16/08/2018

Rock of Ages: Мјузикл со поминат рок на траење

Постирано на 29/11/2012 од во Филм

Фасцинацијата со поп-културата, особено со меинстрим музиката, од 80-тите години никогаш не ми била блиска. Датумот на раѓање, или поточно, периодот што се смета за клучен за обликување на мојот карактер, секако дека за тоа е највиновен. Настрана тоа што тинејџерството си го идентификувам со 90-тите, и ретроспективно консумирана, осмата деценија од 20-иот век не ми нуди којзнае колку повеќе од шминка, пудра и ондолирани фризури, барем кога хитовите се во прашање. Спротивно од ова, Скопје и Македонија никако да ја излечат злобната бактерија од оваа ера манифестирана, како поинаку, ако не со сет-листите на локалните тезгари. Хранејќи се од вечниот оган на носталгијата, тие и сега забавуваат клинци со песни чија декларација на производство мора да се реставрира за да се прочита. Црпејќи сила од синтисајзерите и вештачката дисторзија, и мјузиклот Rock of Ages се обидува ова време од аудиоисторијата да го претстави во дречливи, болни за очи и уши, романтични бои. И не успева.

Приказната е како текст на некоја од упаљач-баладите што се неразделни од филмот. Девојка, блондинка, нормално, не смее ниту да се помисли дека е поинаква, е на пат со автобус до Лос Анџелес каде што – тапани молам – ќе си ги оствари своите соништа за пеење, слава и љубов. Со омилените плочи во цврста прегратка, таа добива вокално-мелодиски поттик од пензионери, стрини и чичковци (знаете, олошот што вообичаено користи јавен превоз). Лично, тука открив дека се работи за мјузикл. Воопшто немаше да згрешам ако стиснев “стоп”, ама кога журот веќе почна, стиснав заби и дозволив да се претвори во панаѓур. Сторијата набргу потоа еволуира во романса, во чија заднина се испреплетуваат битката на рокерите со авторитетите, се судруваат искреноста на музичарите со алчноста на менаџерите, се соочуваат заштитниците на заповедите на сцената со продадените души и се дисекцира негативното влијание на популарноста врз креативната потентност.

Во овие рамки, изборот на песни е пристоен. Нумерите соодветно се вклопуваат во одмотувањето на заплетот, ама нивното значење, суштина и вредност премногу се издигнати, нагласени, односно се обвиткани во претерано сериозна амбалажа. Со сета почит кон индивидуалното оценување и чување при срце, овие композиции, барем за мене, секогаш ќе бидат врвен пример за несвесна самопародија или инспирација за саркастична забава. Овие два пристапа се пресудни за Rock of Ages да функционира, да биде занимлив, да го оправда сопственото постоење. Не се отсутни, меѓутоа, фактот дека се недоволно присутни во ДНК кодот на филмот осигурува тој да биде сфатен како половичен концепт со неискористен комичен потенцијал. Испливуваат досетки и полусварени шеги, се наоѓаат сцени за кикотење, ама тие се хаотично расфрлани и оддалечени едни од други за да создадат печат на конзистентна целина. Најпросто кажано, сценариото е нежно, а треба да биде безмилосно во исмевањето.

На овој план, нужната храброст ја демонстрираат Том Круз и Алек Болдвин. Бившите мачо-јунаци (ова особено важи за вториот, првиот уште снима акциски мегахитови), се ставаат себеси во актерска рамка потполно свесни дека таа ќе го пеплоса нивниот имиџ – замислен, загубен или актуелен. Дуото, сепак, не го извлекува делото од тињата оти улогите им се споредни и згора на тоа, речиси целата преостаната екипа е бледа како крпа. Младите централни карактери скоро безгрешно ги исполнуваат пеачките задачи. Во поглед на комичноста, единствено облеката и костимите, успеваат малку да им ги спасат образите, што е извонредно сликовит доказ за нивниот талент за поттикнување смеа. Најголем дел од песните што тие ги исполнуваат, сами по себе, се похистерични од водечката глумачка двојка и генерално, од комплетното остварување. Режисерот и авторите веројатно веруваат дека рокенролот искористен во Rock of Ages ќе се памети за навек, за сите времиња. Резултатот од таа наивност, е мјузикл со поминат рок на траење.

Оцена: 53/100

Наслов: Rock of Ages [“Рок за сите времиња”, слободен превод]
Премиера: 15 јуни 2012 (САД)
Режија: Адам Шенкмен
Улоги: Џулиен Хаф, Диего Бонета, Пол Џијамати, Том Круз
Продуценти: Адам Шенкмен, Џенифер Гибго, Тоби Мегваер
Сценарио: Џастин Теру, Крис Д’Ариенцо, Алан Леб
Според мјузиклот: Rock of Ages од Крис Д’Ариенцо
Музика: Адам Андерс и Пер Астром
Песни: Def Leppard, Scorpions, Guns N’ Roses, Joan Jett, Bon Jovi, David Lee Roth, Twisted Sister, Whitesnake и други.
Студио: New Line Cinema
Дистрибуција: Warner Bros.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>