Soundgarden – King Animal [Republic, 2012]

Крис Корнел се пенавеше како куче со беснило изјавувајќи дека Soundgarden никогаш повеќе нема заедно да делат бина, а камо ли да создадат и снимат нов материјал, ама и покрај ова негово непотребно и вештачко силење, кога бендот објави дека ќе ги прави токму овие два чекора, се израдував. Носталгијата одигра улога, но таа не беше главна причина за веселоста. Заедно со Nirvana, Pearl Jam и Alice in Chains, групата од Сиетл, предводена од ѕвер со вокален распон од четири октави и комплетирана со Ким Таил, Мет Камерон и Бен Шепард, е еден од виновниците за мојата тврдокорна зависност од аудиодрога. Духот на минатото ме заскокотка. Сеќавања се намножија, ама новоста за тазе цеде од “звучната градина” ме усреќи бидејќи бев убеден оти составот се растури пред да каже сè што имаше наталожено во креативната визба затоа што беше изеден од бизнисот. Обединувајќи се, квартетот се обиде да докаже дека преживеал нечепнат.

Слушајќи го камбек-албумот King Animal, исчекувањето не стана восхит, а возбудата се претвори во матеница со киселкав вкус на разочарување. Коските, месото, крвотокот и душата на Soundgarden навреме се спасиле од челустите на алчните агенти, менаџери и директори. Залудната битка со нив, како и борбата меѓу членовите, оставиле длабоки лузни кои се забележливо расфрлани по целото тело на последното остварување. Фино и директно сè стартува со Been Away Too Long, ама композицијата, во стил исто толку очигледен како насловот, укажува дека бендот одамна е отсутен, што изгледа влијаело врз падот на калоричноста на горивото што го користи. Звукот веднаш нагласува и оти плочата е поблиска до солидниот Down on the Upside, отколку до ремек-делото и врв во нивната кариера, Superunknown. Мелодично слаџерскиот хеви-класик Badmotorfinger и неговите претходници речиси никаде ги нема.

Недостигнувањето на воспоставените критериуми не е страшно до неподносливо ниво колку што Soundgarden потфрла во песно-пишувачките квалитети. Елементите се тие, штимувањето, тонот, исто така, меѓутоа, стокмено во целина – во индивидуална трака или во севкупното течение – сето ова се држи до млитав просек со одредени изблици на генијалноста препознатлива за групата. Во споменава графа, впечатливо штиклирана е Non-State Actor, чиј кадифен риф, мек грув, искршен ритам и гласовни егзибиции се пикаат под кожа со продорноста на помладата верзија на четворката. Останатите теми со сличен степен на посебност се лоцирани на потегот од третата By Crooked Steps до седмата Taree. Првата од овие отскокнува со челичната гитара која ротира спротивно од стрелките на часовникот, а последната со ползечките хармонии се прикрадува под чаршафот на емоциите.

Помеѓу, пискавиот лид на A Thousand Days Before буди спомени за “супернезнајното”, Blood on the Valley Floor се наметнува со неодоливата развлеченост, а Bones of Birds ги повампирува убавите моменти на Audioslave и ги спојува со пионерските постулати на визионерската сиетловска формација. По ова, Attrition од петни жили се обидува да се истакне како рокерчина. Со нејзината недоволна убедливост, сепак, збирката почнува да се прпелка по удолнина чија лизгава, каллива, подлога потсетува на очајните соло-обиди на фронтменот. Тоа открива дека, статистички, квартетот напишал помалку од половина издание со песни достојни да се поврзуваат со неговата величина. Остатокот можеби и не е фрустрирачки до скалило од кое единствено преостанува – да се замрази бендот. Фактот, пак, оти тоа парче од материјалот е доминантно, е недозволиво за име како Soundgarden. Слабокрвноста на King Animal не го руши нивниот аристократски гранџ-статус, ама јасно потенцира дека останале без значаен дел од инстинктивното, животинско, сетило кое ги направи едни од кралевите на раните 90-ти години.

Оцена: 68/100

Артист: Soundgarden
Албум: King Animal
Датум на објава: 12 ноември 2012
Продуцент: Адам Каспер и Soundgarden
Издавач: Republic

Листа на песни:
1. Been Away Too Long – 3:36
2. Non-State Actor – 3:57
3. By Crooked Steps – 4:00
4. A Thousand Days Before – 4:23
5. Blood on the Valley Floor – 3:48
6. Bones of Birds – 4:22
7. Taree – 3:38
8. Attrition – 2:52
9. Black Saturday – 3:29
10. Halfway There – 3:16
11. Worse Dreams – 4:53
12. Eyelid’s Mouth – 4:39
13. Rowing – 5:08

Слични написи

1 коментар

Sasho 04/12/2012 - 16:50

Ептен слично мислење имам. Половина од албумот вришти од просечност, што е премногу за да крајната оценка биде поголема од 7. Највпечатливи, најинтересни траки ми се 2,3,4,6 и 9 и тоа е отприлика тоа. Посебно ќе ги издвојам рафалната “By Crooked Steps” и “Non-state Actor” со заразниот риф и одличниот текст. “Attrition” звучи ептен B-Side-овски, а “Halfway There” како необјавена трака од некој од соло-албумите на Корнел – да беа изоставени овие две од албумот, мислам дека ќе делуваше “постегната” целината и крајната оценка ќе се подигнеше барем за пола.

Reply

Остави коментар