Steve Von Till – A Grave Is A Grim Horse [Neurot, 2008]

Ако ги следиме рецензиите за албуми со инди-фолк-тематика можеме да сфатиме две мошне очигледни работи: дека оваа музичка форма денес се штанца со слична динамика на нервните сломови на Бритни Спирс во еден месец (прво) и оти последниве години, во американските хипстер-кругови, најмодерно е да се слушаат типови и типки со акустична гитара в рака и стихови нашкрабани на салфета (второ). Трендовите доаѓаат и си одат, а само искрената, музиката во која артистот верува, опстојува дури и откако модата ќе се задави во сопствениот идиотизам. Стив Вон Тил, познат како гитарист и еден од вокалистите на постпсиходличниот хардкор-бенд Neurosis, е многу нешта, но конформист не е едно од нив.

Искусниот музичар, за “најлонските” жици се фати дури десетина години откако се приклучи на револуционерниот состав од Сан Франциско, од 2000 наваму објави два соло-албума во фолк-фазон, а третиот, A Grave Is A Grim Horse се појави пред пет месеци за Neurot Recordings, етикета што ја води заедно со Скот Кели, колегата од Neurosis. Самиот факт дека со “наједноставниот” музички правец почна да си “игра” толку доцна, за многумина е потврда за почитта на Вон Тил кон соголената аудиоформа. А така е, да бидеме реални. Деца, без речиси никакво животно искуство, што се фаќаат за акустична гитара и се обидуваат да бидат Џони Кеш, се смешни, во најмала рака. Секако, има млади чудаци на кои им успева, но тоа се исклучоци, а не правило.

A Grave Is A Grim Horse ја продолжува традицијата што Стив Вон Тил ја начна со претходните две изданија, а денес, осум години по првото цеде, таа е комплетно реализирана и оформена. Како и секој музичар што знае дека нема добри дела без познавање на звучната историја, така и Вон Тил им оддава почит на мајстори како Ник Дрејк (Clothes Of Sand), Мики Њубери (Willow Tree), Таунс Ван Зант (The Spider Song) и Лајл Ловет (Promises), преработувајќи по една нивна композиција. Останатите седум од цедето, врзани со моќниот баритон на Тил, одлично се вклопуваат во целата едноставност и морничавост на изданието. Пејачот на Neurosis не ја крие мрачната страна на својот матичен бенд, туку уште повеќе ја отвора и одлично ја канализира во неколку ноти, силни мелодиски линии и повремени, суптилни, оркестрации.

Текстуално, Вон Тил се држи до спиритуалноста (нерелигиска) што може да се сретне кај Neurosis или, пак, до својата опсесија со минатото, но во случајот со A Grave Is A Grim Horse, таа е многу поблиска, подостапна и не толку “шифрирана”. Како и секој добар фолк од Америка, така и тој на Стив Вон Тил во вашите мозочни бразди ги црта широките простори на оваа огромна земја, отвора прости, но интригантни, човечки дилеми и буквално, ве вкочанува со длабочината на вокалот. Нема овде виски или цигари, меѓутоа, духот на Том Вејтс ги прогонува повеќето песни. Бавни и потресни, тие не ви оставаат многу избор: дури и рецензија е тешко да напишеш за нив. Едноставно, те влечат и бараат од тебе целосно да им се посветиш. А толку се ненакитени, ненаметливи и носталгично хумани.

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 05.09.2008]

Слични написи

Остави коментар