Звучни резови #6: Animal Collective, Dinosaur Jr, The Killers, Flying Lotus, How to Dress Well, Andy Stott

По нагласено дисторзираното, па културно измешаното, коцките се наместија за на ред да дојде и воглавно електронско издание на “Звучните резови”. Не сум улав да тврдам дека четирите плочи накусо анализирани подолу се убедливо најдобрите годинава од проста причина што жанрот ми е пониско во слушачките приоритети. Без разлика на тоа, некако сум уверен дека, барем кај мене, тие ќе се сместат меѓу највпечатливите сезонава, што е особено вистинито за последните три споменати диска. Дигиталната листа е надополнета и со две гитарски изданија, од кое првото е добропознат доказ за изгубеноста на своевремено големи надежи, а второто е суперпотврда на формата во која што се наоѓаат едни скоро чичковци.

Animal Collective – Centipede Hz [Domino]
Оцена: 75/100
Датум на објава: 4 септември 2012

Ако барате една, единствена, ситница на која што можете да се потпрете дека Animal Collective ќе ја испорача, таа сигурно е дека музиката на бендот секогаш ќе биде – чудачка. Од музичари со уметнички имиња како Avey Tare, Panda Bear, Geologist и Deakin не би се очекувало да соработуваат со Елена Ристеска, нели? Директно со неа не креираа, но на Merriweather Post Pavilion, претходникот на новиот студиски албум, Centipede Hz, експертски раскопаа низ поп-рудникот и создадоа, помалку или повеќе, ремек-дело. На годинашново цеде, се враќаат на фрик-теренот, каде што талкаат, но не се загубуваат.

За групата од Балтимор не може да се каже дека е безидејна. На деветтиот диск, тоа понагласено префрлање на хаотичноста, делува како групата да скита само затоа што им се може, а не оти тоа им оди во прилог на песните. Перкусионистички побогата, со повеќе аналогни инструменти, плочата ја исполнува желбата за цртање поверодостоен пренос на составот од бина на пластика. Подносливо, а сепак, јасно, недостасува поп-жаргонот што го направи осмото остварување пресвртна точка во нивната кариера. Со Centipede Hz, Animal Collective ги користи сите сто нозе, ама заборава дека, одвреме навреме, паметно е некои од нив да земат здив.

Dinosaur Jr. – I Bet on Sky [Jagjaguwar]
Оцена: 85/100
Датум на објава: 18 септември 2012

За класичната алтернатива, толку обожувана од почетокот до средината на 90-тите години, нема место во современиот инди-рок-контекст. Со степенот на квалитет што го инјектира во изданијата по обединувањето во 2005-та, Dinosaur Jr. до одредено ниво, сепак, ја одржува во живот. Оваа романтична приказна продолжува и на I Bet on Sky, наследникот на извонредниот Farm, иако дискот од пред три сезони останува за некое скалило повисоко. Новото, како во педантна оранжерија, ја зачувува свежината која Џеј Маскис и компанија ја компонираат и покрај користењето позната формула.

Трикот е што таа е заслепувачки нивна и секој обид за нејзино рециклирање веројатно би завршил со дебакл. Несомно, ризик од паѓање во иста стапица постои и за бендот основан во 1984 година, но членовите умешно ја избегнуваат пишувајќи фокусирани, концизни, стегнати, песни. Следејќи ги постулатите на аналогната школа, материјалот повторно бега од модерната продукција ала армиран ѕид од звук и дозволува дисторзијата да грми и да гали, во зависност од потребите на нумерите. А мелодиите, што гитарски, што вокални, токму тие се баеги тазе. Поради нив, препознатливиот пристап на Dinosaur Jr. на I Bet on Sky звучи како даунлодиран од небо.

The Killers – Battle Born [Island]
Оцена: 55/100
Датум на објава: 18 септември 2012

Уште кога светот ги запозна со Hot Fuss во 2004 година, The Killers не го криеја својот нагон за поп-мелодии и огромни рефрени како измислени за стадионски спектакли. Три албуми и повеќе од половина деценија потоа, бендот од Лас Вегас оваа потреба ја издигна до ниво на зависност поради што, во крајна линија, најмногу патат нумерите, како што повторно е случај и на Battle Born. Нема ништо лошо во ваквиот пристап сè додека тој не премине во луна-парк вртелешка изработена од евтини материјали, а која извештачено свети како Градот на гревот во кристална пустинска ноќ во Невада.

И на петтото цеде на групата има потенцијални хитови, вокални и гитарски решенија кои ќе креваат илјадници раце во воздух. Вредноста на сето тоа драстично опаѓа штом ќе забележите дека четворката претерано силно се обидува да биде U2, а на моменти и зазвучува на актуелното, комерцијализирано, поглавје на Kings of Leon. Целиот микс е певлив, слушлив, лесен за навлекување, ама неговата опачина е бледа, без хранливост и со недозволиво ниска граница за можно заборавање. The Killers можеби се убедени дека се родени за битка, ама со Battle Born одново потврдуваат дека ја загубиле онаа најважната – со сопствената креативност.

How to Dress Well – Total Loss [Weird World]
Оцена: 88/100
Датум на објава: 18 септември 2012

Не го слушам најфреквентно, ама соулот отсекогаш сум го вбројувал меѓу два-трите најевокативни и најинтимни музички правци. Менувајќи ја кожата, а зачувувајќи ја срцевината, овој жанр опстојува неколку децении. Изминативе години, најприсутна е неговата еволуирана верзија која најмногу се потпира на дабстеп и на електроника. По ланските фантастични интерпретации на овој стил од James Blake и од Jamie Woon, на Тим Крел истото му поаѓа од рака годинава, преку вториот студиски албум, Total Loss, на своето алтер-его How to Dress Well.

Нагласено, можеби и цели 50 проценти, потпирајќи се на вокалите, овој Американец со извонредно наштелувано европско уво за продукција, креирал соголена плоча од која, подеднакво, лазат морници и навираат солзи. Патетична не е ниту најмалку, само е во допир со сè што авторот посакал да го излее во дигитално компонирана песна, како и зборови со кои ја слави романсата и сите плусеви и минуси што со неа доаѓаат. Ова е, газејќи цврсто по линијата исцртана од насловот, меланхолична збирка, колекција на потиштени емоции, меѓутоа, слушањето на Total Loss e дијаметрално спротивно од целосно загубено, напразно потрошено, време.

Flying Lotus – Until the Quiet Comes [Warp]
Оцена: 86/100
Датум на објава: 26 септември 2012

Лаптоп-музичар не е термин којшто буди самодоверба. Со него како да е опфатено сè што е површно (и погрешно) на современата сцена. Без разлика на делумната вистина содржана во оваа предрасуда, факт е оти преносниот компјутер е алатка на сегашното време и од овој предмет не зависи квалитетот на нечие творештво, туку од начинот на којшто е искористен. Стивен Елисон, познат како Flying Lotus, од Los Angeles, на третиот албум во кариерата, неодамна објавениот Until the Quiet Comes, демонстрира дека и “буковите” и “падовите” во себе кријат аудиоживописност која чека да биде откриена.

Неговото последно цеде е токму тоа – амалгам од често контрадикторни звуци, правци и стилови кои се толку вешто сврзани и на крајот изгледаат како да припаѓаат на еден, засебен, жанр. Гледано низ широк објектив, Елисон отсекогаш правел електроника, но и на најтазе изданието таа е збогатена со експерименталност, психоделија и чувство на аналогност. Нема дилема, дискот има јасен дигитален отпечаток, но на моменти што и не се така ретки, тој вдишува и издишува како мајсторска џез-колекција. Материјалот е до тој степен повеќеслоен – и емотивно и мелодиско-хармониски – што, просто, плаче да биде интерпретиран во лајв-амбиент од првокласни џезери. Ама и без тоа, Until the Quiet Comes успева да ја замолчи сета бучава од светот.

Andy Stott – Luxury Problems [Modern Love]
Оцена: 83/100
Датум на објава: 29 октомври 2012

Во годиниве кога поголем дел од човечноста ја конвертираме од крвните садови во интернет-каблите или ја закачуваме на бежични мрежи, се одвива хуманизација на жанрот којшто е генетски поврзан со технологијата – електрониката. Не дека порано немаше таков вид артисти, ама во време на нашата масовна социјализација во етер, наместо на терен, тие добиваат специјална димензија. Меѓу нив, Енди Стот е еден од подобрите, што го докажува и на Luxury Problems, албум насликан со урбани пејсажи, спектакуларно осветлени сообраќајници, стоички наредени стокатници и – луѓе.

Ова е забележливо атмосферична, делумно амбиентална, просторно широка плоча, но страстно, внимателно, склопена, што гарантира дека нема да се истетовира во умот како далечна и дистанцирана. Таа е питома, лелеава, кани на нуркање во нејзините шарени звучни гребени. Има ситуации во коишто повеќе од потребното си дозволува да шлајфува, да лута. Во израз како овој, опседнат од идејата да го ниша слушателот до недоглед, тоа е сосема разбирливо, но Стот можел помалку да се луксузира со ризикот за тестирање на нивното трпение. И покрај сè, тоа не е пропуст, а камо ли проблем, којшто може да направи грдосија од очигледната убавина на Luxury Problems.

Слични написи

Остави коментар