Scott Kelly – The Wake [Neurot, 2008]

Човек може да пишува симфонии со катаљарда инструменти, но ако не го бива да скоцка пристојна песна, мелодија што ќе ти го размрда статус-квото во умот, џабе сите виолински клучеви на светот. Од оваа проста и непобитна причина, акустичниот, соголениот и наједноставниот израз е врелата рингла што не се осудуваат да ја допрат голем број докажани музичари. Скот Кели од Neurosis не е Паганини на електричната гитара, но со својот матичен бенд од Сан Франциско прави песни од кои душата се протресува како кесичка од правосмукалка. Речиси истовремено со колегата од бендот, Стив Вон Тил, Кели во април го објави вториот соло-албум, The Wake, седум години по првиот, Spirit Bound Flesh.

Вториот вокалист и гитарист на Neurosis, како и својот музички соборец, на новото самостојно издание го слушаме во акустична фолк-варијанта. Дека Кели не го прави ова од помодарство е сосема јасно, композициите звучат искрено, а неговиот вокал во ниеден момент не остава впечаток на увежбана рутина што била снимена од неуметнички потреби. Сепак, во авторското мајсторство, Кели е далеку послаб од својот пријател. Не дека е лош, има неколку одлични парчиња на цедето, но целиот пакет, што трае околу 35 минути, јасно ви укажува дека ова не целиот арсенал на еден од основачите на Neurosis. Мелодиски, неговите композиции се попривлечни и “поразбирливи” од тие на Вон Тил, но овој последниов, со акустичната гитара се однесува како сијамски близнак, а не како другар што секој петок те дружи на кригла пиво.

Не верувам дека двајцата музичари ги објавија новите соло-албуми во ист ден само за да ги задоволат сопствените суети или, пак, еден пред друг да докажат кој е подобар – дури и иако е речиси стопроцентно јасно дека Кели има уште да учи, неговите песни се потресно едноставни, но и очигледно емотивни. Ако со електричната гитара катарза се доживува на бесен, адреналински, начин, со акустичната в рака, исто ослободување следи во медитативна, монолошка, форма. Со други зборови, физичка техника не е потребна којзнае колку, а клучно е чувството за погодување вистински ноти и стихови. Кели е свесен за овој факт, одредени мигови солидно ги користи за да го докаже тоа, но на поголем дел од нумерите не успева да биде убедлив до крајно потребните граници.

The Wake е фина колекција на неколку одлични парчиња и повеќе теми што можеле уште малку да бидат доработени. Акустиката на Скот Кели и особено, неговиот длабок и цврст баритон, нема да ја сретнете на друго место, но набргу по првото слушање ќе сфатите дека човеков може да креира и нешто подобро. Иако е неблагодарно да се споредува, фактот дека Стив Вон Тил и Скот Кели во Neurosis се едни од најмоќните двојки на андерграунд сцената, компарацијата на нивните нови соло-албуми е неизбежна, а дури и препорачана. Не дека се различни страни на една паричка, но меѓу нив има доволно разидувања за слушачкото искуство да ви биде уште поинтересно. Пробајте, ќе ви треба најмногу 40 минути.

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 08.09.2008]

Слични написи

Остави коментар