19/08/2018

Skyfall: Воскреснување до небо

Постирано на 04/12/2012 од во Филм

Според сите критериуми, Џејмс Бонд е истрошен, исцеден, застарен филмски лик. На Студената Војна, тој напнат и затскриен, а јавно на сите познат, конфликт меѓу двата светски политичко-економски блока, денешните генерации гледаат како на здодевна лекција од историските читанки. Црвената (СССР) и сината (САД) одамна не се бои кои ги отсликуваат закоравените идеолошки противници. Корпорациите и сè почесто, индивидуите, кои оперираат во сивите пукнатини на глобалното општество ги заменија државите и границите, заедно со сфаќањето дека тие се бранат со натрупување армии. Ако на ова го додадете и светлосно брзиот развој и персонализација на технологијата, се доаѓа до заклучок оти тајните агенти од калибарот на британскиот 007 немаат ниту најситна допирна точка со актуелната реалност. Едноставно, тие треба да се помират со какви било услови за предвремена пензија. Или со смртта. Токму на овој амалгам од теми, споени со прашањето за конечноста, е базиран Skyfall, последниот наслов од кинематографскиот серијал за популарниот шпион кој ѝ служи на Кралицата.

Анализирани надвор од контекст, набројаниве прашања создаваат впечаток дека Бонд се претворил во подлога за социолошка арт-анализа на човечноста силно притисната од модерниве времиња. Не, тој и понатаму е огромна, бучна, возбудлива и првокласна акциска вртелешка. Во рацете на режисерот Сем Мендес, пак, оскаровскиот автор на “Американска убавина”, серијалот го освежува рувото, кое е визуелно стилизирано и сценаристички хумано. Зависно од аголот на гледање, таков квалитет во Skyfall нема сите да најдат. За тие што би извршиле геноцид врз сите филмски жанрови кои не се драма и донекаде, комедија, секое дело (со меко “л”) што предизвикува зовривање на адреналинот мора да се понижува. Спротивните, како мене, во луна-парковите, освен носечкото – забавата – ископуваат и некаква форма на наивна уметност. Истите тие, во бркотници со моторцикли по покривите на големиот пазар во Истанбул пронаоѓаат апсурдно елегантен балет што вклучува моќни машини на две тркала, каскадери без мозок и магнетен урбан пејсаж. Така и почнува последното поглавје за агентот.

Свесен сум дека вакви термини очекувано е да се користат за остварувања на мајстори како Вернер Херцог и е забрането да се валкаат со вештачката холивудската крв што прска од исценирани тепачки. Ако, сепак, идејата за квалитет би можела да се излее во паричка чие средиште е пополнето со индивидуалната перцепција, на првата страна би стоел 23-иот Бонд, а на втората би легнал документарец од германскиот режисер. Јасно ми е дека со изјавава вулгарно ги прекршувам праисконските заповеди на европските кинематографски богови, но на тоа ме инспирира естетиката на Сем Мендес. Правејќи чекор назад до Casino Royale и заборавајќи го атрофираниот Quantum of Solace, тој го спојува рестартирањето од 2006 година со стрип-принципот на приказна за потеклото и поставува тазе армирана плоча за понатамошнот надградување на серијалот. Додуша, за тоа е заслужно писменото сценарио на Нил Первис, Роберт Вејд и Џон Логан, ама тоа и онака било креирано во соработка со англискиот оскаровец.

Овој детаљ можеби е и главната причина што филмот не е крпеница од замисли кои се менувале како што проектот се движел од долните фиоки кон масата на продуцентите. Се чувствува оти режисерот ја водел екипата кон дефинирана визија што резултирало со целина, течение и ритам со минимални празнини. Акциските сцени се бондовски, до степен на смеење, невозможни. Реализирани старошколски, компјутерскиот отпечаток во нив е разумен, што ги прави уверливи за око и покрај научно-фантастичноста. Ако Пол Гринграс го реформатира модерниот таен агент користејќи документаристичност и ултрабрза монтажа кај Џејсон Борн, мендесовиот 007 води битки во скоро поетско опкружување и со мајсторски визуелни решенија. Несомнено, тој е свесен дека снима жанровски, акциски, проект. И јавноста и критичарите веројатно би му простиле ако последното поглавје за славниот шпион не е кинематографски лично како и неговите високопочитувани драмски остварувања. Фактот, пак, дека тој го применил сето свое знаење и на класично ентертејнмент, поп-културен, наслов како овој, гарантира дека Skyfall до небо ќе го воскресне мегасеријалот. Исто како Џејмс Бонд.

Оцена: 87/100

Наслов: Skyfall [“Небесен пад”, или “Скајфол”, како сакате]
Премиера: 23 октомври 2012 (Велика Британија)
Режија: Сем Мендес
Улоги: Даниел Крег, Џуди Денч, Хавиер Бардем, Наоми Харис
Продуценти: Мајкл Џ. Вилсон, Барбара Броколи
Сценарио: Нил Первис, Роберт Вејд, Џон Логан
Автор на ликот: Ијан Флеминг
Музика: Томас Њуман
Студио: Eon Productions
Дистрибуција: Metro-Goldwyn-Mayer и Columbia Pictures

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>