19/08/2018

Ljubojna – Brass Fantasy [BZC, 2012]

Постирано на 17/12/2012 од во Албуми, Музика

Ставот за блех-музиката го променив од три причини: предрасуди, Њу Орлеанс и Горан Бреговиќ. Првата е очигледна. Како човек што растел и се идентификувал себеси со алтернативната култура, без разлика на нејзината манифестација, од сè што влегувало во категоријата “народно” сум бегал како од македонски политичар (ѓаволот тука не е добра паралела зашто слушам и хевиметал). Поради личната потреба за повремено самопреиспитување и строго тестирање на стереотипите, споменатиов си го срушив штом увидов дека лимените оркестри не се изнасилен транзициски продукт туку навистина долга традиција. До тој заклучок ми помогна и вториот повод – иако не сум бил во Њу Орлеанс, тоа што со фасцинација го читам за градот и најконкретно, што го гледам во серијата Treme, ми укажа дека и во овој звук има убавина што моли да биде откриена. Третата основа за трансфер од негатива во позитива за блехот не е генијалноста на бившиот фронтмен на “Бијело дугме” во жанрот, туку гомнениците што тој ги продава како врвна уметност.

Не дека ми треба, но последен доказ дека шампањ-фекалиите на Бреговиќ не се арт пронајдов во новиот албум на Ljubojna, Brass Fantasy. Сè што е дел од овој материјал е длабоко, исполнето и широко колку што опусот на српскиот евтин шоумен е плитко, празно и тесно. Нека ми простат членовите на македонскиот состав што употребувам ваква паралела (нема да им земам за зло доколку некогаш делат бина со преплатениот глумец бидејќи така барем ќе му одржат лекција), но чувствувам дека таа е нужна оти тезгари како споменатиот во земјава се сметаат за мајстори и покрај тоа што на многу наши, локални, автори не заслужуваат да им бидат ниту чираци. На своето најсвежо цеде, групата, предводена од топ-инструменталистот и аранжер Оливер Јосифовски и секогаш потресната вокалистка Вера Милошевска, решава позната аудиоравенка, но добива неочекуван резултат. На извесно ниво, слично како што пред неколку години Тони Китановски извонредно се спои со “Черкези оркестра”.

Традиционални нумери како “Апсана ме кладе”, “Мори чупи костурчанки”, “Крена Мартината” и “Твојте очи Лено” често се преработувани (крајните две ги има и на дискот Macedonia Fresh), меѓутоа, вешто дозираниот блех и менувањето на емотивниот набој ги осветлува со поинаков, повозбудлив, рефлектор. Сите сме детално запознаени со магнетната меланхолија на старата македонска песна (на цедево е Егејска). “Љубојна” во тоа се поначитани од нас бидејќи на Brass Fantasy им поаѓа од рака да создадат прилично раздвижена, нескротлива, весела атмосфера, а притоа целосно не ја десеткуваат потиштеноста без која овие композиции не би биле целосно свои. Ова е парадокс, ама таков е и животот. Зарем мал е бројот на миговите на тага во кои, според некоја екстремна нелогичност и необјаснивост, пронаоѓаме и зрно среќа. Со оглед на тоа што користи труби и сè слично што, буквално, може да вреска до искривоколчени степени на насмеаност, бендот игра на ризична карта.

Искуството, зрелоста и инстинктивната поврзаност со овдешниот аудиокод гарантира дека нема да се посрамотат, а тоа им успева со врвната способност за контролирано инјектирање на блехот, наместо негово брутално шприцање од старт до финиш. Нема дилема, дисков е, пред сè, дувачка егзибиција чиј ритам и грув најмалку што може да предизвика е срамежливо нишање во столица, а најмногу – раце во воздух и танцување. Неговата златна средина, сепак, е таа што го издигнува високо над другите обиди за жнеење на примамливата шареноликост на лимениот звук. Во оваа линија што ги разделува екстремите групата внесува суптилни нијанси на џез и фанк. Скриени под доминантниот свадбарски тон (во најпозитивна смисла), тие го движат остварувањето како што минијатурните запчаници осигуруваат дека часовниците и понатаму точно ќе го мерат времето. Благодарение на бујната, невоздржана и искрена фантазија Ljubojna на Brass Fantasy искористиле рамки нацртани во поодмината ера за од нив денес да направат поинаква, целосно своја, музичка реалност.

Оцена: 85/100

Артист: Ljubojna
Албум: Brass Fantasy
Датум на објава: 20 ноември 2012
Тон-мајстор: Ален Хаџи-Стефанов
Издавач: BZC (Бајро закон корпорејшн)

Листа на песни:
1. Апсана ме кладе – 4:16
2. Филка мома – 4:28
3. Крена Мартината – 6:56
4. Medley Ljubojna – 9:54
5. Моме оди за вода – 2:36
6. Мори чупи костурчанки – 5:58
7. Твојте очи Лено – 5:58

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>