Amplifier – Amplifier [MFN, 2004]

Навистина би било фино да може за секој албум да се пишува откако сте имале (интензивна или повремена) неколкугодишна дружба. Во трката за актуелност и за временска релевантност, тоа е невозможно. Колку и да е примамливо анализирањето без рокови и ограничувања, задоволството да се претстави нешто свежо, во мигот на своето појавување, секогаш е далеку попривлечно. Често велиме дека првиот впечаток е најважен. Тоа не е круто правило, но факт е оти воведните импресии од што било во животот играат важна улога во крајната перцепција. Затоа, можеби и од страв дека со текот на времето тоа чувство ќе избледи, луѓе се “тепаат” да го објават сопствениот поглед за одреден албум во кусиот период по првото слушање. Постојат случаи кога практично не сме во можност да го искажеме ставот или подоцна сме го откриле цедето, но токму оваа “несреќна околност” ни ја дава непроценливата шанса да пишуваме за некое издание од убава временска дистанца. Во однос на првото цеде на Amplifier , таа изнесува околу пет години. Сосема доволно за храбро да се тврди оти се работи за една од најнеправедно потценетите плочи, но и групи во Велика Британија изминатава половина деценија.

Компонирање: Сезнајната Wikipedia набројува четири жанра што можат да се поврзат со Amplifier: алтернативен, прогресивен и спејс-рок, како и њу-прог (што и да е тоа). Сите се вкрстуваат во песните на бендот, а во миксот на манчестерското трио, секако, влегува и стоунер-стилот, односно божествената почит кон најбитната ствар – рифот (и дисторзираниот бас). А колку ли добри има на албумов, тоа е неверојатно. Интересно е што стандардниот поп-начин на компонирање (строфа-рефрен-строфа) и тука е присутен, но момците на скоро сите траки го прошируваат со моќни гитарски парчиња со епска големина. Такви се и рефрените, масивни, широки, пробивни. Очигледно е влијанието од Led Zeppelin, но Amplifier се побавни и помонолитни во изразот. Ништо на албумот не е мачно за слушање, не малтретира, дури и изненадува со мелодичноста, но бетонски подови се креваат кога Сел Беламир, фронтменот, ќе распали на шестжичаниот митралез.

Продукција: Звукот на албумот оди во прилог, а можеби е и прилагоден на начинот на кој членовите на Amplifier ги пишуваат песните. Доаѓа до израз интелигентната бука, гитарските преломи, но и најбитниот момент: монструозните кулминации што се расфрлани низ повеќето композиции (Airborne тука отскокнува). Речиси ништо не е претерано испеглано, се гледа дека момците биле вклучени во процесот и знаеле што сакаат да добијат: сиров материјал, што пожелно треба да се рока гласно за да се доживее во целост, меѓутоа и на тивко е целосно разбирлив.

Изведба: Нема дилема, тројката од Манчестер знае да свири, особено Беламир, кој е моторната сила на вителот. Amplifier, најпрво, е гитарски, рифовски, ориентиран бенд, а потоа се` друго. И басистот Нил Махони има моменти на кои брилјира (интрото на Panzer крши цигли со глава), но во основа, се држи до особено ниските тонови што само ја нагласува моќноста на звукот. Истото го прави и тапанарот Мет Бробин. Директен и едноставен, меѓутоа и прецизен во крајна мера, тој е најсоодветен столб во ритмички поглед. Укажува дека Amplifier се бенд што може да отсвири и 10 добри рифа во една песна, но и знае кога да се сконцентрира за да не биде симбол за инструментална маструбација.

Стихови: За бенд чии членови очигледно се ложеле на прогресивниот рок од 70-тите очекувано е да пее за змаеви и митологија, но Беламир е прилично релевантен и талентиран со зборовите. Неговата перспектива е вкоренета кај малиот, прегазен и измачен човек. Првата реченица со која почнува албумот (Motorhead: I sleep deeply every night in a world that’s better than real life), одлично го ја симболизира тематиката на стиховите. Во песните се споменуваат Prozac и LSD, навлеченост на телевизијата, директори што (преносно) смачкуваат работници и романтични филмови од старата холивудска продукција (Old Movies: I’m scratchy and mono as Bogart and you are a sepia Monroe). А има и цела нумера за НЛО, зарем треба повеќе да се објаснува.

Севкупно: Иако тоа што го создаваат членовите на Amplifier е поодамна откриено, причината за квалитетот на нивното деби-цеде е способноста познатото да го телепортираат и да го прилагодат на современата ера. Ама и да не сакате детали и анализи, доволно е само да се каже дека албумот рока на начин што денес ретко се сретнува. Настрана споменатите квалитети, тоа, всушност, е причината зошто мора да го ископате албумов и да му ја дадете шансата што ја заслужува. А потоа заедно ќе се прашуваме од која небулозна причина Amplifier досега не го покориле музичкиот свет.

Оцена: 95/100

Артист: Amplifier
Албум: Amplifier
Датум на објава: 10 мај 2004
Продуценти: Сел Беламир и Стив Лајон
Издавач: Music for Nations

Листа на песни:
1. Motorhead – 6:15
2. Airborne – 8:28
3. Panzer – 7:02
4. Old Movies – 5:50
5. Post Acid Youth – 6:05
6. Neon – 4:16
7. On/Off – 6:33
8. The Consultancy – 4:59
9. One Great Summer – 5:56
10. UFOs – 7:26

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 31.01.2009]

Слични написи

Остави коментар