнеат исти такви приноси. Проширувањето, пак, со песнопишувачкиот мајсторлак на бендот и жестоката свирка, гарантира рокање со замислени инструменти во чест на боговите на дисторзијата. А на нив, јавно или несвесно, верувајте, сите им служиме.

Оцена: 82/100

Артист: The Sword
Албум: Apocryphon
Датум на објава: 22 октомври 2012
Продуцент: Џеј Робинс и The Sword
Издавач: Razor & Tie

Листа на песни:
1. The Veil of Isis – 5:32
2. Cloak of Feathers – 5:25
3. Arcane Montane – 4:06
4. The Hidden Masters – 4:49
5. Dying Earth – 5:22
6. Execrator – 2:46
7. Seven Sisters – 3:30
8. Hawks & Serpents – 4:31
9. Eyes of the Stormwitch – 3:10
10. Apocryphon – 4:59

Тагови: , , ,

2 Responses to “The Sword – Apocryphon [Razor & Tie, 2012]”

  1. темпера 10 декември 2012 at 16:49 #

    После Age of Winters ништо од овој бенд не е доследно за коментар (:

    • Александар Саздовски 10 декември 2012 at 16:53 #

      Баш напротив, си држат до тој жанровски стандард и само ја доделкуваат формата. Ништо револуционерно, али стегнато и искусно.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>